Економија
Промовиран акциски план за вработување на младите
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски го претстави првиот „Акциски план за вработување на младите во Република Македонија 2012-2015“.
Реализацијата на акцискиот план, што се однесува на млади од 15 до 29 години, ќе чини 27 милиони денари,пари што ќе бидат обезбедени од државниот буџет, од пристапната помош на фондовите на Европската унија и проектите за техничка соработка и финансирање од донатори.
Младите што треба да бидат опфатени со планот се над 28 проценти од вкупното население во таа возрасна група.
Неопходен е фокус на младите на стручното средно и високо образование, укажа Ристовски, посочувајќи на анализите на Агенцијата за вработувања кои покажуваат дека поголем дел од невработените во Македонија се лица кои студираат на определени општествени науки, а пазарот на труд не може да ги апсорбира во толкава количина.
„Од друга страна, стручното образование, и средното и високото, е силно дефицитарно на пазарот на трудот во Македонија и очекуваме зголемување на интересот затоа што и домашните, но и странските инвеститори, во над 90 проценти од интересите за работно ангажирање лица од Македонија, без оглед дали се млади или повозрасни, се за лица од профили со стручно образование. Затоа и нашиот главен фокус ќе биде мотивација на младите за стручно образование, и средно и високо“, укажа Ристовски.
„Преку четири стратешки цели сакаме да ја подобриме ефективноста на институциите на пазарот на трудот, да ги подобриме можностите за вработување на младите, да ја поттикнеме вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор, како и да обезбедиме вклучување на младите на пазарите на трудот“, рече министерот Ристовски. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57% во однос на одлуката од 22.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,68%, кај дизелот намалувањето е за 2,026%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,78% и кај мазутот зголемување е за 0,059%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,166%
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,107 ден/кг и сега ќе изнесува 46,661 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.