Македонија
Одржан протест на вероучителите и поддржувачите на веронауката

Неколку стотици луѓе се собраа денеска пред Уставниот суд во Скопје во знак на револт поради одлуката на судот за укинување на предметот веронаука во
Неколку стотици луѓе се собраа денеска пред Уставниот суд во Скопје во знак на револт поради одлуката на судот за укинување на предметот веронаука во основните училишта во Македонија.
Најголемиот дел од насобраните граѓани се вероучители од сите религии во Македонија, кои допатуваа од различни градови од државата, но тие добија поддршка и од граѓани, претставници на невладини организации, родители и ученици кои бараат веронауката да се врати во училиштата.
Тие го изразија револтот поради одлуката што Уставниот суд ја донесе минатата недела, а со која што се укина член 26 од Законот за основно образование, со што се забранува одржување на предметот веронаука.
„Изненадени сме како во едно демократско општество, каде и верата е составен дел на општеството, се уште имаме судии и судови кои нивните одлуки ги донесуваат со стереотипи од комунистичкиот режим“, рече на денешниот собир Хајдин Салиу, наставник по веронаука. Тој посочи дека вероучителите бараат „и веронауката да биде составен дел на јавниот образовен систем“.
Наставникот по веронаука Жаклина Георгиева праша како е можно да се укине веронауката, кога според демографско статистичките податоци во последниот попис извршен во Македонија, 90 отсто од жителите се изјасниле како религиозни луѓе, а само 7 отсто како атеисти.
„Според тоа како може да се говори за демократско општество или демократија ако на религиозниот човек му се наметнува укинува и оспорува правото на слободна определба за учење за верата. Каде се овде стандардите на демократијата кои ја бранат и за која ни говорат дека се залагаат“, рече Георгиева.
Вероучителите, добија поддршка и од граѓанската асоцијација „Здрави животни стилови“, чиј што претставник Милан Стефановски на денешниот собир рече дека „веронауката се изучува во 40 европски земји, а кај нас Уставниот суд ја укина со образложение дека е неуставна“.
Организаторите на собирот не прецизираа кои се следните чекори кои што ќе ги преземат за одбрана на правото за изучување на веронауката во основните училишта.
Веронауката како изборен предмет беше воведен во наставата за петто одделение од учебната 2008/2009 година, за што се определија 15 илјади ученици или околу 65 отсто од петтодделенците во Македонија. Родителите на учениците можеа да бираат меѓу предметите – веронаука и историја на религии./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Македонија добива современ и сеопфатен план за дигитален развој

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што, како што кажа, Македонија, по осум години, конечно добива современ и сеопфатен план за дигитален развој.
„Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија и потреби“, истакна министерот Андоновски.
„СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година: дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги и дигитално интегрирани бизниси.
„Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми, и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа, стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации“, рече министерот Андоновски.
Додаде дека оваа стратегија е резултат на широк и инклузивен процес. Се одржаа десетици јавни расправи и online консултации. Во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.
„Секоја препорака, секоја мерка и секој приоритет произлегува од заеднички консензус – како да изградиме дигитална Македонија што ги обединува сите општествени сектори“, рече Андоновски.
Македонија
ЕУ ја одобри втората транша средства за Македонија во рамките на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан

Со Одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, соопшти Министерството за европски прашања.
Со оваа одлука, како што е појаснето, се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем.
Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата кои се користат за порамнување на претфинасирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на инструментот.
Одлуката, се истакнува во информацијата,која претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата, следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и раст.
Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии.
Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024-2027 со рок на реализација до јуни 2025 година.
Од вкупно 16 чекори, Република Северна Македонија пријави како исполнети девет, врз основа на процената направени од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори.
Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската Директива за сајбер-безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврди продолжен рок (грејс период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.
Македонија
(Фото) Министерот за здравство се вакцинира против грип: Апелирам граѓаните навреме да се заштитат

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го посети одделението за епидемиологија во Гостивар, каде и тој прими вакцина против сезонскиот грип.
„Денес сум во мојот роден Гостивар, каде што се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, особено ги повикувам лицата што спаѓаат во ризични групи да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или кај својот матичен лекар“, истакна при посетата министерот Азир Алиу.
На ниво на држава досега се пријавени речиси 49.000 граѓани за вакцинација против сезонскиот грип. Првиот ден се вакцинирани над две илјади лица.
„Ова е навистина голем интерес, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип и уште еднаш ги потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Министерството годинава набави најголем број вакцини против сезонскиот грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија“, истакна Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.