Македонија
МИМ и ЗНМ реагираат на предлог-измените во Законот за радиодифузна дејност
МИМ и ЗНМ остро реагираат на последните предлог-измени во Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на составот и бројот на членовите на Советот за радиодифузија.
МИМ и ЗНМ остро реагираат на последните предлог-измени во Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на составот и бројот на членовите на Советот за радиодифузија.
„Двете организации сметаат дека секоја измена во регулативата која се однесува на медиумите треба секогаш да се разгледува и донесува внимателно, во транспарентни и отворени процеси, каде што преку стручни и јавни расправи ќе бидат земени предвид и согледувањата на медиумските работници, медиумските експерти и професионалните медиумски организации“, се наведува во писмената реакција на организациите.
Менувањето, како што велат тие, на значајни закони каков што е овој, во забрзана постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и други засегнати страни, дополнително ја усложнува ситуацијата во која се наоѓаат медиумите во земјава, а решенијата во чие изготвување и донесување не се вклучува медиумската заедница од неа се перцепираат како решенија кои се наметнати.
Тие бараат од предлагачите на измените на Законот итно одговор на што се должи брзањето во донесувањето на овие измени, кога се знае дека е во тек постапка за усогласување на Законот со новата АВМС Директива на ЕУ, зошто овој процес се одвива нетранспарентно, без каква било јавна консултација, зошто, со новите измени, други регулаторни тела ќе можат да предлагаат членови на СРД и кои се вистинските причини за брзото донесување на овие измени.
Потсетуваат дека Македонија допрва треба да ја усогласи медиумската регулатива и со новата Директива на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси (АВМС Директива).
„Токму во рамките на овој процес што претстои, можно е да се решаваат сите постоечки проблеми во радиодифузијата кај нас, но тоа треба да се направи во еден сериозен и транспарентен процес, кој треба да даде одговори на сериозните прашања и проблеми со кои се соочуваат медиумите во Македонија денес. За жал, констатираме дека секогаш кога се донесува регулатива која се однесува на медиумите, тоа се прави во последен момент, и на неинклузивен и нетранспарентен начин. Нагласуваме дека независноста на регулаторното тело Совет за радиодифузија на Република Македонија е клучно за независноста на електронските медиуми“, се додава во реакцијата.
Измените и дополнувањата на Законот за радиофузната дејност, поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, предвидуваат зголемување на бројот на членовите на Советот од девет на 15. Од новите шест членови, по двајца ќе предлагаат претседателот на државата и ЗЕЛС, и по еден Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за спречување корупција./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.

