Македонија
Јовановски: Македонија да ја следи светската политика во однос на палестинското прашање
Македонија треба да воспостави односи со палестинските власти по завршувањето на Генералното собрание на Обединетите нации, смета новоименуваниот амбасадор во Израел, Петар Јовановски.
Македонија треба да воспостави односи со палестинските власти по завршувањето на Генералното собрание на Обединетите нации, смета новоименуваниот амбасадор во Израел, Петар Јовановски, кој денеска ја претстави својата платформа за дипломатски активности пред собраниската Комисија за надворешна политика.
Јовановски посочи дека политика на Македонија е да го поддржува мировниот процес и евентуалниот договор што може да произлезе од него, но смета дека е грешка што Македонија досега нема воспоставено односи со палестинската управа, што според него, не би значело заземање страна во конфликтот.
„Македонија и Косово се единствените држави во Европа што немаат воспоставени дипломатски односи со палестинските власти. Тоа значи дека Македонија треба да ја следи светската динамика на односите со палестинската организација и треба да воспоставиме односи, но треба тоа го направиме по Генералното собрание на Обединетите нации“, изјави Јовановски.
Дел од пратениците побараа Македонија да изгради став во врска со палестинското прашање во согласност со државните интереси. За дел од нив, заземањето став во однос на тоа прашање не мора да значи загрозување на односите со трети земји.
„Јас мислам дека имаме дволична политика во однос на ова прашање. Автохтон народ, како што се Палестинците да немаат своја држава на своја територија, а ние за тоа да немаме став и да чекаме некој од Европа од САД да ни шепне. Дали ние како Република Македонија можеме да изградиме став, бидејќи во многу случаи и ние сме во таква состојба – некои држави нé оспоруваат и не нé признаваат. Значи ни треба автентичен став, специфичен за Република Македонија“, вели пратеникот Ердоган Сарач.
„Во интерес на Република Македонија е без заземање страна да го задржи силното партнерство со Израел, а истовремено да продолжи со својот стратегиски партнер, Република Турција да ги развива трговските, политичките односи во најдобра можна мерка. Во врска со палестинското прашање, сметам дека дипломатските односи не значат автоматски заземање одредена страна или позиција во каков и да е меѓународен или билатерален спор“, вели Антонио Милошоски, претседател на комисијата.
За дел од пратениците, пак, спорно е што многумина амбасадори за кратко време се преместуваат од една на друга задача и не им се дава можност целосно да го заокружат мандатот.
„Она што во изминатиот период ни се случува, што е една мошне негативна, би рекла несериозна појава, условно речено – дипломатски рингишпил. Ни се случува по случаен избор да се менуваат амбасадори од едно на друго место, остануваат шест месеци, година – година ипол и не се дозволува нашите амбасадори да ги завршат мандатите“, рече пратеникот Маринела Тушева.
Јовановски, во обраќањето пред комисијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Израел, во духот на добрите политички односи. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателот на Албанија во тридневна посета на Македонија, посебен режим на сообраќајот во Скопје
В четврток, петок и сабота, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
Вчера за првпат откако функциниора „Безбеден град“ не е регистрирано ниту едно минување на црвено светло
Првпат откако функциниора системот „Безбеден град“, на 24.02.2026 не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло. На подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 526 прекршоци, од кои 84 се сторени од возачи кои управувале возило со странски регистарски таблички, извести МВР.
За управување на возило со брзина поголема од дозволената регистрирани се 504 прекршоци и 22 за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола. Исто така, изречени се вкупно 17 мерки „забрана за управување со возило“ – сите за управување возило со поголема брзина од дозволената, од кои 13 за брзина поголема од 80 км на час во населено место и четири мерки за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 3.336 возачи, соопшти МВР.
Македонија
Муцунски ќе го пречека хрватскиот министер за надворешни работи: во фокус билатералните односи, економската и секторската соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре и задутре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, извести Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.

