Регион
Сé повеќе Словенци бараат работа во странство
Поради економската криза се повеќе Словенци, особено млади, бараат работа во странство, а на прво место нивна дестинација е соседна Австрија.
Како што пишува во вторникот љубљанскиот дневен весник Delo, според официјалните податоци на австриското биро за вработување, бројот на Словенци коишто работат во Австрија се зголемил од околу шест илјади во 2008 година, на 11 илјади лица во 2012 година.
Најмногу интерес за работа во Австрија, покажуваат жителите на Словенија помлади од 35 години, меѓи кои најмногу се оние коишто по завршувањето на образованието и добивањето диплома не можат да се вработат во татковината, а голем е бројот и на дневните мигранти од пограничните места кои одат на работа во Австрија секојдневно.
Иако Австрија и Германија своите пазари на трудот ги отвори ја за работниците од другите членки на Европската унија дури во мај 2011 година, по седумгодишниот преоден период, најголем е интересот за вработување во тие држави, кои инаку не се толку погодени со економската криза.
Бројот Словенци коишто по влегувањето на земјата во ЕУ добиле работа во Германија се движи околу седум илјади, најмногу од нив работат во индустријата, градежништвото, здравството, угостителството и во други услужни дејности.
Не се познати податоците за Словенците кои пронашле работа во соседна Италија, но се проценува дека нивниот број изнесува околу девет илјади. Меѓутоа, оваа бројка е во опаѓање, поради економската криза што го погоди Апенинскиот полуостров, а во оваа бројка спаѓаат и ткн дневни мигранти кои секој ден одат на работа преку границата и потоа се враќаат во Словенија.
Стапката на невработеност во Словенија е во пораст од почетокот на светската економска криза во 2008 година и во моментов се движи околу 8,6 отсто. Се пресметува дека следната 2011 година оваа бројка на невработени ќе ја надмине сегашната од 110 илјади.
Сметајќи ги странските работници коишто во периодот на конјуктурата работеа во Словенија, главно во градежништвото, земјата во последните четири години, според процените на актуелната влада, загубила околу 100 илјади работни места./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

