Свет
Тројно зголемен бројот на убиствата во Мексико меѓу 2005 и 2011-та
Бројот на убиствата речиси тројно се зголемил во периодот меѓу 2005 и 2011 година во Мексико, каде што владее невидено насилство меѓу наркокартелите, покажуваат официјалните податоци објавени во понеделникот.
Вкупно во 2011 година се убиени 27.199 луѓе или 24 на 100 илјади жители, наспроти 9.921 убиен во 2005 година или 9 на 100 илјади жители, покажуваат подаотците на мексиканскиот Национален институт за статистика – INEGI.
Податоците за 2011 година претставуваат зголемување за 5,6 отсто во однос на претходната 2010 година кога се регистрирани 25.757 убиства.
Податоците на INEGI не ги специфицираат убиствата поврзани со организираниот криминал, меѓутоа годишните податоци покажуваат раст на бројот убиства по 2007 година, откако поранешниот мексикански претседател Фелипе Калдерон покрена војна против наркокартелите откако стапи на должноста во декември 2006 година.
Државата Чихуахуа којашто се граничи со САД е мексиканска сојузна држава со најголема стапка на убиства во 2011 година, 4.502 жртви, или стапка од 131 убиен човек на 100 илјади жители.
На почетокот од август институтот Lantia Consultores (LCI) соопшти дека само во првата половина од 2012 година се регистрирани повеќе од 7.000 убиства поврзани со организираниот криминал, што претставува пораст од 10 отсто отколку во истиот период од претходната 2011 година, така демантирајќи ги тврдењата на претседателот во заминување Фелипе Калдерон за пад на бројот на убиствата поврзани со војната на нарко картелите за 15 отсто.
Откако во 2007 година дојде на власт претседателот Фелипе Калдерон, им објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Меѓутоа, имајќи ја предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите учествтва со 50 илјади свои припадници од разни родови.
Во војната од 2007-та досега во пресметките во Мексико се убиени повеќе од 50 илјади лица. Мексико е главната транзитна точка за шверцување кокаин од Јужна Америка во САД и истовремено е еден од најголемите светски производители на хероин и марихуана.
Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари. Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.