Свет
Кај матичен гинеколог ќе одат само богатите жени
Министерството најавува можна корекција на капитацијата на гинеколозите
Министерството најавува можна корекција на капитацијата на гинеколозите
Кај матичните гинеколози – идни концесионери на преглед ќе можат да одат само жените со подлабок џеб. Ова не е исклучено да се случи доколку не се промени сегашната вредност на капитацискиот бод од 18 денари што државата ќе им го дава за една пациентка, предупредуваат гинеколозите од примарното здравство. Со парите кои месечно ќе ги добиваат од фондовската каса, гинеколозите сметаат дека нивните ординации кои ќе ги земат под закуп нема да можат да опстанат и ќе бидат принудени да компензираат каде на друго место ако не со зголемување на цените не гинеколошките услуги. Па, еден преглед кај гинеколозите-концесионери кај кои почнува процесот на трансформација, според сегашните калкулации, може да чини колку кај приватен гинеколог. За висината на капитацијата, како и за другите забелешки околу трансформацијата на нивните ординации, гинеколозите неделава треба да преговараат со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување.
Гинеколозите-идни концесионери сметаат дека капитацијата од 18 денари за една осигуреничка е прениска, зашто тоа не е ниту половина од она што Фондот за здравствено осигурување им го дава на концесионерите стоматолози и ќе им го дава на лекарите од општа практика. За да работат нивните ординации рентабилно, секој гинеколог ќе мора да има по околу 5.600 осигуреници. Толку пациентки не е можно да има еден гинеколог, зашто нема толку жени во државата, објаснуваат револтираните гинеколози. Во здравството вкупно има околу 400 гинеколози од кои 200 се од примарниот сектор, а само 600 илјади жени на возраст од 16 до 65 години. Од тука излегува дека еден гинеколог најмногу би имал до 3.000 пациентки.
Еден гинеколог, според согледувањата од практиката, најчесто има пријавено по околу 2.000 пациентки, кои на лекарот ќе им донесе само 36.000 денари месечно. „Овие пари не се доволни ниту да се покријат трошоците за кирија, струја и вода, а каде се платите за лекарот и медицинската сестра", објаснуваат гинеколозите кои не се согласуваат со објаснувањето од Владата дека жените посетуваат гинеколог еднаш годишно и затоа бодот е 18 денари.
Нивните согледувања велат дека само 8,7 отсто од жените се бремени, од кои некои се со патолошка бременост, а каде се оние со други проблеми, како на пример абортуси и друго, за што мораат почесто да го посетуваат гинекологот. Околу 20 отсто од жените се со претканцерогени промени и тие мора да одат почесто на гинеколог заради контроли и следење на состојбата. Покрај редовните гинеколошки прегледи, во гинеколошките ординации често се прават и поспецифични прегледи, како што се колпоскопија и биопсии. Сето ова чини пари, велат гинеколозите, кои ни оддалеку не можат да се покријат со 36.000 денари месечно. Каде е амортизацијата на апаратите, реагираат гинеколозите, кои велат дека за да работат како што треба, во закупените ординации ќе треба да инвестираат и во опрема.
Ехоапаратите се толку стари што едвај се гледа плодот и матката, а не, пак, да се видат некои посериозни промени или аномалии на плодот, коментираат гинеколозите кои велат дека само за поситни инструменти месечно им требаат по околу 50.000 денари. Покрај ова, потребни се средства и за потрошниот гинеколошки материјал, реагираат гинеколозите и укажуваат дека државата треба малку да се замисли како ќе ги спроведе реформите во овој дел ако сака да го зачува здравјето на жената. Во спротивно, нема да настрада никој друг, туку само пациентките.
Ракот на дојката и грлото на матката, по кардиоваскуларните заболувања, се прва причина за смртност кај жените. Доколку поради ниската капитација мора да ги зголемат цените на гинеколошките услуги, тогаш и оние кои редовно се прегледуваат ќе почнат да ги избегнуваат гинеколошките прегледи и драстично ќе се намали заштита на жената, предупредуваат гинеколозите.
Доколку не се промени вредноста на гинеколошкиот бод, гинеколозите се закануваат дека нема да ги потпишат договорите за концесионерство. Во Здравствен дом – Скопје веќе тече конкурсот за гинеколози, а идната недела ќе се знаат и конечните решенија.
Во Министерството за здравство најавуваат дека е можна корекција на капитацискиот бод за гинеколозите, но за тоа треба да се договорат со Фондот за здравство. Оттаму треба да направат пресметки дали и колку може да се покачи капитацискиот бод. Доколку приватизацијата тече нормално, концесионерството кај гинеколозите треба да заживее од септември. (Ј.Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

