Македонија
ДПМ со поддршка на Студентскиот проглас за заштита на македонистиката

Друштвото на писателите на Македонија(ДПМ) дава целосна поддршка на Студентскиот проглас за заштита на македонистиката во Република Македонија, а по повод предлогот за мирување на студиските групи по македонски јазик и македонска книжевност.
Друштвото на писателите на Македонија(ДПМ) дава целосна поддршка на Студентскиот проглас за заштита на македонистиката во Република Македонија, а по повод предлогот за мирување на студиските групи по македонски јазик и македонска книжевност.
ДПМ смета дека идејата за поставување на студиските програми за македонски јазик и за македонска книжевност во мирување е апсурдна, нелогична и контрапродуктивна за негувањето, развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како основен елемент на идентитетот на македонската нација.
Тргнувајќи од овој факт Друштвото на писателите на Македонија оценува дека нема никаква економска или било која друга оправданост за една ваква непромислена административна интервенција во работата на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности и Катедрата за македонски јазик и јужнословеснки јазици кои се катедри со најдолга и најбогата традиција на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“.
Друштвото на писателите на Македонија се надева дека Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука јавно ќе се откажат од оваа идеја при што и декларативно и суштински ќе застанат во одбрана на македонистиката како еден од столбовите во одбраната на македонскиот национален идентитет. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани на ГАК во Брисел: „Механизмот за владеење на правото претставува огледало на нашата демократска совест“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа на покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ и беше посветен на владеењето на правото. Ова беше второ учество на министри од земјите-кандидатки да бидат на иста маса на формален состанок на ГАК, заедно со земјите членки, во рамки на европскиот Механизам за владеење на правото.
Состанокот беше фокусиран на Извештајот на Европската комисија за 2025 година и на состојбите во четири области: судскиот систем, антикорупцискиот рамковен механизам, медиумската слобода и плурализам и институционалните прашања поврзани со контролните механизми.
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека вклучувањето на Северна Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за европската перспектива на земјата и признание за нејзиниот напредок. Тој посочи дека учеството во формалниот Совет за општи работи, втора година по ред, претставува јасна порака дека земјите кандидати се дел од заедничките напори за унапредување на владеењето на правото во цела Европа.
Муртезани исто така посочи дека Извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат. Во продолжение, тој нагласи дека владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Според него, реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат кон стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
Муртезани потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур, дека Европската Унија нема да биде целосна без Западен Балкан и дека проширувањето е стратешки интерес на цела Европа. Тој истакна дека Северна Македонија учествува во Советот не како набљудувач, туку како партнер кој активно придонесува во заедничките напори за унапредување на демократијата и владеењето на правото.
Муртезани заврши со порака дека зајакнувајќи ја правната држава дома, Северна Македонија ја зајакнува и Европската Унија и дека овој процес не е само национален приоритет, туку заедничка инвестиција во стабилноста, сигурноста и иднината на целата Европа.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Таа ѝ посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, истакнувајќи подготвеност за соработка.
Соговорничките потсетија дека двете држави ги обединува наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, како и тридецениските пријателски односи.
Претседателката се заблагодари за континуираната и гласна словачка поддршка за македонските надворешнополитички цели, особено за членството во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО во регионалните и глобалните безбедносни прашања. За неа, отворањето на македонската амбасада во Братислава во 2021 година е важен придонес за унапредување на билатералното партнерство.
Амбасадорката Хрицова потенцираше дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за прием на нови членки. Таа вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во економијата, културата, образованието и одржливиот развој. Според неа, јакнењето на односите меѓу студентите, уметниците, претприемачите и заедниците е основата на вистинската дипломатија.
Во претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава, обете препознаваат ново поглавје во билатералните односи, што ќе ги поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Говорејќи за силните културни врски меѓу двете држави, претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, за што амбасадорката изрази големо задоволство.
Македонија
Претседателот на Собранието Гаши се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин.
На средбата претседателот Гаши изрази благодарност до пријателска Унгарија за поддршката на патот кон Европската Унија за нашата држава, истакнувајќи ја и финансиската помош на Владата на Унгарија која се вложува во подобрување на инфраструктурата и напредок на капиталните проекти.
Амбасадорот Клеин се заблагодари за средбата и му врачи на претседателот Гаши покана од претседателот на Националното собрание на Унгарија, Лало Ковер, за Конференцијата на претседатели на земјите на Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Будимпешта во ноември.
Претседателот Гаши се заблагодари за поканата и ја истакна Конференцијата како можност за средби и размени на мислења со унгарскиот колега и хомолозите од Југоисточна Европа, како форум во полза на развој на мултилатералната и билатералната соработка, како и напредок во процесот на интеграција во Европската Унија за земјите кандидати.
Претседателот Гаши и амбасадорот Клеин разменија мислења и за актуелните теми, како што се претстојните локални избори, регионалните настани и иницијативи, како и геополитичките настани во Европа и светот.
Соговорниците се заложија за интензивирање на контактите и соработката на парламентарно ниво на сите нивоа.