Свет
Нов напад на христијанска црква во Малезија

Уште една црква е нападната во понеделникот во Малезија, деветта во последните пет дена, како последица на тензиите откако беше донесена одлука немуслиманите да можат да го употребуваат терминот „Алах“ за Господ
Во последниот напад врз христијанската заедница во Малезија, била запалена вратата на Евангелистичката црква во сојузната држава Негери Сембилан на островот Борнео, пренесе Associated Press. Во нападот нема повредени. Пасторот Еди Марсон Јасир изјавил дека локалната полиција му одговорила дека околностите се’ уште се испитуваат, но дека нема траги од употреба на Молотови коктели, како што беше случај во претходните напади.Нападите врз христијанските светилишта кои траат од петокот внесоа големи тензии во Малезија, а христијанската заедница почнува да се чувствува небезбедно, пренесуваат локалните медиуми. Тие додаваат дека односите со мнозинската муслиманска заедница стануваат се’ позатегнати. Малезија има 27 милиони население, од кои 60 отсто се муслимани, а десет проценти се христијани. Нападите врз христијанските објекти уследија по донесувањето на судската одлука со кои на немуслиманите им се дозволува да го употребуваат терминот Алах за Господ.Владата на Малезија во петокот поднесе жалба на пресудата. Муслиманите ја сметаат употребата на Алах ексклузивно право само на исламот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Човештвото е на работ на глобална катастрофа

Човештвото е на работ на глобална катастрофа поради избувнувањето на вооружени конфликти и конфронтацијата меѓу нуклеарните сили, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
„Општите експертски проценки се дека човештвото е на работ на глобална катастрофа. А главната пружина во овој механизам на часовникот е намотана од вооружените конфликти што беснеат низ целиот свет, конфликтот меѓу нуклеарните сили и влошувањето на хроничните глобални проблеми“, рече Медведев на пленарната сесија на Меѓународниот правен форум во Санкт Петербург.
Новиот светски поредок ќе се темели на последиците од сегашната конфронтација, смета Дмитриј Медведев.
„Веројатно е дека новиот светски поредок ќе се базира на последиците од сегашната конфронтација, воените дејствија и правните модели предложени да ја заменат“, рече Медведев.
Свет
„Како расипана плоча“: министерката за одбрана на Литванија за разговорот на Трамп со Путин

Литванската министерка за одбрана Довиле Шакалиене го коментира телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин велејќи дека изјавите што следувале по разговорот личат на расипана плоча.
Шакалиене за литванската јавна телевизија ЛРТ изјави дека исходот од овие преговори изгледа како веќе видено сценарио, без вистински промени во руската агресија против Украина.
„Сè изгледа како повторување стари шеми. Слична ситуација се случила и претходно. Разговорите секогаш се опишуваат со исклучително позитивен тон, што буди надеж за брзи промени, но искуството нè учи дека овие промени никогаш не се случуваат“, рече Шакалиене.
Министерката потсети дека Трамп претходно бил разочаран, па дури и лут поради однесувањето на Русија, но дека сега, по уште еден разговор со Путин, повторно зборува за позитивни исходи.
„Сега имаме нова рунда разговори, кои повторно се покажуваат како многу позитивни. Не верувам дека исходот ќе биде поинаков, со оглед на тоа што Путин сè уште ја продолжува својата агресија против Украина“, рече Шакалиене.
Според неа, ваквиот развој на настаните му одговара на рускиот претседател.
„Кога зборуваме за тековниот процес, јасно е дека е во интерес на Путин да одложува, да создава привид на преговори, да ги лаже сојузниците и да купува време. Но, искрено, не верувам дека денес многу сојузници, дури и веруваат дека е можно да се договори нешто со Путин“, заклучи литванската министерка.
Свет
ЕУ воведе нов пакет-санкции против Русија, главна цел руската флота во сенка

Европската Унија усвои нов пакет-санкции против Русија поради војната во Украина, насочени кон руската флота во сенка, хибридните закани и кон кршењето на човековите права, потврди високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
Калас во објава на платформата „Икс“ напиша:
„ЕУ го одобри својот 17-ти пакет-санкции против Русија, кој вклучува речиси 200 брода од флотата во сенка. Новите мерки се однесуваат и на хибридни закани и на кршење на човековите права. Новите санкции се во подготовка. Колку подолго Русија води војна, толку посилен ќе биде нашиот одговор“, напиша таа.
Што вклучува 17-тиот пакет-санкции?
- Цел на 200 брода од таканаречената флота во сенка, која се користи за заобиколување на меѓународните ограничувања за извоз на руска нафта;
- Санкции поврзани со хибридни закани, вклучувајќи сајбер-напади, дезинформации и напади на критична инфраструктура во земјите на ЕУ;
- Мерки против поединци и субјекти поврзани со кршење на човековите права во окупираните територии на Украина и во самата Русија.
И Велика Британија претходно денес воведе 100 нови санкции кон Русија, насочени кон воениот сектор, енергетиката и финансиските институции.