Македонија
Груевски: Цветанов е револтиран поради разрешувањето

Ване Цветанов нема достоинство да ја прими одлуката за негово разрешување, па се служи со обвинувања против ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот Никола Груевски.
Ване Цветанов нема достоинство да ја прими одлуката за негово разрешување, па се служи со обвинувања против ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот Никола Груевски. „Тој одбира начин да напаѓа и да обвинува за да го изрази својот гнев и револт, бидејќи е разрешен од функцијата. Се што кажува е тотално неточно“, изјави премиерот Груевски. Груевски рече дека била извршена детална проверка на наодите на анти-корупциската комисија. Според него, наодите на антикорупционерите биле точни, и поради тоа Цветанов требал, како што рече Груевски, достоинствено и одговорно да ја прифати одлуката. „Ние во ВМРО-ДПМНЕ не заштитуваме никој кој нема да го почитува законот. Не треба да се бара вина за неговите грешки. Тој треба да ја прифати грешката и да си замине од функцијата“, изјави Груевски. Ване Цветанов во вторникот поднесе оставка од функцијата директор на Управата за спречување на перење пари, истиот ден кога доби разрешување од владата. Цветанов претходно беше посочен од страна на Антикорупциска комисија дека овозможил нерегуларно и незаконско трошење на средства од буџетот на Република Македонија, во работењето на оваа Управа во 2008 година. Комисијата како причини за покренување на оваа иницијатива тогаш ги наведе, недобивањето согласност од Министерство за финансии за вработување на 29 лица и неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки. /крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Супорт Кочани“: Никој нема да биде сам, пристигна втора пратка компресивна облека за повредените во пожарот

Денес во Кочани пристигна и беше официјално донирана втората пратка компресивна облека, обезбедена од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменета за повредените од трагичниот настан од 16 март 2025 година, соопштија од оваа гражанска иницијатива.
Во оваа пратка, како што информираат, се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица.
„Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани.
Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата. Претходно, Support Kocani целосно ја покри и првата пратка во вредност од 923.458 денари, со што вкупниот износ за двете набавки изнесува 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра – средства обезбедени исклучиво преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица“.
Како што велат, во време на болка, солидарноста е најголем лек.
Од граѓанската иницијатива потенцираат дека никој нема да биде сам.
„Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме, продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста,“ порачаа од „Супорт Кочани“.
Македонија
Не е безбедна употребата на „БТР 80“ бидејќи се оперира низ стрмни и тесни улици со остри кривини, вели Ангелов по прашањата дали истите се користат за гаснење на пожари

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, во гаснењето на пожарот во скопско, учествуваат еден Хермелин со цистерна од 6 тона и еден Пинцгауер од 1,5 тона на ДЗС, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, откако во јавноста беа поставени прашања дали истите се ставени во употреба за гасење на актуелните пожари.
„Бидејки се оперира низ населени места со стрмни и тесни улици со остри кривини сметам дека не е безбедна употребата на БТР 80. Две од овие возила подготвивме за транспорт во фабриката Самоков бидејки со 6 тонски резервоар за вода и моќна пумпа со домет до 100 метри можат значително да помогнат во одбрана на фабриката доколку за тоа се појави потреба. Но, бидејки пожарот беше ставен под контрола на потегот кон фабриката, одлучив истите да не се транспортираат таму“.
Возилата, појаснува Ангелов, се уредно тестирани од соодветни стручни лица и институции, со поминат технички преглед и се регистрирани на име на ДЗС.
„Сепак, како непосредно одговорен за овие специјални возила, дадов наредба да бидат тестирани и во реални услови. Затоа, учеството од овие и следните неколку денови ги сметам за тест возења, за тестирање на реалните можности на возилата, пумпите и посадите.
Откако ќе се увериме дека специјалните возила се доволно ефикасни и безбедни за употреба, во зависност од потребите на терен, нивниот број постепено ќе се зголемува.
Од дводневната употреба, слободно можам да кажам дека сум презадоволен од нивната ефикасност“, нагласува директорот на ДЗС.
Македонија
Целосно нормализиран сообраќајот на граничниот премин Блаце, на другите премини нема подолги задржувања

Од 09:00 часот, сообраќајот на граничниот премин Блаце е целосно нормализиран за сите видови возила, соопшти АМСМ.
Поради завршување со градежните работи на “Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село” на регионален пат Р1312 , делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.