Македонија
Охридскиот договор е процес кој трае
Охридскиот договор беше и останува најважна инвестиција за мирот и стабилноста на Македонија, порача Муса Џафери, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор,на свеченоста по повод единаесетгодишнината од потпишувањето на договорот.
Според Џафери договорот е инвестиција која не само што доведе до прекин на конфликтот, туку ги изгради и темелите на едно ново општество и подобра иднина за сите,
„Компромисот постигнат пред 11 години е основа на соживотот, гаранцијата и напредокот на нашето општество. Затоа суштинскиот показател дека Охридскиот договор ја исполнил својата главна цел е зачленувањето на државата во НАТО и ЕУ. Испраќаме порака до сите фактори, како домашни така и меѓународни за едно соединето партнерство во правец на исполнување на оваа цел“, рече Џафери.
Вицепремиерот смета дека Охридскиот договор е повеќе од договор и документ, тој е процес кој започна после 2001 година и кој трае и ќе продолжи да егзистира и понатаму.
„Тоа е процес на демократизација на општеството во Република Македонија, демократизацијата како основна вредност на развиените земји и како предуслов за продолжување на евроинтегративните процеси во Република Македонија“, рече Џафери.
Затоа што Охридски договор е договор за иднината на Република Македонија, во својата суштина ја елиминира дискриминацијата, употребата на насилство и етничка и територијална поделба и истовремено ги промовира највисоките меѓународни вредности – толеранцијата, соживотот и рамноправноста помеѓу различните етнички заедници.
„Големината на Охридскиот договор е во врвниот приоритет: гаранција и заштита на етничкиот идентитет односно заштита на интересите на сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната етничка припадност“, додаде Џафери.
„Единаесет години по ред Македонија беше и останува определена кон спроведувањето на договорот со безрезервна помош и поддршка од меѓународната заедница. Овој договор го смени пристапот на сите релеватни фактори кон општествените предизвици – сега веќе децентрализацијата на власта, промоцијата и меѓусебното почитување на културата, идентитетот и традицијата на различните етнички заедници во Република Македонија, правичната и соодветената застапеност на етничките заедници во институциите се најважните столбови на новото општество на Република Македонија“, додаде Џафери.
На свечениот прием во Музејот на современа уметност присуствуваа заменик-претседателот на Владата за економски прашања Владимир Пешевски, вицепремиерот за евроинтеграции Теута Арифи, министрите за одбрана, за правда, за надворешни работи и за здравство, Фатмир Бесими, Блерим Беџети, Никола Попоски и Никола Тодоров, актуелни и поранешни пратеници, претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, претседателот на Демократската унија за интеграции Али Ахмети и други членови на партијата, како и претставници на дипломатскиот кор и невладиниот сектор.
Рамковниот договор, значеше крај на конфликтот во Македонија и беше потпишан на 13 август 2001 година во тогашната претседателска резиденција на Водно од страна на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и претседателот на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, се и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

