Економија
Македонскиот туризам промовиран во Истанбул

Во четвртокот во турската метропола Истанбул Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) ги презентираше туристичките потенцијали на Македонија пред турски туристички оператори со потенцијален интерес за носење на туристички групи во земјата.
Во четвртокот во турската метропола Истанбул Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) ги презентираше туристичките потенцијали на Македонија пред турски туристички оператори со потенцијален интерес за носење на туристички групи во земјата. Организацијата на настанот беше во соработка со промоторот од Агенцијата за привлекување на странски инвестиции во Истанбул, Филиз Вели, конзулот на Република Македонија во Истанбул, Зерин Абаз и ТУРСАБ (Турска асоцијација на туристички агенции). На настанот учествуваа и туристички агенции и хотелски компании од Македонија кои направија презентации на своите компании, а остварија и контакти со турските фирми. „Сметам дека ваквиот тип настани се навистина корисни, не само за нас како хотелиери, туку воопшто корисни и за целата држава. Имено со ваквите активности на Агенцијата и на Владата, искрено се надеваме дека ќе се постигнат поголеми резултати во успешно промовирање на нашата држава како одлична туристичка дестинација и ќе се постигне привлекување голем број туристички групи од различни пазари. Ги поздравуваме ваквите активности и се надеваме дека и во иднина ќе се организираат успешни средби од овој тип”, рече Сања Николовска, претставник од „Македонија турист АД“ од Скопје. Огне Циговски кој во Истанбул престојуваше како претставник на хотелите „Бистра“ и „Епинал“ изрази надеж дека оваа средба ќе овозможи трендот на зголемување на бројот на туристи од Турција во последните две години да продолжи и во наредната година. „Достапните авионски летови на ’Туркиш Аирлинес’ и ’Пегазус’ се доказ дека истите се предуслов за успешен раст на ’инкоминг’ туризмот во Македонија”, додаде Циговски.Ела Атакан, претставник на ТУРСАБ, рече дека субвенциите што се нудат од страна на Македонската влада за организирање туристички групи ќе направат значително зголемување на интересот кај нивните повеќе од шест илјади членки да ја вклучат и Македонија како туристичка дестинација во нивната понуда.„Турција стана еден од нашите главни целни пазари. Очекувам инкоминг туристичките агенции од Македонија да ги искористат направените контакти, да направат интересни и конкурентни пакет аранжмани со разна туристичка тематика кои ќе ги понудат на колегите од Турција за продажба на тој пазар. АППТ би ги поддржала таквите продажни напори со промоција на двата саеми во Истанбул и Измир во 2012 година. Приватната иницијатива е на потег”, смета Јордан Трајков, директор на АППТ. По овој настан вчера во Истанбул се одржа и успешна изложба на слики од младиот автор Стефан Плескониќ, кој подари едно свое дело во хуманитарни цели на настраданите деца од земјотресот што минатиот месец ја погоди провинцијата Ван, во кој загинаа повеќе од 600 лица.Двата настана беа спонзорирани од „Чевахир Холдинг Истанбул“, компанијата сопственик на „Чевахир хотел Истанбул“ и иден инвеститор во градба на комплекс од четири висококатници во скопската општина Аеродром./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.