Македонија
Селмани: Пописот да не биде меѓуетничка бомба
Спроведување на успешен, доверлив, објективен и транспарентен попис на населението во 2011 г. е заклучокот од денешната дебата на Комитетот за односи меѓу заедниците
На дебатата и овојпат не изостанаа забелешките околу овој Предлог-закон. Помалите политички партии побараа прецизно да бидат претставени сите фази на пописот, да се обезбеди транспарентност и професионалност. „Се согласувам дека пописот треба да биде успешен, доверлив, објективен, транспарентен, и тоа е причината зошто ние побаравме да има дебата. По сите направени анализи, по сите консултации и со стручњаци и со граѓани, овој закон не гарантира успешен резултат, ако остане вака неизменет ќе биде само темпирана меѓуетничка бомба којашто ќе се фрли меѓу населението, а последиците ќе ги имаме утре, задутре па и по десет години“, рече претседателот на Нова Демократија, Имер Селмани. Според него пописот ќе биде успешен само ако законот биде донесен со консензус. Тој побара пописот да се одржува во јули, наместо во април и процесот да трае еден месец, а не 15 дена. „Денес посебно со визната либерализација, секој којшто работи надвор од земјата ги земал со себе и децата и родителите и ја затворил вратата. Во април доколку остане за спроведување на пописот, попишувачите на терен ќе се соочат со заклучени врати“, рече Селмани. Според вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Абдулаким Адеми овој Предлог-закон е сериозно изработен од страна на Владата и дека на ист начин се пристапува кон тој процес. „Сите институции треба да го помогнат овој процес, исто така сакам да апелирам да не се даваат квалификации и оценки од други аспекти, да не се создаде заблуда за тоа кој ќе се потпишува на формуларот, дали периодот за попис е адекватен или не. Нашите настапи треба да се во правец на правилното информирање на граѓаните околу процесот “, рече Адеми. Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците смета дека предложената верзија на законот за попис не гарантира правична застапеност. „Законот предвидува 44 пописни реони во споредба со законот од 2002 г., бројот на пописни реони е зголемен за пет и тука се вклучени општините, а не целиот град Скопје, туку само скопските општини. Реонските комисии е предвидено да бројат од седум до 13 члена, логично се поставува прашањето во колку пописни реонски комисии Турците ќе имаат свој член, применувајќи го принципот на правична и соодветна застапеност“, рече Хасипи. Според предложениот закон пописот ќе го спроведе Државната пописна комисија во соработка со Државниот завод за статистика. Државната пописна комисија ќе биде составена од 25 члена именувани од Владата. За спроведување на пописот се определени 44 пописни реони, а за секој од нив ќе биде составена одделна комисија. Попишувањето ќе се спроведува на македонски јазик, а во деловите од земјата каде над 20 проценти од населението се припадници на немнозинската етничка заедница, изјаснувањето ќе биде по сопствен избор, на македонски јазик или на јазикот на етничката заедница.Првичните резултати ДЗС треба да ги објави 60 дена по завршувањето на пописот, а конечните најдоцна до јули 2011 г. Се очекува во процесот на попишување да учествуваат 18.500 лица, а проценката е дека истиот ќе чини околу 14 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.

