Македонија
Укинување на визниот режим-без одлагање
Шефовите на дипломатии на осум држави-членки на ЕУ побараа од Европската комисија (ЕК), без одлагање, да се донесе одлука за укинување на визите
Шефовите на дипломатии на осум држави-членки на ЕУ побараа од Европската комисија (ЕК), без одлагање, да се донесе одлука за укинување на визниот режим кон државите од Западен Балкан.
Ова се наведува во писмото на министрите за надворешни работи на Естонија, Унгарија, Италија, Литванија, Летонија, Полска, Словачка и на Словенија упатено до потпретседателот на ЕК Жак Баро, еврокомесарот за проширување Оли Рен и шефот на чешката дипломатија Карел Шварценберг.
“Веруваме дека неопходната одлука за олеснување на визниот режим треба да се донесе без одлагање откако државите ќе ги исполнат одредниците и критериумите“, се наведува во писмото.
Барањето на министрите, како “притисок“ врз државите-членки на ЕУ и европарламентарците да не се одолговлекува процесот, покажува и признание за постигнат напредок во четирите блока на Патоказот за визна либерализација.
“Комисијата би требало да донесе препорака без одлагање до Советот на ЕУ за укинување на визната обврска“, се додава во писмото на осумте министри.
Македонската Влада најави продолжување на активноста за лобирање со цел “македонската приказна да продре во сите сфери и институции на ЕУ“.
Визната либерализација “ќе овозможи сите граѓани на Република Македонија да се изложат на влијанието на ЕУ, и со тоа да постигнат темелна преобразба и трансформација на општеството“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски.
Тој додава дека македонските граѓани, годишно, за визи трошат над пет милиони евра, а околу 70 проценти од младите никогаш не посетиле ниту една држава-членка на ЕУ.
“Визниот режим кон државите од регионот за една деценија го продолжи владеењето на ситните балкански автократии“, посочува Боцевски.
Македонија, според извештаите од Брисел, е далеку најнапредната од сите држави во регионот, и демонстрира силна политичка волја за завршување на процесот.
Оценските мисии на ЕУ во Македонија за техничките прашања на процесот за визна либерализација се завршени, а државата, на почетокот од мај, ги започнува подготовките за влез во Шенген зоната.
Конечниот извештај на ЕК се очекува кон средината на мај, кога Комисијата ќе даде препорака која држави или држави од западен Балкан се квалификувани за укинување на визниот режим.
Одлуката, со квалификувано мнозинство, ќе ја донесе Советот на министри на ЕУ, во ноември, годинава, по што доколку е позитивна, безвизниот режим би започнал да се применува од почетокот на 2010 година. /крај/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

