Македонија
Собранието одбележа 20 години од Првите парламентарни избори
Во Собранието денеска се одбележаа 20 години од Првите парламентарни повеќепартиски избори во Македонија.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на свеченоста по повод одбележувањето на парламентарната демократија рече дека првите избори заедно со референдумот се заокружување на вековната идеја и стремежот на македонскиот народ и сите граѓани на Македонија за самостојна и независна држава, која ќе се темели на принципи на парламентарната демократија и човековите права и слободи и владеењето на правото
„Во исто време првите парламентарни избори и првиот повеќепартиски Парламент фактички и уставно правно и секако државотворно започнува процесот на градење на самостојната држава, на имплементација на демократските принципи, а со тоа и остварување на стратешките определби, на создавање демократско општество во кое граѓаните ќе бидат носители на власта, вклучување на Македонија како препознатлив, но и одговорен субјект во меѓународните организации, а во тие рамки и нашата определба за евроатланските интеграции“, рече Вељановски.
Високиот одзив на граѓаните од над 84 проценти на парламентарните избори, како што рече тој, го покажува високото чувство и одговорност на граѓаните за самостојна држава.
Првиот претседател на Собранието, Стојан Андов рече дека показател за промените што настанале во општеството, е тоа што избраните пратеници во тогашниот парламентарен состав многу малку се познавале меѓу себе, но оти тоа не било пречка да соработуваат во интерес на државата.
„Најважно од се е што не дозволивме да се случат грешки кои ќе имаат катастрофални последици за државата“, посочи Андов.
Првите парламентарни избори од осамостојувањето на Македонија се одржаа на 11 ноември според мнозинскиот изборен систем. Територијата на Македонија беше поделена на 120 изборни единици. На првите избори учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Првиот круг се одржа на 11 ноември 1990 година, а вториот на 25 ноември. Одзивот на гласачите во првиот круг беше 84,8 отсто, а во вториот 76,8 отсто.
Конститутивната седница на првиот плурален Парламент се одржа на 8 јануари 1991 година. За претседател на законодавниот дом беше избран Стојан Андов. Прв акт што го донесе Собранието на Република Македонија веќе на 25 јануари 1991 година беше Декларацијата за сувереност.
Првото македонско повеќепартиско Собрание ја постави правната основа на самостојна Македонија, го распиша референдумот за независност, го усвои Уставот, химната, знамето и ги избра првиот претседател на државата Киро Глигоров и првата Влада предводена од Никола Кљусев.
По првите повеќепартиски избори, во Република Македонија досега се спроведени уште пет парламентарни избори и последните во 2008-та предвремени избори. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

