Свет
Галеријата „Остен“ продадена како градежен материјал за 50.000 денари
Скопската фирма „Горица трејд“ го купила деловниот простор на „Остен“ за 1.000 евра иако за истиот повеќе од една година плаќа кирија од 1.500 евра
ВО СТЕЧАЈНАТА ПОСТАПКА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“
Скопската фирма „Горица трејд“ го купила деловниот простор на „Остен“ за 1.000 евра иако за истиот повеќе од една година плаќа кирија од 1.500 евра
Зградата на галеријата „Остен“ во комплексот на Старата железничка станица во Скопје, со површина од 450 квадратни метри, е продадена за 50.000 денари, но не како деловен простор, туку како градежен материјал. Продажбата е извршена во рамките на стечајната постапка на НИП „Нова Македонија“. Се проценува дека овој објект вреди над два милиона евра.
Зградата, каде што до скоро се одржуваше најголемата Светска галерија на карикатури и како таква беше дел од комплексот на Старата железничка станица, воопшто не била евидентирана во Катастарот. На тоа место се води некаков објект од привремен карактер, а не дуќан. Целиот случај е дополнително усложнет бидејќи за истиот простор, во јули минатата година, за секој случај бил склучен и договор за закуп без определен временски рок, односно „се’ до завршување на стечајот“. НИП „Нова Македонија“ во стечај зградата и ја дала под закуп на фирмата „Горица трејд“ по цена од 1.500 евра месечно, што е за 500 евра повеќе од купопродажната цена на градежниот материјал вграден во објектот.
„Горица трејд“ редовно си ја плаќа киријата, иако е сопственик на градежниот материјал со кој е изграден објектот, и воопшто не побарала намалување на месечниот надоместок од стечајната управничка Ангелина Гогушевска.
Адвокати, упатени во стечајните постапки, велат дека ако државата не си ги побара назад објектот и земјиштето, „Горица трејд“ има право по три години да бара од Катастарот да ја впише како нивен сопственик, под услов редовно да си ја плаќа киријата.
– Нешто слично се случи со многу објекти досега. Ова сценарио не може да се одработи без знаење и без логистичка поддршка од извршната власт зашто објектите на фирми во стечај не може да се издаваат на рок подолг од шест месеци – сметаат тие.
Стечајната управничка Гогушевска тврди дека овој деловен простор доживеал ваква судбина поради неодговорност, негрижа и незаинтересираност на државата. Таа го потпишала договорот за продажба на градежниот материјал вграден во објектот, но вели дека не можела да го стори тоа без одобрение од Одборот на доверители. Член на Одборот е и заменик-јавниот правобранител на Македонија, кој воопшто не реагирал на склучувањето на купопродажниот договор и на договорот за закуп.
Дознаваме дека пред спорната продажба постоела иницијатива од Одборот на доверители објектот да му припадне на Музејот на град Скопје, кој со него сочинува природна градежна целина. За ова навреме биле информирани и поранешните министри за финансии и за култура Благоја Стефановски и Никола Поповски, но тие не покажале интерес за оваа иницијатива.
– Истакнувам дека не го продадовме објектот туку градежниот материјал што е вграден во него зашто деловниот центар и не можеме да го продадеме. Тој не беше дел од имотот на НИП „Нова Македонија“, туку е сопственост на државата. Освен тоа купопродажниот договор не е основа со кој сегашниот корисник на просторот го зема во владение – објаснува Гогушевска.
Од средината на минатиот месец во некогашната галерија „Остен“ е сместен „Центарот за кожа“, една од продавниците на скопската фирма „Горица трејд“.
Слободан Содик
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот
Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот откога смртоносните погранични судири влегоа во третата недела. Средбата на официјални претставници е најавена за следната недела со цел да се постигне траен прекин на борбите, пренесе Би-би-си.
Според тајландскиот министер за надворешни работи, Сихасак Фуангкеткеов, претходното примирје од јули било избрзано бидејќи САД инсистирале договорот да биде потпишан пред посетата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Тој најави дека воените претставници на двете земји ќе се сретнат на 24 декември пред евентуален нов договор. Камбоџа засега не се огласи.
Во обновените борби, кои вклучуваат артилериски напади и воздушни удари по должината на границата долга речиси 800 километри, загинале најмалку 41 лице, а приближно 900.000 луѓе биле раселени од двете страни на границата.
Ескалацијата предизвика загриженост и во регионот, при што на состанок на АСЕАН беше повикано на итно смирување на состојбата. Во посредувањето се вклучени и САД и Кина.
Судирите меѓу Тајланд и Камбоџа траат повеќе од еден век, а последното примирје, постигнато по посредството на Малезија и САД, се распадна на почетокот на декември по што двете страни меѓусебно се обвинија за ново разгорување на борбите.
Свет
Кремљ: Путин не сака да ја освои цела Украина и да го обнови Советскиот Сојуз
Кремљ соопшти дека американските разузнавачки агенции грешат ако веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја преземе цела Украина и делови од Европа што некогаш беа дел од поранешниот Советски Сојуз.
„Ројтерс“ минатата недела објави, повикувајќи се на шест неименувани извори, дека извештаите на американските разузнавачки агенции продолжуваат да предупредуваат дека Путин не се откажал од својата цел да ја освои цела Украина и да ги преземе деловите од Европа што некогаш беа дел од поранешниот советски блок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека Москва не знае колку се веродостојни изворите што ги цитира „Ројтерс“.
„Ако извештајот е точен, тогаш заклучоците на американските разузнавачки агенции се погрешни. Тоа апсолутно не е вистина“, рече Песков за заклучоците на разузнавачките агенции.
Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, а руските сили сега контролираат речиси една петтина од земјата. Некои европски и украински лидери го обвинија Путин дека има амбиции надвор од Украина.
Рускиот претседател никогаш јавно не изјавил дека сака да ја освои цела Украина, но постојано повторува дека руските сили ќе заземат поголем дел од Украина ако Киев не се согласи да го отстапи преостанатиот дел од Донбас во источна Украина, кој сè уште е под украинска контрола.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток, кое сега ги вклучува земјите од Источна Европа, кои беа дел од советскиот блок по Втората светска војна, како закана за Русија.
Путин изјави дека не сака да го обнови Советскиот Сојуз или да нападне членка на НАТО. Овој месец тој рече дека Русија не сака војна со Европа, но дека ако Европа почне војна, Русија ќе биде подготвена.
Свет
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција“: кои се приоритетите на претседавањето на Кипар со Европската Унија
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис вчера во Лефкара ги претстави програмата и приоритетите на претседавањето на земјата со ЕУ од 1 јануари, како и логото и мотото на претседавањето.
Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности, која никого не остава на страна, како и долгорочен буџет на автономна Унија.
Во согласност со овие приоритети, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“, како што се наведува на официјалната веб-страница на кипарското претседавање со ЕУ, го одразува визионерскиот пристап, кој ги комбинира внатрешната сила и независноста со отвореност, соработка и глобален ангажман.
Во рамките на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се нагласува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на овој процес, пренесе агенцијата „Бета“.
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќното геополитичко средство на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.
Претставувајќи ги приоритетите, Христодулидис изјави дека Европа и во минатото се соочувала со сложени, па дури и егзистенцијални кризи и дека морала да одговори преку развој додавајќи дека новина денес се интензитетот, плурализмот и комплексноста на предизвиците.
„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.
За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и ќе соработува тесно со Европскиот парламент и Европската комисија, со цел предизвиците да се претворат во можности и да се обезбеди амбициите да бидат проследени со конкретни активности и опипливи резултати.
Со кипарското претседавање ќе заврши осумнаесетмесечниот програма на триото претседавања на Полска, Данска и Кипар.
На крајот на јуни в година Кипар ќе ѝ го предаде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска.
Фото: depositphotos

