Македонија
Тодоров: Законот е над сè!
По одлуката на судот да го забрани штрајкот на лекарите во Клиничкиот центар Скопје, министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека политиката во никој случај не смее да го суспендира правото и за него е вознемирувачко тоа што министерот е обвинет оти инсистира да се почитува правото.
Според него, рочиштето не било експресно закажано, туку судот бил должен по предлог за времена мерка, рочиштето да го закаже веднаш, во рок од три дена.
Нелогично е, вели Тодоров, да се забранува штрајк на 26 септември, а штрајкот да се одржи на 24 септември.
Тој смета дека никој не може да го суспендира правото за штрајкот ако тоа е законски. Но секое право, според него, носи и обврски, па така требало да има процес на помирување и определување на минимум работи кои ќе се извршуваат за време на штрајкот.
Барањето на лекарите за покачување на платите за 100 отсто, според него, е намерно поставено нереално барање.
Тој го повика секој лекар кој лично го навредил да поднесе тужба против него.
„Вознемирувачко е што Министерот е обвинет само затоа што инсистира на правото. Не може и не смее да се дозволи повикување на право и Закон да се смета за грев. Уште помалку смее, повикување на Закон да се третира како притисок. Напротив, негирањето на правото да се бара примена на законот ги загрозува темелните вредности на кои почива правната држава“, рече Тодоров.
За Самостојниот синдикат на Клинички центар одлуката на судот е скандалозна, но ќе ја почитуваат. Претседателот на Синдикатот д-р Дејан Ставриќ најави дека ќе ја обжалат пресудата пред Апелациониот суд. Додека не добијат услови за штрајк ќе организираат протестен собир.
Одлуката на судот не им забранува на лекарите од Клиничкиот ценат да закажат нов штрајк, откако ќе ги исполнат законските процедури./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Амбасадорот на Турција кај градоначалникот Лимани: „Сигнал за зајакнување на соработката со Гостивар“
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, во рамки на неговата прва посета по преземањето на мандатот од страна на градоначалникот Лимани.
За време на средбата, градоначалникот Лимани ја изрази својата благодарност за посетата на амбасадорот Улусој, оценувајќи ја како доказ за блиските и пријателски односи што Општина Гостивар ги негува со Република Турција. Тој истакна дека оваа посета претставува важна основа за продлабочување на меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес, вклучувајќи ја културата, спортот, образованието, како и економската размена и поттикнувањето идеи за одржлив локален развој.
Од своја страна, амбасадорот Улусој му честиташе на градоначалникот Лимани за победата и преземањето на функцијата, нагласувајќи дека Турција и Гостивар споделуваат заеднички вредности, историја и интереси, кои треба да се искористат како потенцијал за интензивирање на соработката во иднина.
Во рамки на посетата, градоначалникот Лимани и амбасадорот Улусој остварија и заедничка посета на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, образовна институција во која наставата ја следи значителен број ученици од турската заедница. Посетата беше оценета како важен сигнал за посветеноста кон образованието и зачувувањето на културната разновидност во општината.

