Свет
Менаџерите се „тресат" од даночната пирамида што ја најави Поповски

Откако министерот за финансии објави дека звучни имиња се вплеткани во разработен систем за прикривање данок
Откако министерот за финансии објави дека звучни имиња се вплеткани во разработен систем за прикривање данок
Има две верзии кои се фирмите вмешани во даночниот скандал. Првата е дека станува збор за големите капацитети од металургискиот комплекс, а втората е дека работата пак се врти околу „Орка“
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Во Македонија е откриена голема даночна пирамида, во која се вплеткани 50-ина македонски компании. Оваа тема, која неодамна случајно или намерно ја отвори лично министерот за финансии, Никола Поповски, деновиве убедливо го држи првото место на сите топ-листи во македонската бизнис и политичка јавност.
Дека работата е голема, доволно зборува фактот што наводите за даночна евазија доаѓаат од самиот прв финансиер, а уште повеќе што за своите сознанија тој ги информирал највисоките функционери во државата, што значи лично премиерот Владо Бучковски, а не можел да биде одминат ниту министерот за внатрешни работи, Љубомир Михајловски. Кога министер за финансии открива некаква афера, па за тоа веднаш го известува и целиот државен врв, тоа значи дека нешто сериозно се случува и “чкрипи” во државата. Како на тоа реагирал Бучковски, треба да се знае дури денес, по неговото враќање од Русија.
Според упатени кругови, кај македонските менаџери од стартот на неделава владее вистинска “треска” по изјавата на првиот финансиер дека надлежните државни институции им влегле во трагата на даночните затајувачи, кои во земјава разработиле вистински систем на прикривање данок. Најголем страв на бизнисмените им влеала бескомпромисната најава на Поповски дека набргу ќе има конкретни резултати од истрагата, по што сите докази ќе му бидат презентирани на Јавното обвинителство.
“Управата за јавни приходи, во соработка со Финансиската полиција и со други служби од Министерството за финансии, подолг период опсервира неколку случаи на сериозна даночна евазија. Дојдовме до сознание дека во Македонија моментално има неколку шеми на даночна евазија, со избегнување плаќање на персонален данок и на ДДВ, во систем на пирамиди кои го развиле 20, 30 до 50 фирми во една пирамида. Тие меѓусебно сите се поврзани на некој начин и затоа текот на парите одел во пирамидата нагоре-надолу. Колку што се компаниите повисоко на пирамидата, толку повеќе се вплеткани во даночна евазија, а колку што се пониско – повеќе извршувале една или две трансакции, меѓутоа сите средства се влеваат во неколку фирми и на крај завршуваат во една или во две. Станува збор за големи суми и за поединци и претпријатија познати на македонската јавност и етаблирани во општествениот живот. Ние веќе неколку месеци ја продлабочуваме истрагата, а во тоа е вклучено и МВР. Се надевам дека во догледно време ќе излеземе со резултати пред надлежните органи, а тоа е Обвинителството. За оваа работа ги информирав највисоките функционери во државава”, потенцира Поповски во понеделничното интервју за дневниот весник “Вечер”.
Според сознанијата, откако ги прочитале пораките на Поповски, добар дел од нашите директори се избезумиле, почнувајќи од оние најмоќните, кои раководат со најголемите и најуспешните претпријатија во земјава, па сў до оние што се на кормилото на поситните фирми. Тие вистински се исплашиле да не се нашле случајно на “црната даночна листа” на првиот финансиер. Дел од нив се оние што веќе си ја имале “мувата на капата”, бидејќи биле свесни дека правеле даночни малверзации, а сега наводно дошол денот кога треба да го платат цехот за своето криминално однесување. Другите, пак, кои себеси се сметаат за “чисти”, сепак биле вознемирени, со оглед што доколку некој сакал, можел да пронајде макар и најситен пропуст во нивните даночни книги. Тие сметаат дека министерот Поповски има идеолошки проблеми кога зборува за даночната политика и воопшто за пазарната економија. Она што особено ги “здрмало” претставниците на бизнис-секторот е што Поповски потенцира дека меѓу затајувачите има и фирми и поединци етаблирани во општествениот живот, група во која се препознале многу од директорите. Фактот што првиот финансиер јавно кажа дека во даночен скандал се вмешани 50-ина фирми, отвора доволно голем простор за шпекулации кој сў ќе се најде на списокот за отстрел и што ќе се случува во иднина со нивните бизниси. Имало дури и такви директори кои се сетиле дека порано за нешто се замериле со Поповски, па мислеле дека и тоа може да биде доволна причина даночните инспектори да тропнат на нивна врата.
Како што неофицијално се дознава, Поповски пред околу два месеца побарал од Бучковски да влезе во контрола во неколку “звучни” компании, на што овој му одговорил дека и тој и директорката на Управата за јавни приходи, Петра Митева, имаат целосно одврзани раце да ги “ловат” без пардон и селекција даночните неплаќачи. Дали Бучковски потоа и ќе застане зад ваквите потези на Поповски, наши извори не сакаат да прејудицираат.
Она што е нејасно, е зошто деновиве никој не сака да зборува за оваа даночна мегаафера, ниту официјално ниту неофицијално. Никола Поповски, и покрај упорното инсистирање на “Утрински” да даде подетаљни информации за “бомбата” што ја пласираше во јавноста, вчера единствено преку својот Кабинет изјави дека веќе го кажал она што имал да го каже. Со молк вчера беа обвиткани и УЈП и Финансиската полиција. Нивните директорки и соработнички на Поповски, Петра Митева и Лилјана Арсовска, упатуваат на самиот министер, тој да одговори што сакал да порача. Ниту во МВР не се расположени да даваат подетаљни информации. Во отсуство на каква било потврда, “Утрински”, сепак, дојде до некакви информации во врска со даночната пирамида на министерот. Имено, во бизнис-круговите во земјава веќе на големо се типува околу тоа кои се, всушност, кандидатите што ќе бидат обвинети за даночно затајување. Според дел од нив, тука се наоѓаат компаниите од металургискиот комплекс, меѓу кои се споменуваат “Силмак”, “Фени индустри”, “Митал стил”, како и компанијата “Макстил”, од чие челно место директно во Владата дојде еден од главните ривали на Поповски, вицепремиерот Минчо Јорданов. Се зборува дека, наводно, приливите од даноци што од овие фирми се слевале во државната каса биле многу пониски од очекуваните, особено откако најмногу од нив веќе добија странски стратегиски инвеститори. Исто така, овие компании, откако се купени цело време користат бенефицирана цена на струјата, па се сметало дека е недозволиво да плаќаат и поевтина електрична енергија, а да даваат и мали пари за даноци. Втората група бизнисмени, пак, кои исто така се сметаат за упатени, тврдат дека оваа мега даночна афера, сепак, најмногу е завиткана околу холдингот “Орка” на семејството Камчеви, против кои неодамна беше поднесена и кривична пријава и поведена истрага за прикривање данок, но сў уште нема конечен судски епилог. Тогаш, исто така, на големи ѕвона се објавуваше дека во случајот се вмешани 30 – 40 компании, со кои “Орка”, наводно, преку фиктивни зделки го затајувала данокот, а меѓу кои имало и “популарни” имиња, кои во интерес на истрагата не се објавуваа.
Дали и овој најнов голем даночен скандал ќе заврши со конкретна судска пресуда и соодветно на тоа затајувачите ќе заработат строги затворски казни, или како и обично целата работа ќе се разводени и ќе се развлече по бавните судски канали, останува да се види во следниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Дали знаете зошто папите не ги користат своите вистински имиња за време на службите

Американскиот кардинал Роберт Франсис Превост е избран за 69-ти поглавар на Католичката црква. Тој го избрал Лав XIV како свое папско име.
Но, дали всушност знаете зошто папите ги менуваат своите имиња кога се избрани? Станува збор за – традиција што трае веќе 470 години.
Иако не е задолжително да ги менуваат своите имиња, новоизбраните папи во повеќето случаи го земаат името на својот предок, изразувајќи ја со тоа својата желба да го следат нивниот пример. Овој преседан го постави првиот папа. Свети Петар чие родено име беше Симон. Новото име може да означува и „ново раѓање“ на почетокот на папството.
Со изборот на името Лав, новиот папа им се придружи на 13-те претходници кои го носеа истото име. Меѓу нив е и Лав XIII, познат по својот реформистички дух и неговата енциклика Rerum novarum од 1891 година, во која се нагласуваше човечкото достоинство и достоинството на работата. Свештеникот Кристофер Робинсон од Универзитетот ДеПол истакна дека ова е основата на современото социјално учење на Црквата. „Со изборот на името Лав XIV, тој ја покажува својата посветеност на општественото учење на Црквата кое го зацврстил Лав XIII“, рече свештеникот и експерт за Ватикан Томас Рис.
Папската историја изобилува со примери за такви симболични избори. На пример, папата Франциско, роден како Хорхе Марио Берголјо, го избрал своето име по Свети Франциск Асишки, „човек на сиромаштија, мир и љубов кон творението“, велејќи дека сонува за Црква „која е сиромашна и за сиромашните“.
Последниот папа со името Лав бил Лав XIII, чие вистинско име било Џоакино Винченцо Рафаеле Луиџи Печи.
Свет
Мексико го тужи Гугл за промена на името на Заливот во Американски Залив

Мексико го тужи интернет гигантот Гугл поради промената од Мексиканскиот Залив во Американскиот Залив на неговата услуга „Мапи“, изјави вчера мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум.
Претседателката го објави ова за време на нејзината дневна прес-конференција, но не сподели многу детали за тужбата. Гугл сè уште не го коментираше случајот.
Во февруари, Гугл го промени името на Мексиканскиот Залив во Американски за американските корисници на својата услуга „Мапс“ откако американската влада еднострано го преименуваше водно тело. Корисниците надвор од САД ќе ги видат обете имиња.
Европа
Илјадници протестираа во Словачка. „Фицо го помина Денот на победата со воен злосторник“

Неколку илјади демонстранти вчера излегоа на улиците на словачкиот главен град Братислава и други градови за да протестираат против посетата на премиерот Роберт Фицо на Москва.
Фицо присуствуваше на годишната руска воена парада по повод победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Додека поголемиот дел од Европа ја одбележа годишнината завчера, Русија секогаш ја одржува својата парада на победата на 9 мај. Фицо беше единствениот лидер на земја-членка на Европската Унија што присуствуваше на настанот и беше критикуван за неговиот проруски став.
Најголемиот протест се одржа во Братислава. „9 мај е Ден на Европа, но не за секого. Роберт Фицо ќе го помине со воен злосторник“, објави организаторот на протестот на Фејсбук, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин.
Шефицата на ЕУ, Каја Калас, исто така, остро го критикуваше патувањето на Фицо во Москва. „Секој што ја поддржува слободата, независноста и европските вредности треба да биде денес во Украина, а не во Москва. Фицо е на погрешната страна“, рече таа.
Словачкиот премиер го бранеше своето патување во пораки на Фејсбук до своите поддржувачи. Тој рече дека неговото патување е за да им оддаде почит на оние што загинаа за ослободувањето на Словачка од нацистичката власт.