Свет
Судија на платен список на „Славија“

За помагање на криминалната приватизација на фирмата се осомничени и други судии
ИСТРАГАТА СЕ ПРОШИРУВА
За помагање на криминалната приватизација на фирмата се осомничени и други судии
Доскорешниот в.д. претседател на Основниот суд 2 во Скопје, судијата Александар Младеновски, е осомничен дека бил замешан во криминалната приватизација на „Славија“ ДОО, дознава „Дневник“. Истражниот судија од овој суд, кој веќе ја почна истрагата за незаконската приватизација на оваа фирма, не го прифатил барањето од обвинителството да бидат притворени осомничениот поранешен в.д. директор и сопственик на „Славија“, Кирил Кочовски, и неговите блиски соработници, управители или основачи, Мирко Петревски, Гордана Ѓоргиевска, Новица Стевановиќ и Жаклина Павловска.
Обвинителството ќе го обжали ваквото решение на истражниот судија бидејќи смета дека тие можат да влијаат врз сведоците.
Коцевски и неговите соработници се осомничени дека со малверзации со наплата на непостојни долгови за канти сирење, помогнати од судии, дошле до сопственост врз „Славија“.
Извори на „Дневник“ велат дека судијата Младеновски ги искористил службената положба и овластувања и спротивно на законот за судови и судскиот деловник, го водел судскиот процес за приватизација на „Славија“, а во исто време на фирмата и’ давал совети и бил на платен список на другите осомничени во случајот. Упатените велат дека органите на прогонот располагале со докази оти тој од раководството на „Славија“ примал по околу 60.000 денари месечно и на тој начин незаконски стекнал повеќе од 650.000 денари. Во случајот била замешана и неговата мајка, пензионирана судијка за стопански спорови, Даница Младеновска. Таа била ангажирана како советник од раководството на „Славија“ за што примала месечен надомест од околу 22.000 денари. Истите извори велат дека и други судии ќе бидат осомничени за злоупотреба на службената положба во случајот „Славија“.
Според пријавата против Кочовски, тој станал сопственик на повеќе од 98 отсто од капиталот на „Славија“ со наплата на фиктивен долг за канти сирење. Како основач и сопственик на „Евро промет“, Кочовски складирал повеќе канти сирење во магацините на „Славија“. По некое време сирењето му било вратено на „Евро промет“. „Славија“ паднала во стечај во 1996 година, а фирмата на Кочовски пријавила дека има побарување за сирењето. Стечајниот управник не го прифатил побарувањето и почнал судски спор по две тужби за ист долг, а во вредност од околу 15 милиони денари. Тужбите биле поднесени иако претходно било извршено порамнување меѓу „Славија“ и „Евро промет“. Кога во 2000 година Кочовски станал в.д. директор на „Славија“, во две одвоени судски постапки била досудена исплата на долгот, кој со каматите пораснал на повеќе од 97 милиони денари. Во меѓувреме „Евро промет“ паднал во стечај, па парите од фиктивниот долг со цесија биле префрлени на фирмата „Балкан пром К 94“, која тој ја основал. Кочовски и неговите соработници донесле одлука побарувањата на доверителите да се претворат во траен влог и преку побарувањата на неговата новооснована фирма тој станал сопственик на повеќе од 98 отсто од капиталот на „Славија“.
(Н.Н.С.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Албанија активни се 14 пожари, горат големи површини

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата 14 пожари се уште се активни и зафаќаат големи површини.
Во објава на социјалните мрежи, наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.
Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
Свет
Израелското преземање на Газа би предизвикало катастрофа, предупредува Советот за безбедност на ОН

Спроведувањето на израелскиот план за преземање контрола врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала во целиот регион, предупреди денеска високиот функционер на ОН Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со овој план изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од големи размери.
Тој рече дека преземањето контрола врз градот Газа може да предизвика нова катастрофа во целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање цивили.
Израелскиот план беше остро осуден од претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешниот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.
Во говорот во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци, заложници на милитантното исламистичко движење Хамас.
Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.