Македонија
Децентрализацијата бара уште реформи
На Македонија и’ се потребни големи реформи и треба да се надгради она што е постигнато во децентрализацијата, рече Ѓорѓоси Папастергиу, известувач за процесот на децентрализација во Македонија на денешниот Заеднички консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ
На Македонија и’ се потребни големи реформи и треба да се надгради она што е постигнато во децентрализацијата, рече Ѓорѓоси Папастергиу, известувач за процесот на децентрализација во Македонија на денешниот Заеднички консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ.
Според него, Македонија во процесот на децентрализација треба да го промовира дијалогот помеѓу локалните и регионалните власти помеѓу соседите, да создаде подобра координација помеѓу националната и локалната власт, да се спроведува кампања против трговијата со луѓе и илегалната имиграција, да се засили капацитетот на општините во врска со менаџирањето на данокот на јавните долгови и јавните финансии.
Во извештајот на Комитетот на регионите на ЕУ стои дека Македонија бележи подобрувања во однос на добрососедските односи и напорите за решавање на проблемот околу името. Позитивна страна во процесот на децентрализација е и ослободувањето од визи, реформите во јавната администрација и антикорупциската политика, правата на жените, меѓуетничките односи, борбата со корупцијата и спроведувањето на европските легислативи.
Според Зоран Алексов, градоначалник на Штип и копретседавач на конференцијата, Македонија стои добро во процесот на децентрализацијата и е на ниво кое што може да се очекува од земја-кандидат за членство во ЕУ. „Познато е дека повеќе од 75 проценти од легислативата во ЕУ се применува на локално ниво и ние треба да бидеме свесни дека многу е битно локалната самоуправа со своите начини на функционирање да се приближи кон начините на работење во самата ЕУ и многу е познато дека процесот на децентрализација е еден од најбитните процеси во процесот на демократизација и натамошна интеграција на Македонија во ЕУ“, рече Алексов на четвртата Конференција на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ.
ЗЕЛС и Град Скопје до крајот на годината ќе отворат канцеларија во Брисел, од каде ќе се црпат искуствата од европските локални и регионални власти и финансиската и институционалната помош. „Не сме задоволни од она што е досега постигнато од искористувањето на европските фондови. Оваа канцеларија ќе треба да ни придонесе многу. Еден од најголемите напредоци во искористувањето на европските фондови е дефинирањето на планските региони на Македонија, со што се дефинираа стратешките проекти на еден системски начин“, рече градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски
За претставниците на регионите на ЕУ, отворањето на оваа канцеларија ќе значи лобирање и вмрежување со канцелариите од другите земји.„Имаме 280 претставници на региони и стотици вакви канцеларии кои се, всушност, мали амбасади кои овозможуваат контакти на различни нивоа“, додаде Џон Чаберт, претставник на Комитетот на регионите на ЕУ.крај/к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.

