Свет
Патарина плаќаат само глупавите
Службените легитимации на многу државни службеници, цариници, полицајци, носители на дипломатски пасоши, вработени во АРМ, па дури и самите фаци на локални моќни бизнисмени се пропусница да се помине бесплатно преку наплатната рампа
КОЛКУ СЕ КРАДЕ НА ПАТИШТАТА НИЗ МАКЕДОНИЈА
Службените легитимации на многу државни службеници, цариници, полицајци, носители на дипломатски пасоши, вработени во АРМ, па дури и самите фаци на локални моќни бизнисмени се пропусница да се помине бесплатно преку наплатната рампа, а во Македонија
Цела државна администрација, вработени во царина, полиција, АРМ, пратеници, владини претставници и бизнисмени патарините на автопатиштата во Македонија ги поминуваат без да ги платат патните такси. Како пропусница за да им се подигне рампата, дури и кога патуваат со приватни возила ги користат службените легитимации, што е спротивно на законот. Ситните души за да заштедат стотина денари одат до таму што покажуваат дипломатски пасоши. Има и такви што место легитимации на вработените на патарината им вперуваат пиштоли, или им пренесуваат поздрави од прочуени тепачи.
Законската обврска ја исполнуваат само обичните граѓани, кои се без службени легитимации и немаат со што да се закануваат.
Според Законот за користење на јавните патишта од плаќање патарина ослободени се само возилата на полицијата, на војската, противпожарните коли, итната помош, возилата на погребалните претпријатија, на странските мисии и на хуманитарни организации. Наплатните рампи, без да ја платат таксата ги поминуваат и возилата со дипломатски таблички и владините возила со придружба. Патарина не плаќаат и сите инвалиди кои имаат добиено посебна пропусница.Тоа е според закон. Се друго е злоупотреба која одговорните во “Македонија пат” ја толерираат.
“Не се проблем 120 пратеници кои покажуваат легитимации за да не ја платата таксата, проблем се скоро сите вработени во државните установи кои ги злоупотребуваат своите функции”, ни рече вчера директорот на ЈП “Македонија пат” Дуфе Кукоски. Тој признава дека државните службеници и бизснис моќници од Македонија го кршат законот, но вели дека јавното претпријатие нема моќ тоа да го спречи. “Вистина е дека се користат сите можни начини бесплатно да се помине рампата. Покажуваат книшки, се караат па дури и се тепаат со вработените. Пријавуваме во полиција и се завршува тука”, вели Кукоски.
Ако сите си ја плаќаат патната такса, објаснува Кукоски месечната заработувачка од патарината која е околу 70 милиони денари ќе биде двојно поголема. За празникот Илинден, и тоа само за еден ден патарините заработија околу три милиони денари. Тогаш од “Македонија пат” не можеа да ни кажат колку возила ги поминале наплатните рампи, оти тие допрва ќе се броеле.
Не е јасно зошто државните службеници кога одат службено на пат не се однесуваат како и другите, па сметките за патарина да ги правдаат со патните налози. Неплаќањето само ги шири можностите за злоупотреби, не само кај “привилегираните”, туку и кај вработените на патарините.
Дури ни директорот на Фондот аз магистрални и регионални патишта Љуљзим Џемаили, каде што одат заработените пари немаше информација колку Фондот ќарил за време на продолжениот илинденски викенд. Тој тогаш изјави дека ниту знае колку возила поминале, ниту знае колкава е заработувачката. “Знам само дека нема да добијам онолку пари колку што треба да ми уплати “Македонија пат” оти добар дел вработените на рампите си ставиле в џеб”, изјави по празникот Џемаили.
Дуфе Кукоски вчера ни рече дека ЈП “Македонија пат” за да го реши проблемот со избегнувањето на наплатата на патарините, пред околу едена година до Владата на Македонија поднело барање за укинување на привилегираните групи на патнички возила. До сега вели Кукоски немаат добиено никакво известување дека барањето е одобрено.
Од Владата на Македонија поради одморите вчера немаше кој да даде официјална информација дали барањето на Македонија пат било разгледано на некоја од седниците. Неофицијално, дознаваме дека на сите владини седници што годинава се одржале не стигнало никакво барање. Но и да стигнало, велат извори од владата на Македонија, тоа немало никакви шанси да се одобри, оти “полицијата ако гонела крадци не можела да застанува на рампа за да ја плати патарината”.
Вработените од МНР треба да плаќаат патарина
Министерството за надворешни работи нема никаква одредба со која вработените од Министерството кога патуваат со приватни возила се ослободуваат од плаќање патарина, ни рече вчера Душко Узуновски, портпарол на МНР.
Од таму не додоа информација кој им дозволува на лицата со дипломатски пасоши бесплатно да ги поминуваат наплатните рампи.
Министерот наредил полицајците да плаќаат патарина кога патуваат приватно
Во Министерството за внатрешни работи велат дека нивните вработени кога се на службена должност можат да поминуваат на патарините покажувајќи ја нивната полициска значка без да платат. Кога полицајците се на должност можат да бидат и со цивилно возило без полициски ознаки, а вработените на патарините не ги препознаваат тие возила, па затоа ги пропуштаат откако Ќе им покажат полициска значка, појаснуваат во МВР.
“Кога се на должност вработените во МВР поминуваат на патарина без да платат. Но, кога не се на работа, кога патуваат приватно мораат да плаќаат како и сите други. Има наредба директно од министерот сите наши вработени кога не се на должност да плаќаат патарина”, ни изјави вчера шефот на министерскиот кабинет во Минисерството за внатрешни работи Горан Павловски.
Тој додава дека и претходните министри давале такви наредби вработените во МВР да плаќаат патарина кога патуваат приватно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп: Орбан никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево ја повтори својата поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија, само неколку часа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го критикуваше унгарскиот лидер за неговите критики за неговата поддршка за Украина.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Орбан „вистински силен и моќен лидер кој има докажана евиденција за постигнување феноменални резултати“.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас ги сакам Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Орбан вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја развие економијата, да создаде работни места, да ја промовира трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред. Трамп, исто така, се осврна на односите меѓу двете земји за време на неговото претседателствување.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја изрази својата желба да продолжи соработката „за да можат двете наши земји да продолжат да напредуваат по овој извонреден пат кон успех“.
Тој потсети дека го поддржал Орбан на изборите во 2022 година. „Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно“.
„Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и комплетна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија. Тој никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија“, заклучи Трамп.
фото/епа

