Свет
Здравството и натаму на „црна листа“ кај Светска банка
Светските банкари ја направија првата оцена за вториот заем од ПДПЛ-аранжманот
Светските банкари ја направија првата оцена за вториот заем од ПДПЛ-аранжманот
Брус Кортни и Никола Поповски без заедничка изјава за медиумите
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Македонското здравство никако да се симне од црните листи на главните финансиски ментори на земјава – Светската банка и ММФ. На последните преговори со светските банкари, што завршија вчера, тие повторно испорачале долг список забелешки за нашиот здравствен сектор. Конкретно, Светска банка не е задоволна од тоа што нашите власти сў уште не можат да воспостават контрола во трошењето на народните пари што се собираат во здравствениот сектор.
"Светска банка е задоволна од другите реформи во здравството, но тоа не важи и за финансирањето во оваа област", изјави портпаролот на ресорот за финансии, Маја Богдановска, по финишот на преговорите меѓу Мисијата на СБ и владиниот тим.
Токму од причина што Владата има уште многу да работи за да ја засили контролата на трошењето на здравствениот денар, еден дел од експертите од СБ ќе останат во земјава и во наредната недела. Нивна главна цел е да се работи на отстранување на овие пропусти, со оглед на тоа што здравството е една од клучните реформи опфатени со ПДПЛ-аранжманот.
И ако главниот преговарач на светските банкари, Брус Кортни, вчера доцна попладнето си замина од земјава разочаран од здравственото финансирање тој, сепак, бил задоволен од напредокот што го постигнале властите во реформите во правосудството, за што пред неколку дена и јавно изрече пофалби. Набргу кај нас ќе пристигне и специјален тим од СБ за реформи во судството, со цел да се допрецизира нивниот натамошен тек.
Инаку, овие преговори имаа за цел светските банкари да ја направат својата прва оцена за тоа дали Македонија ги исполнува зацртаните реформи договорени за вториот заем од ПДПЛ, кој ќе тежи исто колку и првиот – 30 милиони долари. Мисијата на СБ во нова контрола ќе дојде на крајот на февруари, веднаш по заминувањето на тимот на ММФ. Последната посета на светските банкари за вториот заем, пак, ќе биде во јуни годинава, бидејќи финалниот рок за исполнување на сите услови истекува веќе во јули.
Инаку, претставниците на медиумите вчера беа збунети што главниот преговарач на СБ, Брус Кортни, и нашиот министер за финансии, Никола Поповски, по завршувањето на разговорите, прв пат не дадоа изјави за јавноста, како што вообичаено се случуваше досега. Таа улога му беше препуштена на портпаролот на ресорот за финансии. Оттаму објаснуваат дека единствена причина е што преговарачите не можеле да го усогласат терминот за давање изјави, со оглед на тоа што Кортни, веднаш по финалниот состанок со Поповски, изразил желба да се сретне со вицепремиерот Минчо Јорданов. Тоа го побарал со цел со него заеднички да се доиспеглаат некои законски акти околу подобрување на бизнис-климата во земјава, за што Македонија веќе доби поддршка од Светска банка преку БЕРИС-програмата. Од Министерството за финансии тврдат дека не постои никаква друга заднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан до Зеленски: Ми ласкаш, но не можам да ги поддржам твоите воени напори
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија не може да ги поддржи украинските воени напори, иако, како што наведе, ќе продолжи да му помага на украинското население.
„Ми се чини дека нема да можеме да се разбереме. Јас сум слободен човек кој му служи на унгарскиот народ. Ти си човек во очајна ситуација кој веќе четврта година не може или не сака да ја приведе војната кон крај, и покрај фактот дека американскиот претседател обезбеди сè што беше можно за тоа“, му порача Орбан на Зеленски.
Во објава на социјалните мрежи, Орбан напиша:
„Затоа, колку и да ми ласкаш, не можеме да ги поддржиме твоите воени напори. Украинскиот народ, секако, и покрај твоите внимателно одбрани навреди, и понатаму може да смета на тоа дека ќе продолжиме да ја снабдуваме вашата земја со електрична енергија и гориво, како и дека ќе продолжиме да им помагаме на бегалците кои доаѓаат од Украина.“
Пораката ја заврши со зборовите: „Останатото ќе го реши самиот живот и секој ќе го добие она што го заслужува.“
Објавата на Орбан уследи по говорот на Володимир Зеленски на Светски економски форум, каде што украинскиот претседател критикуваше дел од европските сојузници, меѓу кои и Унгарија.
Во својот говор, Зеленски порача дека „силите кои сакаат да ја уништат Европа не губат ниту еден ден“ и дека тие можат да дејствуваат и внатре во Европска унија.
„Мора јасно да се каже: секој Виктор што живее од европските пари, а притоа ги распродава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот. И дури и ако некој се чувствува удобно во Москва, не би смееле да дозволиме европските престолнини да станат мали Москви“, рече Зеленски, алудирајќи на унгарскиот премиер.
Украинскиот претседател во истиот говор го критикуваше и поширокиот европски одговор на руската агресија, оценувајќи дека Европа, наместо единствен настап против Русија и градење вистинска глобална моќ, останува „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“.
Фото: ЕПА
Свет
Tрамп испрати порака до Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата порака до рускиот лидер Владимир Путин е дека војната во Украина мора да заврши, по, како што рече, „добри“ разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос во четвртокот.
Американски и украински претставници веќе со недели интензивно водат шатл-дипломатија, додека Киев се соочува со притисок од Трамп да обезбеди мир во речиси четиригодишната војна, и покрај малите знаци дека Москва сака да ги прекине борбите.
По средбата со украинскиот лидер, која траела околу еден час, Трамп изјави дека разговорот бил „добар“, но не изнесе дополнителни детали за неговата содржина. Во средата, Трамп рече дека договорот е „разумно блиску“.
„Мислам дека средбата со претседателот Зеленски беше добра. Тоа е процес што трае“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека американските пратеници денес патуваат на разговори во Москва. На прашањето каква е неговата порака до Путин, Трамп одговори: „Војната мора да заврши.“
Зеленски претходно оваа недела изјави дека ќе отпатува во Давос само ако може да потпише договори со Трамп за американски безбедносни гаранции и финансирање на повоената обнова на Украина, но по средбата немаше индикации дека е постигнат напредок.
Двајцата лидери се сретнале лице в лице околу шест пати откако Трамп минатата година се врати во Белата куќа и ја смени американската политика кон Украина, прифаќајќи дипломатија со Русија.
Свет
Трамп сака промена на режимот во Куба до крајот на годината
Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да поттикне промена на режимот на Куба до крајот на годината, охрабрена од недамнешното апсење на венецуеланскиот лидер Николас Мадуро, пишува „Волстрит џурнал“. Белата куќа се надева дека преку пронаоѓање сојузници внатре во кубанската власт може да се постигне договор што брзо би довел до смена на раководството на островот, со кој од 2019 година владее Мигел Дијас-Канел.
Американски претставници одржуваат состаноци со кубански емигранти и претставници на граѓанското општество во Мајами и Вашингтон, со цел да идентификуваат можни соработници во кубанскиот систем. Притоа укажуваат дека акцијата во Венецуела на 3 јануари била овозможена од агент од најтесниот круг на Мадуро и дека тоа треба да биде предупредување за Куба.
Трамп изразил намера за повторно воспоставување американска доминација во Латинска Америка, што неговите сојузници го нарекле „Донро доктрина“, алузија на Монроовата доктрина од 1823 година. По апсењето на Мадуро, Трамп ѝ се закани на Куба преку социјалните мрежи, порачувајќи дека „нема да има повеќе нафта и пари“, но САД јавно не се заканиле со воена интервенција.
Куба се соочува со сериозни економски проблеми, недостиг од основни производи, масовно иселување и енергетска криза. Економистите предупредуваат дека земјата, која сега зависи од нафта од Мексико и Русија, може да остане без резерви за неколку недели.

