Македонија
Одбраната на Љубе на прес, поддржувачите на Јохан на протест
Адвокатите на Љубе Бошкоски, Едина Рашидовиќ и Генал Метро денеска во Скопје ја образложуваа ослободителната пресуда од страна на Хашкиот трибунал, додека поддржувачите на Јохан Тарчуловски протестираа пред просториите каде што се одржуваше прес-конференцијата.
Адвокатите на Љубе Бошкоски, Едина Рашидовиќ и Генал Метро денеска во Скопје ја образложуваа ослободителната пресуда од страна на Хашкиот трибунал за поранешниот министер за внатрешни работи, додека поддржувачите на Јохан Тарчуловски протестираа пред просториите каде што се одржуваше прес-конференцијата. Според одбраната на Бошковски, тој како министер за внатрешни работи во 2001 година ги презел сите неопходни мерки согласно меѓународното право за да ги испита случувањата во селото Љуботен. Според нив, документот што Бошковски го читал пред Хашките истражители во Пула е документ на АРМ и дека обвинителството го имало тој документ неколку месеци претходно. „Она што апсолутно сигурно е дека Љубе Бошковски не го даде тој документ на тужителот. Тужителот веќе три или четири месеци го имаше тој документ во своите раце, од извори кој нас ни ги соопшти. Но, таа линија на добивање на документите е доверлива и не можеме да кажеме од каде е добиена“, изјави Рашидовиќ. „Бошковски, како министер за внатрешни работи, имал задача да ги казни луѓето кои што ги извршиле тие кривични дела во Љуботен. Она што одборот го кажа е дека Бошковски ги извршил сите свои обврски согласно меѓународното право, кои укажуваат на тоа дека за кривичните дела што биле извршени во Љуботен биле известени надлежните органи“, рече Метро. Додека одбрана на Бошковски ја образложуваше ослободителната пресуда за Бошковски, неколку десетина поддржувачи на Јохан Тарчуловски, со транспарентни „Љубе предавник“ протестираа пред просториите каде што се одржуваше прес-конференцијата. Уште еднаш го изнесоа својот став дека Бошковски е виновен за 12-годишната затворска казна што Тарчуловски ја доби од Хашкиот трибунал. „Бидејќи Љубе не можеше да ги правда предавството, одбра тоа за него да го прави неговиот нов пријател Бранко Црвенковски, користејќи ги неговите невладини инсталации кои веќе со децении роварат низ државата. Но Љубе е разобличен. За Љубе ќе суди историјата и народот“, изјави Александар Колевски, претседател на Здружението на граѓани за поддршка на Јохан Тарчуловски. Прес-конференцијата на одбраната на Бошковски се одржа во организација на движењето Граѓани за европска Македонија (ГЕМ) и Фондацијата институт отворено општество – Македонија. Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, доби ослободителна пресуда по обвинението за случајот Љуботен, додека припадникот на полициските сили Јохан Тарчуловски за истиот случај доби казна затвор од 12 години. Судот го ослободи Бошковски од командна одговорност за убиство на цивили во Љуботен. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

