Свет
САД ќе се вмешаат во сирискиот конфликт ако биде употребено хемиско оружје

Американскиот претседател Барак Обама во понеделникот во неговото прецизно предупредување за режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад истакна дека разместувањето или употребата на хемиското оружје ќе претставува „црвена линија’ за САД со „огромни последици“.
„Досега не дадов налог за воена интервенција во Сирија. Тоа ќе се промени, доколку забележиме преместување или употеба на хемиско оружје“, нагласи американскиот претседател Барак Обама на, како што нагласуваат агенциите, неочекуваната прес-конференција во Белата куќа.
Прашањето за овој вид оружје за што Дамаск официјално потврди дека го поседува „не се однесува само на Сирија, туку и на нашите блиски сојузници, меѓу коишто е и Израел. Тоа нѐ загрижува. Не можеме да дозволиме хемиското или биолошкото оружје да дојде во рацете на лоши луѓе“, дополни американскиот претседател Обама.
Додаде дека биле многу јасни кон режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, но и со другите сили на теренот.
„Внимателно ја следиме ситуацијата, подготвивме низа планови и јасно им дадовме до знаење на сите сили во регионот дека за нас станува збор за ‘црвена линија’, како и дека ќе има големи последици“, повтори Обама.
Сега поранешниот министер за надворешни рабти Џихад Макдиси на 23-ти јули на прес-конференција во Дамаск, потврдувајќи го поседувањето на хемиското оружје, изјави дека неговата земја може да го употреби овој вид оружје во случај на странска воена интервенција во земјата, истакнувајќе дека Сирија никогаш нема да го употреби хемиското оружје што ѝ е на располагање против цивили. Макдаси тогаш тврдеше дека хемиското оружје е под строга контрола и добро обезбедувано од сириската армија.
Претходно во јули Пентагон и американскиот Стејт Департмент го предупредија сирискиот претседател Асад да не помислува на употреба на хемиското оружје.
За употребата на хемиското оружје што го поседува Сирија, Дамаск беше предупреден и од генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун кон крајот на јули, како и од Русија, инаку една од ретките меѓународни сириски партнери по избувнувањето на конфликот во март 2011 година, којашто по повод изјавата на министерот Мокдаси ја потсети Сирија дека го има ратификувано Женевскиот протокол за забрана за употреба за хемиското оружје од 1925 година.
Министерството за одбрана на САД на 25-ти јули соопшти дека сириските власти го засилиле обезбедувањето на објектите во коишто е складирано хемиското оружје, а истовремено и израелски воини извори соопштија дека сириската армија и безбедносните служби го засилиле обезбедувањето на арсеналите, кога претставниците на сириската опозиција тврдеа дека хемиското оружје се премесува кон граничните области на земјата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Непријателите треба да знаат, нашата нуклеарна програма има длабоки корени, не може да биде уништена со воени напади

Шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Еслами, на годишната генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена изјави дека нуклеарната програма на Иран нема да биде уништена со воена акција. Во исто време, тој ги обвини Израел и Соединетите Американски Држави за нелегални напади врз неговите објекти, пишува Иран Интернешнл.
„Непријателите на Иран треба да знаат дека нашата нуклеарна програма има длабоки корени и не може да биде уништена со воена акција“, рече Еслами во обраќањето пред 69-та Генерална конференција. Тој додаде дека Иран нема да попушти пред политичкиот или воениот притисок и нема да се откаже од своите права.
Шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран рече дека соработката на Техеран со МААЕ е „широка и конзистентна“, но ја обвини агенцијата дека не ги осуди она што тој го нарече акти на агресија против нуклеарните објекти на Иран.
„И покрај нашите официјални барања, агенцијата не ги осуди нападите на САД и Израел врз нуклеарните објекти на Исламската Република“, рече тој. „Ова молчење и неактивност ќе останат дамка во историјата на агенцијата“.
Еслами, исто така, ги критикуваше европските напори за активирање на механизам за „враќање“ за повторно воведување на санкциите на Обединетите нации врз Иран, нарекувајќи ги нелегални.
Тој рече дека нуклеарниот договор од 2015 година, официјално познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), покажал дека дипломатијата може да успее, но тврдеше дека бил поткопан од западните земји. „Денес, на годишнината од JCPOA, гледаме нелегални обиди за активирање на механизмот за враќање“, рече тој. „Овие напори се исмејување на Резолуцијата 2231“.
Еслами, исто така, рече дека израелските напади врз нуклеарните објекти на Иран беа насочени не само кон инфраструктурата, туку и кон самата дипломатија.
„Целта на ционистичкиот режим не е само да ги уништи нашите нуклеарни центри, туку и да го блокира патот кон дипломатијата и мирот“, рече тој. Еслами објави дека Иран ќе поднесе резолуција на конференцијата со која ќе се забранат нападите врз нуклеарните постројки и ќе одржи состаноци со земјите што соработуваат со Техеран.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио во Израел: Сите заложници мора веднаш да се вратат дома

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека сите заложници мора веднаш да се вратат дома и дека Хамас мора да биде „уништена“ како вооружена група.
Зборувајќи на прес-конференција во Ерусалим, Рубио рече дека американскиот претседател Доналд Трамп е сè уште посветен на овие цели, објавува „Тајмс оф Израел“. Рубио, исто така, истакна дека Иран им се заканува не само на Израел и САД, туку и на сојузниците од Персискиот Залив и Европа. Тој рече дека нуклеарниот Иран е „неприфатлив ризик“ за светот.
Рубио го критикуваше Хамас за неговиот „неспоредлив варваризам“ и додаде дека народот на Газа не може да има мир или подобра иднина сè додека Хамас не биде разоружан и сите заложници не бидат вратени дома. „Фокусирани сме на тоа што ќе се случи следно“, рече американскиот државен секретар Марко Рубио, осврнувајќи се на израелскиот напад во Доха минатата недела.
Државниот секретар на САД пристигна во Израел за да му го пренесе на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху незадоволството на САД од неодамнешниот израелски напад врз Доха, Катар, под изговор дека го напаѓа седиштето на Хамас. Пред состанокот, тој најави дека ќе разговара со Нетанјаху за воените планови на Израел за окупирање на градот Газа, како и за намерата на Израел да анектира делови од окупираниот Западен Брег.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Важниот состанок со Кина помина исклучително добро, договорот е блиску

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на својата мрежа Truth Social по трговскиот состанок меѓу САД и Кина во Европа, нагласувајќи дека преговорите поминале исклучително добро и дека е постигнат прелиминарен договор.
„Големиот трговски состанок во Европа меѓу Соединетите Американски Држави и Кина помина многу добро. Договорот ќе биде финализиран наскоро. Постигнавме и договор за компанија што младите луѓе во нашата земја сакаат да ја зачуваат. Тие ќе бидат многу среќни. Ќе разговарам со претседателот Шји во петок. Односот меѓу нашите две земји останува силен“, напиша Трамп на Truth Social.
Аналитичарите веруваат дека Трамп веројатно мислел на „Tик-ток“.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, потврди дека за време на преговорите во Мадрид е постигнат рамковен договор во врска со оваа апликација, што би можело да овозможи нејзино пренесување во американска сопственост. Деталите ќе бидат разјаснети на претстојниот состанок меѓу Трамп и кинескиот претседател Џјинпинг во петок, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин