Свет
Македонија ќе плаќа милионски отштети за кршење авторски права
Дистрибутерската куќа „СВРСА“ и телевизијата Канал 5 поднесоа тужба против Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), во која бараат надомест на штета од 200 илјади евра поради повреда на авторските права за емитување на настаните од „Формула 1“.
Владимир Николоски
Дистрибутерската куќа „СВРСА“ и телевизијата Канал 5 поднесоа тужба против Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), во која бараат надомест на штета од 200 илјади евра поради повреда на авторските права за емитување на настаните од „Формула 1“. Тие тврдат дека одговорните во ЗАМП ги довеле во заблуда кабелските оператори дека се застапници за комерцијалната програма што се емитува на телевизиите од земјите од поранешните југословенски простори. Во ЗАМП велат дека тие се застапници за пакетите што ги нудат неколку европски дистрибутерски организации, но само за музички програми од повеќе странски ТВ-куќи.
Домашните телевизии и дистрибутерски компании најавуваат дека Македонија ќе се соочи со тужби и барања за милионски отштети ако брзо не се воведе ред во работата на кабелските оператори.
Драган Живковиќ од „СВРСА“ вели дека кабелските оператори не смеат да ја реемитуваат комерцијалната програма на ниту една од земјите од поранешните југословенски републики за која домашните дистрибутери имаат ексклузивни права за емитување во Македонија.
– ХРТ, босанската телевизија „ОБН“ и ТВ „НОВА“ писмено не известија дека немаат склучено никаков договор со кабелските оператори од нашата земја за реемитување на комерцијалните програми што се прикажуваат на овие канали. Факт е дека кабелските оператори можат да реемитуваат програма што не е кодирана, а сите други комерцијални програми, филмови, серии и спортски натпревари не смеат да се реемитуваат ако се знае дека домашните дистрибутерски куќи платиле пари за да добијат ексклузивност за овие простори – вели Живковиќ.
Во Министерството за култура велат дека проблемот настанал поради реемитувањето на вториот канал на Хрватската телевизија, каде што се прикажуваат голем број спортски натпревари, филмови и серии за кои нашите дистрибутери и ТВ-куќи плаќаат големи суми пари за да добијат право за ексклузивно емитување во Македонија.
– Има две решенија за овој проблем. Кабелските оператори да не ги реемитуваат комерцијалните програми на одредени сателитски канали или каналот целосно да се укине од мрежата на кабелските оператори. Министерството за култура постојано ја контролира работата на кабелските оператори и за секое нелегално реемитување тие добиваат прекршочна пријава – вели Тодорче Тасевски, портпарол во Министерството за култура.
Емил Стојменов, директор на Канал 5, вели дека телевизиите А1, Телма, Канал 5 и Сител се единствените приватни ТВ-куќи што легално ги откупуваат авторските права за филмовите, сериите и за другите комерцијални програми. Според Стојменов, се друго е класична пиратерија.
– Го тужиме ЗАМП бидејќи имаме сознанија дека ги довел во заблуда кабелските оператори и прикажувал дека е застапник за Македонија за повеќе странски ТВ-канали. Со тоа оваа институција директно придонела да се прекршат авторските права за одредени комерцијални програми за кои нашата ТВ-куќа платила пари за да добие право за ексклузивно прикажување. Вината не е во кабелските оператори, туку во ЗАМП и некои меѓународни дистрибутерски организации, за кои ние сметаме дека незаконски потпишуваат договори со операторите во Македонија – вели Стојменов од Канал 5.
Зоран Васкоски, директор на ЗАМП, вели дека здружението е посредник во договорите меѓу кабелските оператори и неколку меѓународни дистрибутерски куќи за застапување на музичките програми во Македонија.
Според него, судскиот процес ќе покаже дали ЗАМП ги прекршил законите.
– Ние сме посредници во договорот меѓу кабелските оператори и неколку европски дистрибутерски куќи, но само за музички програми, не за филмови, серии и комерцијални програми. Така, сметаме дека секое неовластено прикажување на комерцијални програми е пиратерија. ЗАМП води судски процеси со 24 од вкупно 65 кабелски оператори бидејќи тие не плаќаат за авторските права согласно со договорите – вели Васоски.
Советот за радиодифузија е надлежен да ја одобрува програмата што ја реемитуваат кабелските оператори. Оттаму велат дека ЗАМП има одобрение од Министерството за култура да посредува во договорите за реемитување меѓу кабелските оператори. Доказ дека кабелските оператори често знаат без одобрение од Советот да ги менуваат програмите е тоа што само во првите три дена од јуни 4 кабелски оператори добиле прекршочни пријави поради непочитување на правилата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Ние сме во состојба на борбена готовност, Западот ризикува глобален конфликт: Путин од Црвениот плоштад по повод Денот на победата
Во денешниот говор од Црвениот плоштад, рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот дека ризикува глобален конфликт и рече дека никој нема да смее да се заканува на најголемата нуклеарна сила во светот додека Русија ја одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Додека руските трупи напредуваат против украинските сили поддржани од Западот, Путин ги обвини „арогантните“ западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија и поттикнувањето на конфликти ширум светот, пишува Гардијан.
„Знаеме до што водат таквите амбиции. Русија ќе направи се за да спречи глобален конфликт“, рече Путин.
„Но, во исто време нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратешки сили се секогаш во состојба на борбена готовност“.
Свет
Харази: Не планиравме да направиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор
Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина доколку Израел му се закани, изјави советникот на врховниот лидер на Иран, Камал Харази, предизвикувајќи загриженост за иранското нуклеарно оружје.
„Не планиравме да направиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор, освен да ја промениме нашата воена доктрина“, рече Харази, објави иранската Студентска вести мрежа додавајќи дека Техеран веќе објавил дека има потенцијал да се направи такво оружје.
Врховниот водач на Иран, Али Хамнеи, го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-тите повторувајќи ја својата позиција во 2019 година кога изјави дека „изградбата и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е религиски забранета.
Но, во 2021 година тогашниот ирански министер за разузнавање рече дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.
„Во случај ционистичкиот режим (Израел) да ги нападне нашите нуклеарни постројки, ние повеќе нема да се двоумиме“, додаде Харази.
Во април Иран и Израел достигнаа историски максимум, при што Техеран директно лансира речиси 300 проектили и беспилотни летала кон Израел како одмазда за непотврдениот израелски напад врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск, кој резултира со жртви. Иран ги развива своите нуклеарни постројки во последните години тврдејќи дека тие служат чисто цивилни цели.
По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во 2015 година, со кој драстично се ограничува збогатувањето со ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да врши строги инспекции.
Оттогаш САД се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп, а Техеран почна да збогатува со ураниум.
Неодамна, поранешните водечки ирански политичари навестија дека земјата сега е технички способна да произведува нуклеарно оружје.
Регион
Вучиќ до Силјановска-Давкова: Уверен сум дека ќе продолжиме да работиме на зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ ја честита победата на Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија.
„Ѝ честитам на Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседател на Северна Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Уверен сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија, со цел напредок и благосостојба на нашите народи, како и просперитет на целиот регион“, изјави Вучиќ на платформата „Икс“.
„Многу ми значат вашите честитки“, му одговори Силјановска-Давкова на Вучиќ по упатената честитка.
„Вашите искрени честитки ми значат многу, претседателе Вучиќ. Очекувам дека ќе продолжиме да работиме на подобрување на одличните македонско-српски односи. Ви благодарам многу, претседателе Вучиќ“!, напиша таа во својот одговор на социјалната мрежа X.