Европа
Франција ја одбележува првата годишнина од големиот терористички напад во Париз
Францускиот претседател Франсоа Оланд го започна во неделата комеморативното одбележување на првата годишнина од терористичките напади во Париз откривајќи спомен плоча во част на мажот кој загина во самоубиствениот бомбашки напад на стадионот крај француската престолнина.
Мануел Диаз, 63-годишен, загина пред националниот стадион „Stade de France“ на кој во тој момент се играше пријателскиот фудбалски натпревар меѓу селекциите на Франција и Германија, во првиот од низата напади вечерта на 13-ти ноември 2015 година, во кој загинаа вкупно 130 луѓе.
Францускиот претседател Франсоа Оланд и париската градоначалничка од неговата социјалистичка партија Ан Идалго, потоа открија спомен плочи на кафулињата и рестораните во монденскиот центар на Париз во кој напаѓачите чија припадност ја потврди ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, стрелаа врз луѓето кои уживаа во вечерното излегување тој петок.
Главната свеченост ќе се одржи во „Батаклан“, концертната сала во којашто тројца напаѓачи убија 90 луѓе во текот на настапот на американската рок група Eagles of Death Metal. Британската музичка ѕвезда Стинг во саботата вечерта симболично по една година со свој концерт ја отвори повторно салата.
„Нема да ги заборавиме. Денеска имаме две задачи: прво да се потсетиме на оние кои ги загубија животите во нападот, а потоа да ги славиме животот и музиката во ова историско време“, ѝ се обрати Стинг на публиката на француски јазик, откако со минута молк им беше одадена почест на жртвите.
Стинг го започна концертот набиен со емоции со пестана „Fragile“, пеејќи ги стиховите „Насилството не носи ништо и нема“, на што многумина во публиката плачеле.
На распродадениот концерт присуствувале и многумина преживеани на нападот. Меѓу нив бил и Орелјен. „Ова е првпат да бидат на јавно место по една година. Не сум бил во кино, на концерт, продуктите ми ги доставуваат дома, постојано сум дома“, рекол видно потресен овој триесетгодишник, истакнувајќи дека со овој концерт се вратил во живот. „Тоа е должност, мора да се биде тука, бидејќи 90 луѓе повеќе не можат“, додал.
Францускиот премиер Мануел Валс во саботата во напис објавен во најтиражните европски дневни весници вети дека исламскиот тероризам ќе биде поразен еднаш засекогаш. „Тероризмот повторно ќе нападне во Европа“, предупреди, „но имаме сила и сето што ни е потребно да го победиме“, напиша. Додаде дека вонредната состојба воведена по париските напади веројатно ќе биде продолжена. Вонредните мерки се неопходни „за да се заштити демократијата“, истакнува Валс.
Франција е дел од меѓународната коалиција која се бори против џихадистичката Исламска држава во Ирак и во Сирија. Во земјата и натаму е вонредната состојба, а тероризмот и улогата на исламот се клучни теми на дебатите шест месеци пред одржувањето на претседателските избори./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

