Македонија
Министерот за одбрана и началникот на ГШ ги посетија војниците на обука во „Пепелиште“
Министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески, во среда ги посетија новопримените професионални војници кои во моментов го посетуваат курсот за основна борбена обука во центарот за обука „Пепелиште”.
„Како министер за одбрана сакав лично да се уверам дека тука сè што работите е соодветно и дека ги имате сите средства кои ви се потребни. Ве уверувам дека ќе направиме сè што е во наша моќ за да создадеме најдобри работни услови”, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери.
Воедно, тој потсети дека оваа класа професионални војници се разликува од досегашните по тоа што во работниот однос со Армијата влегува со целосна егзистенцијална сигурност за себе и за својата фамилија имајќи ги предвид законските дополнувања со кои професионалните војници по 45-тата година од животот ќе продолжат да работат во државната служба.
При посетата на професионалните војници началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески, изрази очекување тие да се оспособат за основите на тоа што значи војничката професија, што е потребно за нивното идно доусовршување.
Основно е, посочи генералот, вие меѓусебно да се запознаете, да се почитувате, да бидете јак војнички колектив кој дише заедно, а заедно се соочува и со истите предизвици. Генералот Котески додаде дека најважно е војниците да го сочуваат своето здравје бидејќи тие и требаат на Армијата здрави, физички подготвени, психички стабилни и подготвени да слушаат наредби.
При посетата, челниците на Министерството и на Армијата ги разгледаа и просториите во кои се сместени професионалните војници, а воедно беа сведоци и на показната вежба „тим во напад во денски услови”.
Професионалните војници, 168 вкупно, од кои 11 се припаднички на понежниот пол, примени на последниот јавен оглас, во текот на едномесечниот основен курс на „Пепелиште”, се запознаваат со задачите и обврските кои произлегуваат од службата во Армијата на Република Македонија, како и со основните војнички вештини и борбената обука. Тие во рамки на курсот ќе бидат теоретски и практично тестирани со што ќе се потврди нивното познавање на сите елементи кои се дел од професијата војник во Армијата на Република Македонија. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.
Македонија
СДСМ: Изолациската дипломатија на Мицкоски ја носи Македонија во „периметар Сомалија“
СДСМ обвини дека Македонија, поради политиките на актуелната власт, завршила на листа со 75 земји оценети како „трет свет“, меѓу кои и Сомалија, оценувајќи дека тоа е резултат на изолациската дипломатија на премиерот Христијан Мицкоски.
„Периметар Сомалија, тоа е дипломатијата на Христијан Мицкоски“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека минатата година САД ги зголемиле царините кон Македонија, а сега следува и суспензија на визите. Според партијата, со месеци предупредувале дека, „тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ го загрозува стратешкото партнерство со САД и ја носи државата во изолација, далеку од Европската Унија“.
САД претходно ги суспендираа имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија.

