Македонија
Македонија непотполно ги почитува човековите права
Владата на Македонија генерално ги почитува човековите права на нејзините граѓани, иако има проблеми во некои области.
Владата на Македонија генерално ги почитува човековите права на нејзините граѓани, иако има проблеми во некои области.
Ова се наведува во најновиот, редовен годишен извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права, според кој минатата година на стотици милиони луѓе ширум светот им биле ускратени основните слободи од страна на нивните нивните влади.
Стејт департментот, како што пренесе Гласот на Америка програма на македонски јазик, проблемите во Македонија ги лоцира во правните и полициски процедури, вклучувајќи ги тука и приведувањата за криминални дела.
Американската влада оценува дека во Македонија и натаму се одолговлекува со судските реформи, како и дека политичкиот притисок и заплашувањата негативно влијаат врз ефикасноста на судството.
Жестоката критика од владата за медиумското известување што го смета за “непатриотско“ негативно влијаела врз слободата на печатот, стои во извештајот.
Стејт департментот оценува и дека напнатоста меѓу македонското и албанското население продолжува да влијае во разни области – како образованието, вработувањето и политичкото учество.
Што се однесува до македонското малцинство во соседните земји, во извештајот за Грција стои дека грчката влада „не признава постоење на словенски дијалект, наречен `македонски` од страна на лицата кои го говорат во северозападниот дел од земјата.
Мал број на лица кои говорат на словенски инсистираат да се самоидентификуваат како `Македонци`, термин што наидува на жестоко противење од страна на другите Грци“.
Американската влада го наведува тврдењето на овие лица дека грчката влада спроведува политика чија цел е да ги обесхрабри да го користат сопствениот јазик.
Според Стејт департментот, владата во Атина и судовите го отфрлаат барањето на словенски групи да се идентификуваат како Македонци, со образложение дека околу 2,2 милиони етнички и лингвистички грчки граѓани исто така го користат терминот за нивно идентификување.
Во извештајот за Бугарија, под одделот „слобода на здружување“, се наведуваат проблемите со регистрирањето на ОМО Илинден. /крај/воа/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

