Македонија
Кратово, крај на светот!
Што видел и што и’ јавил на командата германскиот офицер што бил испратен во извидница на периферијата на Кратово, зад Радин Мост? Ексклузивни сведоштва за освојувањето на градот од германските војници на 6 април 1941 година
Интересни информации за германското окупирање на градот ни откри Стевче Доневски, претседател на Општинскиот центар за карпеста уметност во Кратово, кој 27 години грижливо собира информации за историјата, природното и културното богатство на Кратово, неговата околината и Осоговскиот регион.Во архивата на Доневски се зачувани драгоцени информации за настаните од 6 април 1941 г. – живи сведоштва на кратовците Владо Кузнанов – Карло (роден во 1919 г.), лимар Стефан Миладинов (1922), Тоде Ефремов (1933) и Раде Јакимовски, налбатин од соседното село Шлегово (1919), како и сеќавања од кажувањата на покојните кратовци Крсто Ивановски од Горно Кратово (1918-2010) и Никола Ефремов – Бата (1909-2006).На 6 април 1941 година, околу 10 часот, во Кратово пристигнале три троцикл-мотори со војници и еден старешина. Веста за доаѓањето на Германците брзо се раширила низ градот, во кој тогаш имало многу народ. Колку што успеале да разберат луѓето што биле сведоци на настанот од разговорите на старешината со војниците, се очекувало набргу во градот да пристигнат уште 30 војници,со борбени коли и тенкови. На изненадување на сите, германскиот старешина неочекувано испукал рафал накај ридот Баба. Биле застанати пред школото на улица „Гоце Делчев“ во близина на денешен ресторан „Кану“. „Во меѓувреме таму дошол доктор Трајче Манев, прочуен доктор, стар кратовец, роден 1898, починат 1974, кој знаел германски. Почнал да зборува на германски. Капетанот изненаден го прашал: ‘Од дека знаеш германски?’, на што му кажал дека има жена Германка. Офицерот зачуден запрашал: ‘Од каде пак жена Германка?’. На тоа доктор Трајче рекол: ‘Студирав медицина во Виена. Tаму се запознавме и се земавме“. Во тој момент присигнала трајчевата жена, Екатерина (Марица) Манева, и почнала да зборува со капетанот. Капетанот ја прашал кои се младите луѓе што биле собрани, и што чекаат?. Екатерина рекла дека се тоа работници што чекаат да се пазарат за да копаат по лозјата, дека не се партизани. Се свртела накај луѓето и им рекла да се свртат накај Боровите и да слушаат што ќе каже капетанот. Неговата порака била: ‘Немој некој да пружа отпор’. Во меѓувреме биле известени и партизаните, на кои им било порачано да не пружааа отпор. На прашањето од капетанот ‘Од каде пак сега вие тука, во Кратово?’, кажала дека со мажот и’ се запознале во Виена, на Факултетот, и се земале“, ни раскажа Доневски.Откако била упатена јавната порака до населението, трите трицикли се тргнале во обиколка на градот. Со нив ја зеле и Екатерина, која ги прашала дали може да им се придружи. Поминале од Чаршискиот мост, Чаршијата и се упатиле накај Радин Мост. Кога стигнале на Радин Мост, еден трицикл поминал преку мостот и понатаму, накај село Близанци, но набргу видел видел дека патот се стеснува, дека, кажано по кратовски, продожува како „козји пут“.Кога се вратил назад, пред Радин Мост имало околу 15 луѓе, кои дошле да ги гледаат моторите и униформите на војниците. Како што раскажале тие подоцна, додека војникот бил во извидница, старешината по радиоврска го прашал каде се наоѓа? Одговорот бил: „Во моментов сум на крајот на светот. Гледам само небо и карпи“.Решиле да се вратат накај Чаршијата. Тогаш Марица им предложила да ги однесе, да им покаже нешто: „Ќе ве одведам да видете нешто“. Влегле во Бидиковата кука. Војниците и старешината биле топло пречекани, со слатко. Старешината се интересирал за градската облека, за куќата – лажичките за слатко биле сребрени. Екатерина им кажала дека се на гости во трговска фамилија. Им рекла дека ако сакаат ќе ги однесе да видат и една куќа со дрвени бочви, жлебови, крбла, корита, буриња, каци – ако се љубопитни.„За тоа што го видел, страешината само казал: „Ова куќа во Македонија – кај нас, замок’. И, на враќање по кратовските сокаци, калдрамисани, ја виделе црквата и кулите. Продолжил накај село Шлегово, со голема мака да се пробиваат по тесните сокаци. Некои куќи биле оштетени од транспортните борбени коли, кои заглавиле кај црквата „Свети Ѓорѓи“. Кога го поминале стариот пат, виделе група народ на ридот кај новите гробишта. Старешината испукал рафал. Групата се растурила, а тројца младинци во селото почнале да чукаат на камбаната, навестувајки го доваѓањето на Германците. Поминале низ селото и кај местото Бели Крст виделе дека патот е лош и се стеснува. но поминале. Откако заминале од Приковци, целосно заглавиле кај местото Одина Нива – не успеале да продолжат накај Пробиштип. Во разговор со Централата, капетанот рекол дека се заглавени и не можат да продолжат за Пробиштип. Било17 часот. Централата дала наредба да се вратат накај Страцин. Во селската продавница на Ристеви во Шлегово земале само бисквити, благи работи и се вратиле“, ни пренесе Доневски дел од сведоштвата што ги собрал.Како што дознавме од разговорот со него, во Музејот во Берлин е архивирана службена белешка за „Крајот на Светот“. МТВ и Радио Кратово снимиле неколку прилози со за Кратово и Екатерина Марија. Екатерина во 1986 година му го продала на Радио Кратово сопствениот касетофон Грундинг, со што помогнала да почне со работа Радио Кратово. Група граѓани од Кратово покренале иницијатива во градот да се постават информативни табли за „Крајот на Светот“ и пред куќата на д-р Трајче и Екатерина Маневи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Почнуваат градежните работи на булеварот „Македонија“
Од денеска почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“ со кои се очекува да се намалат сообраќајните гужви. Ќе се реализираат четири фази, од кои првата треба да заврши за 90 дена.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.
– Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македнија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза, рече Ѓорѓиевски.
Се надева дека до крајот на неговиот мандат ќе заврши целосната изградба.
Македонија
Кисела Вода ги избра најдобрите спортисти за 2025 година
Во Општина Кисела Вода синоќа за првпат се одржа манифестацијата „Спортист на годината“, посветена на најдобрите спортисти кои со своите резултати ја промовираат општината и ја градат нејзината спортска иднина.
Признанието за најдобар спортист во машка конкуренција го добил мотоциклистот Кристијан Бузалковски, третопласиран во генералниот пласман на европскиот шампионат ФИМ Европа, додека во женска конкуренција приматот ѝ припаднала на Катерина Ацевска, освојувачка на бронзен медал на светското првенство во џиу-џица во Банкок.
Во категоријата спортист на годината – лица со попреченост, победник е пингпонгарката Олга Ристовска. За најдобра женска сениорска екипа е прогласен ЖОК Јанта Волеј, а за најдобра машка сениорска екипа- КК Ангели.

Постхумното признание за придонес во спортот му беше доделено на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, додека параолимпиецот Ванчо Каранфилов го понесе признанието „Спортска легенда“.
Во останатите номинации наградени се: Јаков Трајковски – најдобар млад спортист, Ива Богдановска – најдобра млада спортистка, ЖОК Јанта Волеј, ЖКК Бадел и ФК Кул Здравје -најдобри екипи во млади категории, Никола Јаневиќ – најдобар тренер, Игор Зафировски – најдобар наставник по физичка култура, Горан Јаневиќ – најдобар спортски работник, како и Меланија Гроздановска, која го освои признанието подвиг на годината за остварени три пласмани на државните првенства.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска потенцирала дека оваа манифестација не е само формален чин на доделување награди, туку и искрено признание за вложениот труд и јасна валоризација на постигнатите резултати.
-За наградените, ова е заслужена лична сатисфакција, а за сите млади од Кисела Вода порака дека успехот е достижен и дека нивната општина стои зад нив. Како градоначалник, но и како поддржувач на спортските вредности, искрено верувам дека спортот е една од најсилните алатки за градење здраво, активно и поврзано општество. Тој го гради карактерот, учи на фер-плеј, на одговорност и тимска работа, а воедно, преку остварените успеси, ја промовира Кисела Вода далеку надвор од нејзините граници. Големо задоволство е присуството на министерот за спорт Борко Ристовски, со кого преку заеднички проекти и усогласени активности создаваме подобри услови за тренинг, натпреварување и развој на младите. Им благодарам и на сите останати присутни гости кои со своето присуство ја збогатија вечерта и дадоа силна поддршка на нашите спортисти, истакнала Стаменкоска Трајкоска.
Градоначалничката посочила дека Општина Кисела Вода континуирано вложува во спортот преку материјална поддршка за училишни спортски клубови и здруженија, организација на Купот “Св. Ѓорѓи”, парични награди за талентирани ученици-спортисти, проектот „Спортуваме – Другаруваме” за ученици со посебни потреби, Шаховска лига, основање на Спортска академија, како и обнова и изградба на спортска инфраструктура и унапредување на спортот во училиштата. Истакнала дека нејзина цел како градоначалник, е секое дете да има пристап до спорт, секој млад човек можност за развој, а секој клуб соодветни услови за работа.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.

