Македонија
Нимиц ќе свика преговори, ако е потребно

Нова рунда преговори околу името меѓу Македонија и Грција ќе свика посредникот Метју Нимиц доколку утврди дека има причини за тоа или доколку има барање од која било страна, соопштуваат од неговиот кабинет
Од медијаторот Метју Нимиц било побарано од двете страни во спорот со името да продолжи со својата улога во преговорите во кои е активно вклучен на дневно ниво во овој период, соопштуваат од кабинетот на Нимиц.„Нимиц имаше тричасовна средба со секоја страна во спорот минатата недела, а во периодот што следува ќе остане во контакт со секоја страна поединечно, ќе ги покани двете страни да се состанат на заеднички состанок тогаш кога тој ќе верува (или заинтересираните страни ќе веруваат) дека таков состанок ќе има вистинска цел“, стои во соопштението од Кабинетот на посредникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Невреме во повеќе градови низ државата

Времето денес е променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Во источните делови процесите беа во форма на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Невреме имаше во Велешко, Штип, Кавадарци, Неготино, Струмица, Богданци и во Дојран, јавува УХМР.
До крајот на денот времето ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Во текот на ноќта ќе преовладува малку до умерено облачно.
Утре променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во ноќта петок кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни проследени со појава на грмежи. Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на неформалниот состанок во GYMNICH формат во Варшава

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Варшава, Полска, ќе учествува на неформален работен ручек во т.н. GYMNICH формат – состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство.
Учеството на министерот Муцунски се остварува на покана од министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, во рамки на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Дискусиите ќе бидат фокусирани на актуелните предизвици во европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност кон хибридните закани.
Во рамки на престојот во Полска, министерот Муцунски ќе ја посети меморијалната поставка во Треблинка и ќе положи цвеќе на спомен-обележјето на депортираните македонски Евреи.
Македонија
Германска поддршка за земјата во Берлинскиот процес

Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст, оствари средба со Михаел Рајфенштул, директор за Југоисточна Европа во Германското министерство за надворешни работи.
Претседателот на Групата и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, го истакна важниот момент за одржување на средбата, а тоа е формирањето нова германска влада, момент битен и за нашата земја и за Регионот. Во очекување се подобри резултати на германската економија, што има директно влијание кај нас и нашите соседи, со оглед на тоа што Германија е најважниот трговски партнер.
Исто така, како битно, Милошоски го издвои и вклучувањето на Парламентите во Берлинскиот процес, како додадена вредност. Берлинскиот процес го означи како порелевантен проект за приближување на Западен Балкан кон ЕУ од Проектот Отворен Балкан, кој не беше инклузивен, односно не ги вклучуваше Црна Гора и Косово, и со самото тоа не беше комплетен. Од друга страна, во Берлинскиот процес, кој започна во 2014 година, покрај шесте земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, учествуваат и 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, која пак од јуни ќе го презеде претседавањето од Германија.
Во својата прва посета на Скопје, политичкиот директор Рајфенштул, истакна дека е тука, пред сѐ, да слуша, да ги слушне овдешните искуства, впечатоци, и да научи од нив. Изрази задоволство од неодамнешното формирање на оваа Група, која е политички мешана, што е показател за демократијата. Тој информира дека германската новоформирана влада се соочува со голем број предизвици, но останува посветена на Берлинскиот процес, кој се темели на три столба, и тоа: поддршката за проширување на ЕУ, регионалната енергетска соработка и добрососедските односи. Приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ е нужност која треба да се случи што поскоро, а билатерализмот нема што да бара во пристапниот процес – беше дециден Рајфенштул.
Присутните пратеници го пренесоа евроскептицизмот кај граѓаните, со оглед на тоа што сме долго во чекалницата на ЕУ поради билатерални прашања и нови и нови услови за отворање на преговорите. Ставот е дека билатералните спорови се злоупотребуваат и служат како изговор за блокада на евроинтегративниот пат. Се побара германска поддршка за надминување на овие спорови и движење напред, онаму каде што припаѓа земјата – во европското семејство. Од проширувањето никој нема да загуби, напротив, ЕУ ќе добие на тежина, а Западен Балкан ќе биде онаму каде припаѓа.