Македонија
Хелсиншки комитет загрижен за насилните протести во Ѓорче Петров
Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази сериозна загриженост за ескалацијата на омразата на етничка основа која настана по убиството на младиот Ангел Петковски.
„Омразата која беше забележана на протестите е еднакво застапена и кај младата и кај постарата популација, но беа забележани и сериозни повици за насилство врз албанската заедница што може да претставува основа за влошување на и онака кревките меѓуетнички односи”, велат од Хелсиншки.
Од таму истакнуваат дека изминативе две години постојано предупредувале дека насилството помеѓу младите и омразата ескалираат и не се забележуваат тенденции на опаѓање и додаваат дека бројот на инциденти, насилство и телесни повреди помеѓу младите од албанската и македонската етничка заедница се во пораст.
Комитетот потсетува дека малкуте апели за смирување на тензиите од страна на носителите на извршната власт очигледно не придонесуваат за спречување на меѓуетничкото насилство.
„Република Македонија не се справи соодветно со последиците од конфликтот во 2001 година и не презема активности за помирување и зближување на двете заедници, а особено кога станува збор за младите и нивното воспитување и образование во духот на соживот и толеранција, наспроти изразениот национализам и пропаганда што се провлекува во училиштата, јавниот простор и семејството”, се вели во соопштението на комитетот.
Од таму додаваат дека помирувањето нема да се случи сè додека носителите на јавни функции без оглед на нивната етничка припадност одбиваат заеднички да се издигнат над своите партиски интереси и продолжуваат со националистичката пропаганда која единствено резултира со постигнување на краткорочни политички цели.
„Хелсиншкиот комитет ги набљудуваше насилните протести во текот на вчерашниот ден и констатира дека и во оваа прилика иницијатори за овие настани се младите луѓе меѓу кои и малолетни лица. Иако полицијата во најголем дел соодветно се справуваше со разгневената толпа, од страна на неколкумина новинари комитетот беше известен за одземање на фото и видео материјал направен за време на протестите. Ваквото постапување е флагрантно прекршување на членот 16 од Уставот на РМ преку кој се гарантира слободата на јавното информирање, примање и пренесување на информации и се забранува цензурата”, се вели во соопштението до медиумите од Хелсиншкиот комитет.
Од таму додаваат дека во конкретниот случај станува збор за своеволно уништување на лична сопственост без за тоа да постои судска одлука./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

