Свет
Париз не верува во резултатите од официјалната истрага за масакрот во Хула
Француското министерство за надворешни работи не ги сфаќа сериозно резултатите од официјалната истрага на Дамаск за настаните во градот Хула, изјави во петок портпаролот на министерството, Бернар Валеро.
Според меѓународните набљудувачи, во масакрот во градот Хула од 25-ти и 26-ти мај убиени се 108 луѓе од кои 49 деца и 34 жени. Поголемиот дел од жртвите, биле застрелани од непосредна близина, а останатите биле убиени во бомбардирањето, покажа извештајот на меѓународните воени невооружени набљудувачи со мандат од Обединетите нации. Советот за безбедност на Обединетите нации на итна седница на 27-ми мај „најостро го осуди“ масакрот на цивилите.
Сириските власти спроведоа официјална истрага, според која масакрот го извршиле анти-владините вооружени групи коишто подоцна ја провоцирале сириската војска за да ја обвинат за трагедијата во Хула.
„Тој злосторнички режим продолжува пред лицето на целиот свет да ја одрекува својата одговорност за она што се случи во Хула, и за сите други злосторства против народот, извршени во периодот од повеќе од една година“, изјавил Валеро на прес-конференција во Париз, пренесува AFP.
Според него, режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад не исполнил ниедна од обврските што си ги поставил, од кои „последната е согласноста за исполнување на мировниот план што предвидува и ставање крај на насилствата“, рекол портпаролот на француското министерство за надворешни работи.
Тој потврдил дека во однос на прашањето за Сирија, Франција ќе работи со Русија. За ова прашање ќе се зборува во петок навечер на состанокот на министрите за надворешни работи на Франција и на Русија, Лорен Фабиус и Сергеј Лавров во Елисејската палата во Парис, кој ќе одржи истовремено со разговорите меѓу францускиот претседател Франсоа Оланд и неговиот руски колега Владимир Путин.
Претходно францускиот претседател не ја отфрли можноста за воена операција во Сирија, доколку таква одлука донесе Советот за безбедност на Обединетите нации. Притоа, Оланд додаде дека Франција е свесна дека во моментов тоа е тешко возможно, со оглед на позициите на Русија и Кина кои се противат на вооружена странска интервенција во Сирија, според урнекот на онаа со којашто во Либија беше соборен режимот на водачот на Либиската Џамахирија, полковникот Моамер ел-Гадафи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Минск го обвинува Вилнус за намерна провокација по прелетувањето на дронот
Белоруското Министерство за надворешни работи денес го повика литванскиот вршител на должноста амбасадор во таа земја, Ерикас Вилканецкас, и поднесе протестна нота откога дронот полета од Литванија, прелета над Белорусија и Полска и се врати во Литванија.
Во соопштението на Министерството се наведува дека Минск ги смета ваквите дејства за намерна провокација не само против Белорусија туку и против Полска, објавува агенцијата „Белта“.
„Ваквите дејства претставуваат закана за безбедноста на Република Белорусија и се директно кршење на меѓународното право, вклучително и Чикашката конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство“, се вели во соопштението.
Дронот наводно прелетал во воздушниот простор на Белорусија во неделата, 30 ноември.
Фото: ЕПА
Регион
Земјоделците и денес ги блокираа патиштата во Грција, протестите се шират во земјатата
Протестите на незадоволните грчки земјоделци поради доцнењето на исплатата на субвенциите од Европската Унија денес се проширија во областа на Солун, каде што колони од трактори стигнаа до наплатната рампа Малгара и го блокираа сообраќајот на националниот автопат кон Атина. Припадници на полицијата првично го затворија пристапот до автопатот кај кружницата Малгара и не дозволија тракторите да поминат, но подоцна конвојот, во придружба на полицијата, стигна до наплатната рампа и постави блокада, јавува грчкиот канал ЕРТ.
Околу 11.20 часот правецот кон Атина беше затворен, а кратко потоа двата правци од националниот пат беа затворени.
Во исто време, има голема мобилизација меѓу земјоделците од источен Солун, кои најавија дека ќе им се придружат на своите колеги од Халкидик на заедничка блокада в среда.
Во меѓувреме, земјоделците во целата земја ги блокираа клучните национални патишта во знак на протест поради, како што велат, високите трошоци за производство, ниските цени за купување и доцнењата во владините плаќања, објави „Јуроњуз“.
На автопатот Атина – Солун, во областа Лариса, блокадата целосно го запре сообраќајот во текот на денот, а полицијата ги пренасочуваше возилата кон алтернативни патишта.
Земјоделските здруженија најавија дека, доколку не добијат одговор на нивните барања, протестите ќе бидат проширени.
Во неделата, за време на првиот ден од протестите на грчките земјоделци во централните и во северните делови на земјата поради доцнењето во исплатата на субвенциите од Европската Унија, тројца земјоделци беа уапсени во судирите со полицијата, а четири лица беа повредени – двајца земјоделци и двајца полицајци, објавија грчките медиуми.
Стотици земјоделци излегоа на улиците вчера блокирајќи ги патиштата со своите трактори во неколку области во знак на протест против конзервативната влада поради проценетиот недостиг од 600 милиони евра помош од ЕУ и други исплати, пренесува „Танјуг“.
Доцнењето на исплатите доаѓа во време на истраги за скандал во кој некои земјоделци наводно фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од ЕУ. Блокадите беа дополнително засилени по апсењето неколку лица минатата недела како дел од истрагата за милионска измама со земјоделски субвенции исплатени од грчката ОПЕКЕПЕ, надлежното тело за распределба на средствата од ЕУ.
Канцеларијата на европскиот обвинител (ЕППО) објави дека прелиминарната истрага утврдила оти 324 лица примиле вкупно 19,6 милиони евра нелегални субвенции.
Фото: ЕПА
Свет
Зеленски по состаноците на Флорида: Тешките прашања остануваат нерешени
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека по американско-украинските разговори на Флорида, некои тешки прашања сè уште треба да се решат.
Тој соопшти дека сега заминува за Европа за да ја обезбеди поддршката од сојузниците, а претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп треба да отпатува во Москва и да го информира Кремљ за резултатите од преговорите.
Интензивната дипломатија продолжи во понеделникот по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центарот изграден од специјалниот претставник на Трамп и претприемач, Стив Виткоф.
Зеленски пристигна во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, а во вторник ќе отпатува во Ирска. Украинскиот министер за одбрана треба да биде во Брисел на разговори со НАТО. Во вторник Виткоф се упатува кон Москва на состанок со Владимир Путин.
Киев и неговите европски сојузници сакаат Вашингтон да го промени предложениот американски мировен план, кој, според извештаите, првично ги почитувал клучните руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали големината на својата армија, да се откаже од амбицијата да се приклучи кон НАТО и да им забрани на западните сили да влезат на нејзина територија.
Киев тврди дека ова би значело капитулација и би ја оставило земјата ранлива на целосна окупација откако Русија ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година.
„Постојат некои тешки прашања што сè уште треба да се решат“, објави Зеленски на X најавувајќи серија состаноци во Европа за да се разговара за заклучоците од преговорите на Флорида. „Ќе биде многу значаен ден“, рече тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој ги води разговорите во клубот „Шел Беј“ на Виткоф во близина на Мајами, во неделата изјави дека Вашингтон е „реалистичен во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимист, особено со оглед на фактот дека постигнат е напредок“.
Претседателот Макрон, кој претходно беше домаќин на разговори за можни европски мировни сили во Украина по војната, го потапка Зеленски по грбот на влезот во Елисејската палата.
Преговорите доаѓаат во момент на сериозна пресвртница за Киев: украинските сили губат територија на фронтот, а земјата е потресена од најголемиот корупциски скандал од почетокот на целосната инвазија.
Шефот на кабинетот на Зеленски, кој ја предводеше украинската делегација на разговорите, поднесе оставка во петокот откога антикорупциските истражители го претресоа неговиот дом. Двајца министри беа отпуштени, а поранешниот деловен партнер на Зеленски беше прогласен за осомничен.
Трамп, кој вети дека бргу ќе ја заврши војната, изрази фрустрација, што се чини дека е недостижен договор.
„Украина има некои сериозни помали проблеми“, им рече Трамп на новинарите во авионот „ер форс уан“ осврнувајќи се на скандалот со корупција. Тој го повтори својот став дека и Русија и Украина сакаат да ја завршат војната и рече дека има добри шанси за постигнување договор.

