Македонија
Собранието ја усвои Предлог – одлуката за избор на потпретседатели
Предлог – одлуката на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, во понеделникот беше усвоена на третата седница во домот на народните избраници и со неа се предвидува во Собранието да се изберат тројца потпретседатели.
Тие треба да се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Собранието на Република Македонија го утврдува бројот на потпретседатели по предлог на претседателот на Собранието.
Пратениците на седницата во понеделникот ги усвоија и предлог-одлуките за основање постојани работни тела на Собранието, за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународната соработка на Собранието на Република Македонија и за објавување оглас за избор на членови на Комисијата за верификација на фактите.
Според резултатите од последните предвремени парламентарни избори на Република Македонија во новиот пратенички состав ВМРО – ДПМНЕ ќе влезе со 61 пратеник, ДУИ со 19, ДПА со 7, Гром со 1 и НДП со еден пратеник.
На седницата Собранието констатираше и прекинување на мандатот на Руфи Османи од редовите на НДП./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И денес магла и ниска облачност, од среда дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а по котлините со магла и ниска облачност. Претежно долж Повардарието ќе дува слаб ветер од јужен до југоисточен правец.
Како што информираат од УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, наутро со магла и претежно тивко.
Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно, а особено на повисоките места и на планините и релативно топло време. Висината на снежната покривка позначително ќе се намалува од средината на следната недела. По котлините и понатаму од наутро ќе биде со магла и постудено.
Повремени врнежи од дожд претежно во западните делови ќе има во среда.
Македонија
Клековски: Не сум виновен за хаосот што го остави СДСМ, нема да поднесам оставка
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, вечерва изјави дека нема да поднесе оставка на барањето на СДСМ, посочувајќи дека партијата нема кредибилитет за таков повик.
Според Клековски, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не понел одговорност за трагичниот инцидент со изгорените пациенти во тетовската болница, што ја прави партијата некомпетентна да бара одговорност.
„СДСМ, чиј лидер Филипче не понесе одговорност за живо изгорени пациенти, сега бара одговорност. Јас сметам дека тие немаат никаков кредибилитет за тоа“, рече Клековски.
Тој истакна дека во периодот на власт на СДСМ, се случила сериозна злоупотреба на скапите лекови на Клиниката за онкологија, што оставило сериозни последици кои се чувствуваат и денес.
„Нема да поднесам оставка, бидејќи ниту со чинење или нечинење не сум придонел ништо во оваа ситуација. Напротив, и јас, и Фондот, и Клиниката, раководството и персоналот, напорно работиме на надминување на наследената ситуација. Да потсетам дека ова раководство е на функцијата само шест месеци, по седум години девастација“, додаде Клековски.
Во однос на ситуацијата во Клиниката за онкологија, каде што се појави недостиг на биолошка терапија, Клековски објасни дека од вкупно 5.000 пациенти, само мала група се со недостиг на специфична терапија, и дека се работи на отстранување на овој проблем.
„Ја наследив Клиниката со 12 милиони евра долг и сите оние проблеми кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Во овие шест месеци Фондот обезбеди дополнителни пет милиони евра за санација на финансиската состојба“, рече Клековски.
Тој истакна дека важен приоритет е детално планирање на набавката на лекови, а ќе се користат и директни спогодби со производителите, а не со веледрогериите. Според него, без расчистување на минатото, ќе биде тешко да се подобри состојбата во здравствениот сектор. Клековски апелираше Јавниот обвинител да се произнесе за работењето на Клиниката за онкологија во изминатите седум години.
Скопје
Директорот на ЈСП со сомнеж за саботажа, трет изгорен автобус за шест месеци
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје започнува истрага за можни саботажи на нивните автобуси, откако денеска во населбата Сопиште изгоре еден од украинските автобуси од нивниот возен парк.
На местото на настанот присуствуваше директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој за медиумите изјави дека претпријатието веќе има одредени сознанија во врска со овие инциденти.
„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно, од разни нему познати причини, може да придонесува за вакви инциденти кои се случуваат повеќепати“, изјави Кушовски.
Ова е трет случај во последните шест месеци. Во јули минатата година, автобус на ЈСП се запали во скопската населба Бутел, при што како причина беше утврдена дефектна електрична инсталација. Неколку недели претходно, друг автобус настрада во пожар на Железничката станица.
Од ЈСП најавија дека ќе спроведат детална истрага за најновиот инцидент, со цел да утврдат дали постојат елементи на саботажа или проблеми со одржувањето на автобусите.