Македонија
Премиерот патува по најлошиот пат во државата
Штип, Иван Бојаџиски
Жителите на Пробиштип и повеќе села долж патот кој од рударскиот град према кон Штип, а оттаму и према Скопје, се сведоци дека премиерот Емил Димитриев секое утро, од родното место патува на работа во главниот град на државата. Некогаш тоа патување е порано, некогаш околу пладне, се во зависност од тоа какви му се дневните обврските на Димитриев.
„Се навикнавме на глетката секој ден, претпладне кога патува на работа и приквечер кога се враќа од Скопје да гледам полицајци на мотори и неколку возила од неговата придружба. Ако на почетокот тоа ни беше посебно доживување сега сето тоа е една нормалност која ја живееме. Само се плашиме поради брзото возење на возилата од придружбата на премиерот да не се случи некој да настрада бидејќи овој пат е во исклучително лоша состојба“, ни рече Стојан Тодевски од селото Пишица кое е лоцирано веднаш до патот.
Во зборовите на Стојан има многу вистина. Факт е дека делницата од Пробиштип до селото Крупиште е во многу лоша состојба и таа делница е веројатно најлошиот пат во државата. Во најголем дел патот е нерамен, со многу дупки и невешто направени крпеници, адекватно необележан, на многу делови едната страна на патот е пониска од другата….Кај селото Неокази подолго од две години се уредува едно свлечиште кое се случи после период на обилни врнежи…
Кога завчера ја возевме оваа делница видовме екипа на геодети кои снимаа на оваа патна насока. Човекот кој раководеше со работата ни рече дека реконструкцијата на делницата Пробиштип-Крупиште, кај кое село делницата се врзува за магистралата Кочани-Штип била во агендата на Владата за наредната година. Оваа делница е во должина од 15 километри.
Како што е познато техничкиот премиер за спроведување на изборите Емил Димитриев одлучи и во времето додека извршува една од трите највисоки функции во државата наместо во Скопје да остане да живее во Пробиштип. Во рударскиот град велат дека најнезадоволни од таквата одлука на Димитриев биле дрвокрадците зашто патот до пробиштипските шуми водел покрај неговата семејна куќа, а таму сега имало стражарска куќа со 24 часовно дежурство на полицаец во него.
„Во секоја нормално уредена држава вршителите на највисоки функции не можат самостојно да одлучуваат каде ќе живеат. За тоа постојат правила и прописи. Оттука, и не е сосема јасно како Македонија може да си дозволи премиер, кој е тоа и макар и само на определено време, сам да одлучува каде ќе живее“, смета дипломираниот политиколог Драган Ивановски. /крај/мф/иб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода поголем дел од Гази Баба поради дефект
Утре, 3 декември, без вода и со намален притисок ќе останат корисниците од поголем дел од Гази Баба.
„Ве известуваме дека поради итен водоводен дефект на водоводна линија Ф700мм на бул.Александар Македонски, ЈП Водовод и канализација Скопје ќе превземе одреден технички зафат кој ќе се одвива на ден 03.12.2025 година (среда)“, информира Центарот за управување со кризи.
Прекин на водоснабдување од 7:30 часот до санација на дефeктот, ќе имаат следните улици и населени места:
– Бул. Александар Македоски
– Ул. 808 (дел од улица)
– Бул. Киро Глигоров (дел од булевар)
– Населба Автокоманда со намален притисок во ниска зона
– Триангла со намален притисок
– Населба Хиподром со намален притисок
– Ул. Перо Наков кај Кванташки со намален притисок
– Населба М.А.Ченто прекин на водоснабдување
– Ул. Маџари прекин на водоснабдување
– Ул. Палмиро Тољати прекин на водоснабдување
– С.Сингелиќ прекин на водоснабдување
Македонија
Финансиска поддршка од 12.000 денари за новороденчињата од општина Кисела Вода
Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.
„Сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден“, истакна Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.
Македонија
Тошковски: Најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на првата национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, што се одржа во Скопје во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Пред претставници на Владата, општините, ЗЕЛС, РСБСП и експертската јавност министерот ги истакна загрижувачката состојба со сообраќајната безбедност и потребата од системски и координиран пристап.
„Како и во светот, и кај нас најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите. Минатата година имавме 78 жртви на милион жители, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек од 40, а далеку над скандинавските земји, каде што бројката е до 20 жртви на милион жители“, нагласи министерот.
Во своето обраќање тој посочи дека Македонија се приклучува кон европската стратегија Safe System, чија цел е до 2030 година бројот на жртви да се намали за половина, а до 2050 година да се постигне целосно нулта жртви.
Тошковски дефинира дека клучните елементи на овој систем, кој заеднички треба да го имплементираат институциите, се: безбедна брзина, безбедни учесници во сообраќајот, безбедни патишта, безбедни возила и ефикасна институционална реакција по незгода.
Министерот ја поздрави иницијативата за потпишување на првата декларација за сообраќајна безбедност, со која општините формално се обврзуваат дека ќе работат системски на подобрување на условите и на инфраструктурата.
Посебен акцент беше ставен на почнатиот пробен период на системот „Безбеден град“, кој преку автоматско препознавање веќе детектира стотина илјади прекршоци. „Ова е значаен чекор кон современ, ефикасен и дисциплиниран сообраќајен амбиент“, истакна Тошковски.

