Европа
Германија шокирана од нападите врз жените на дочекот на Нова година во Келн
Не стивнуваат реакциите во Германија откако се дозна дека 90 жени пријавиле дека на дочекот на Новата година пред катедралата во Келн биле опљачкани, им се заканувале или биле сексуално вознемирувани од млади повеќето пијани мажи најверојатно имигранти, поради што се одржаа протести, а полицијата го оцени тоа како „нова димензија на криминалот“.
Во вторникот ноќта околу 300 лица, според локалната полиција, демонстрирале против сексуалното насилство пред катедралата во Келн. Тие бараа подобра заштита и повеќе почит за жените, пренесува агенцијата DPA.
Началникот на келнската полиција, Волфганг Алберс, изјави на прес-конференција дека полицајците напаѓачите ги опишале дека изгледале како да потекнуваат од „арапските и северноафриканските земји“, како и дека биле на возраст од 18 до 35 години. „Имаме и една тужба за силување“, додаде.
Пет мажи биле уапсени во петокот поради инцидентите пред катедралата, но нивниот идентитет не е објавен. Истрагата продолжува, додадел Алберс.
Комесарот за интеграции Ајдан Озгуз предупреди дека поради тоа не смее сите странци и бегалци во земјата да се сметаат за сомнителни, меѓутоа десничарските партии и организации повикаа да се прекине со примањето на имигрантите во Германија.
Германската канцеларка Ангела Меркел, која последните месеци е жестоко критикувана за попустливоста кон приемот на имигрантите што резултираше со повеќе од милион баратели на азил во Германија само во текот на 2015 година, изрази шокираност од нападите во Келн, пријавени и во други градови низ земјата.
Нападите се случиле според полицијата кога околу илјада мажи се поделиле во помали групи додека полицајците го чистеле плоштадот за да го прекинат претераното фрлање петарди од врвот на скалилата врз масата луѓе кои прославувале. Овие групи од по неколку лица плански ги изделувале жените од масата, опколувајќи ги со цел сексуално да ги нападнат или ограбат, соопшти полицијата во Келн.
Градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер, голема поборничка на политиката на отворени врати за имигрантите поради што ден пред изборите беше прободена во вратот од противник на миграциските политики, изјави дека тоа што се случило е „неверојатно и оти не може да се толерира“, но истакна доследна на своите уверувања дека „нема причини да се верува“ дека за тоа се виновни бегалците.
Министерот за Хаико Мас изјави во вторникот дека Германија нема да ги прифати одвратните напади врз жените, оценувајќи ги како „сосема нова димензија на организираниот криминал“ без да прецизира дополнително. Според него безбедноста во градовите треба да се зголеми „за граѓаните да не бидат беспомошни и изложени на брутално насилство“.
Десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), чија популарност се зголеми во времето на миграциската криза, порача дека Германија треба да ги затвори границите. „Г-ѓо Меркел, дали Германија е доволно шарена и космополитска за вас по бранот криминал и сексуални напади?“,запраша на Twitter една од челничките на партијата, Фрауке Петри.
Канцеларката Меркел во телефонскиот разговор со келнската градоначалника Рекер порачала дека нападите заслужуваат решителен одговор. „Треба да се стори сé за да се спроведе истрага за одговорните што е поскоро и потемелно можно и да се казнат, без разлика од каде се“, според нејзиниот портпарол Штефан Зајберт.
Челничката на Келн рекла дека градот ќе го зголеми бројот на полицајците и безбедносните камери на улиците, за да се спречи повторувањето на таквите сцени. Нејзиниот портпарол соопшти дека Рекер ќе излезе со план како да се осигури безбедноста на претстојниот познат карневал во Келн, кој привлекува повеќе од милион посетители секој февруари.
Полицијата во Хамбург во вторникот соопшти дека во овој северен пристанишен град на новогодишната ноќ се случиле слични напади. Биле пријавени девет случаи за сексуален напад и кражби, од стана на жени кои тврдат дека биле вознемирувани од мажи „со медитеранска и арапска физиономија“./крај/мф/сн
Извор: Reuters/DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

