Економија
Прва блок трансакција на берзата по три месеци

Прва блок трансакција на Македонската берза по три месеци го обележа денешниот трговски ден, искачувајќи го прометот на над 51 милион денари
Прва блок трансакција на Македонската берза по три месеци го обележа денешниот трговски ден, искачувајќи го прометот на над 51 милион денари.
Блок трансакција беше извршена со акцијата на ТГС Технички Гасови Скопје која изнесуваше 33.786.655,00 денари. Предмет на трансакцијата беа 11.045 акции по цена од 3.059,00 денари. Номиналната вредност на една акција од оваа компанија изнесува 50,00 евра, а беа истргувани 7,55% од основната главнина.
Индексите на берзата завршија во црвено и тоа МБИ10 падна за 0,12% на 3.399,67 индексни поени. МБИД го оствари петтиот дневен пад по ред, намалувајќи се за 0,44 насто, ОМБ се спушти за 0,41%.
Официјалниот пазар оствари промет од 15.362.049,00 денари при реализирани 127 трансакции, додека редовниот пазар оствари промет од 35.763.784,00 денари при реализирани 33 трансакции.
Од компаниите кои котираат на официјалниот пазар најмногу се тргуваше со Комерцијална Банка Скопје чиј промет изнесуваше 4.026.170,00 денари. Просечната цена од 3.450,02 денари го продолжи растечкиот тренд иако скромен, со дневно зголемување од 0,21%. Истргувани беа 1.167 акции кои се реализираа преку 23 трансакции.
Алкалоид Скопје оствари промет од 2.116.265,00 денари. Просечната цена изнесуваше 5.813,91 денари со што беше остварен пораст од 0,60%. Истргуваната количина од 364 акции се реализираше преку 23 трансакции. Распонот на цената се движеше од 5.800,00 до 5.850,00 денари.
Прометот на Макстил Скопје изнесуваше 2.116.265,00 денари. Цената од 300,52 денари по акција го смени трендот кој денес беше опаѓачки и со намалување од 0,59%. Истргувани беа 2.906 акции.
Покрај компанијата ТГС Технички Гасови Скопје која беше предмет на блок трансакција, од редовниот пазар висок промет оствари акцијата на Жито Малеш АД Берово. Прометот изнесуваше 627.7560,00 денари, а беше постигната просечна цена од 750,00 денари по акција. Истргувани беа 837 акции преку 5 трансакции.
Акцијата на Македонски Телеком Скопје оствари промет од 498.166,00 денари. Просечната цена изнесуваше 430,94 денари, а беше остварен мал пад од 0,26%. Истргувани беа 1.156 акции преку 9 трансакции. Пет најтргувани хартии од вредност 1. ТГС Технички Гасови Скопје 2. Комерцијална Банка Скопје3. Р.Македонија – Денационализација 084. Алкалоид Скопје5. Макстил Скопје Хартии од вредност со најголем пораст 1. Охридска Банка Охрид 6,79%2. Цементарница УСЈЕ Скопје 6,67%3. Попова Кула Демир Капија 1,71%4. Реплек Скопје 1,12%5. Р.Македонија – Денационализација 06 0,61% Хартии од вредност со најголем пад1. РЖ Фаморд Скопје 42,00%2. РЖ Техничка контрола Скопје 14,67%3. Хотели Метропол Скопје 6,67%4. ОХИС Скопје 4,67%5. Арцелормиттал (ХРМ) Скопје 2,91%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски: Голем раст на градежништвото и транспортот

Бруто домашниот производ порасна за 3.4% во април, мај и јуни. Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија! Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Голем раст на градежништвото, транспортот и складирањето.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлични вести за македонската економија – во месеците април, мај и јуни бруто домашниот производ порасна за 3.4% . Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија!
Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, уште посилен раст од тој во првиот квартал од 7.1%, додека секторот транспорт и складирање порасна за 6.0% .
Со засилената активност во делот на изградба на патишта, инвестиции во железници и проекти од локално значење растот во третиот квартал ќе биде уште посилен благодарение на вредните работници кои работат во секакви временски услови и јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски.
Економија
Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и за стабилност

„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.