Македонија
Јакимовски и Груевски ќе се разбираат во македонското обвинителство?

Стевче Јакимовски, градоначалник на Карпош и од неодамна член на СДСМ, го „кани“ на соочување премиерот Никола Груевски на неутрален терен во македонското обвинителство, каде двајцата би ја објасниле имотната состојба и приватизацијата на ОКТА
Поставувањето на државното знаме на Република Македонија во општината Карпош и противењето на градоначалникот Стевче Јакимовски и понатаму е последната капка што ја прелева чашата на кавгата меѓу двете најголеми партии.
Денеска, од ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека иако за поставување на знамето имало обезбедена документација од град Скопје, Јакимовски ги спречил да ја завршат работата.
Но, наместо да останат на тоа, ВМРО-ДПМНЕ дополнително прашува за имотната состојба на Јакимовски, како и автомобилот Ауди што почнал да го вози по преминувањето во СДСМ од ЛДП, што се случи пред еден месец.
„Да сакавме да говориме за недомаќинското работење и криминалните тендери за набавка на возила, како што на пример беше оној за набавката на 300 возила во Министерството за внатрешни работи или пак милионските споменици, ќе свикавме и одржевме посебна прес-конференција“, одговара Јакимовски.
Но, тој пак, ја префрла топката кај премиерот Груевски, воедно и претседател на ВМРО-ДПМНЕ и прашува за приватизацијата на ОКТА, која според СДСМ, со амин на Груевски, тогашен министер за финансии, е направена на штета на граѓаните и тоа од 800 милиони долари.
„Бидејќи досега никогаш, ама баш никогаш, не дадовте одговор за Вашата улога во приватизацијата на ОКТА, јас сум подготвен да се соочиме со факти и докази на неутрален терен, нека тоа биде македонското обвинителство – јас за мојата имотна состојба, а Вие за Вашата улога во приватизацијата на ОКТА. Ако сте чист, дали сте спремни да се соочиме,“ праша Јакимовски.
Тој не ја заборави ни фирмата Аналитико АИ, во која работеле, како што тврдеа пред една недела скоро половина членови на Владата и која со приватизацијата на Телеком добила 120.000 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ незадоволни што Јакимовски не одговара на прашањето за Аудито, велат: „Стевчо Јакимовски наместо да одговори на ова едноставно прашање продолжи нерагументирано да напаѓа и да го дискредитира кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ, се со цел да се допадне и докаже пред раководството на Социјалдемократскиот сојуз“.
„Во 2005-та година ВМРО-ДПМНЕ презентираше доказ, записник од владината седница дека г-динот Никола Груевски не бил воопшто присутен на седницата на Владата кога се донела одлука за приватизација на ОКТА“, рече Александар Бичиклиски на денешната прес-конференција, додавајќи дека не потпишал ништо од договорот за приватизација, но затоа Jакимовски потпишувал анекси од тој договор тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Бичиклиски, на денешната прес-конференција дополително ги наброја аферите врзани за името на Јакимовски, како додека бил министер за труд и социална политика во владата на СДСМ потпишувал договор за згрижување на бездомници, со невладина организација чие седиште било на адресата нанеговиот дом.
Тој го обвини и дека како градоначалник на општината Карпош само за изградбата на мостот Влајко, биле потрошени рекордни 1. 200.000 евра, а никогаш не профункционирал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Македонија
Тошковски: Жителите во непосредна близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.