Македонија
Ивановски:Образот ми е чист!
Немам намера да се повлечам од функцијата бидејќи не сум направил ништо, мене ми е чист образот, изјави претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски по јавното презентирање на фактите пред Комисијата за лустрација
Немам намера да се повлечам од функцијата бидејќи не сум направил ништо, мене ми е чист образот, изјави претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски по јавното презентирање на фактите пред Комисијата за лустрација, која минатата недела му достави заклучок дека бил соработник на тајните служби.
Според неговото денешно јавно излагање, неговото досие е оформено од Службата за државна безбедност на 7 мај 1964 година, кога бил малолетник и во него има бројни службени белешки, изјави, препораки, прашалници кои го обработувале наводниот „соработник“
„Меѓутоа во белешките од сослушувањата кои ги составувал самиот инспектор има непотпишани белешки, има лаги и измислени лица, фабрикувани и фалсификувани изјави и податоци, што упатува на тоа дека досието е оформено во една вешто и подло подготвена метода за компромитација на лицето“ рече Ивановски пред членовите на Комисијата.
Според неговите искази, во раните шеесети години, наводниот „соработник“, како ученик и претседател на гимназиската историска секција ги разгледувале прашањата за остварувањето на идеалите на илинденците, за обединување на распарчената земја.
„По не така долг период е извршена провала на организацијата и започнува период од селење, сослушување, испитување, прогон со физичко и психичко малтретирање со тепање и притворање. Како другите членови, така и наводниот „соработник“ морал да ја истрпи целата оваа тортура од претставникот на службата за безбедност. Понатаму бил принуден да го признае учеството во организирањето и во делувањето на Организацијата и да ги открие другите нејзини членови, кои веќе биле претходно откриени сослушувани од тајната полиција“ рече Ивановски пред членовите на Комисијата.
Исто така, според Ивановски, бил евидентиран како учесник во младонационалистичката група по ослободувањето, за што бил притворен како малолетник во 1964 година.
„На бегањето да се дадат изјави, инспекторот постојано ја нагласува можноста од физичка ликвидација. Дали ваквата состојба претставува соработка со тајната служба? Не постојат елементи што ќе потврдат дека имало соработка со органите на тајната полиција. Имало само принуда, прогон и тортура врз младиот човек“ смета Ивановски.
Тој како факти за ова ги наведе тоа што немало жртва во наводната „соработка“, немало остварување на некаква корист, бенефиција, привилегија или пак, остварување на кариера или унапредување. Исто така, тој наведува дека се нема ни помислено да се земе некаква награда, пари и материјални средства.
„Во таа смисла категорички тврдам дека двете подметнати признаници за примени 10.000 динари и друга признаница со 20.000 динари се чист фалсификат извршен или од оперативниот службеник или од доставувачот на досието“, вели Ивановски.
Во нaредните 46 години, судијата тврди дека немал никаков допир со инспекторот. Тој додава дека за да се прикаже континуитет во неговата наводна „соработка“ се вметнати содржини од друго лице, во периодот во 1983 година, кога не бил повикуван на информативни разговори.
Настапот на премиерот Никола Груевски, тој го оквалификува како преседан.
„Ниту Бранко Црвенковски, ниту СДСМ стоел позади мене“ рече Ивановски. Претседателот на Комисијата за верификација, Томе Аџиев истакна дека Комисијата не работи под притисок и под влијание на Груевски.
Тие во рок од три дена ќе донесат решение, кое ќе го достават до носителот.
Ивановски најави жалби до Управниот, како и до Врховниот суд, додавајќи дека единствена можност му е правната битка против заклучокот на Комисијата.
„Ако сето ова не се раководи од вистината, јас друга артилерија немам, јас сум Давид, Голијат е другиот кој има инструменти, органи и можност за притисок, кој што ако сака да ја дискредитира институцијата и мене као носител е друго прашање, мислам дека тоа е веќе удар на поредокот“ истакна Ивановски и се пожали дека неколку пати бил ограничуван во своите излагања од страна на членовите на Комисијата.
Комисијата за верификација на фактите минатата недела му достави заклучок на уставниот судија дека поседува докази за негова соработка со тајните служби. Тој побара јавно излагање на своите аргументи./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје
Утре (06.01.2026), по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници“, велат од МВР.
Македонија
Во Битола промовирана нова опрема за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион
Денеска во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Премиерот Христијан Мицкоски беше придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.
Пред присутните градоначалници и претставници на општините, како и партнерите од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и донаторите SECO, WBIF и СИДА, премиерот Мицкоски изјави дека со денешниот настан се испраќа силна и недвосмислена порака дека државата чекори напред од систем кој со децении бил запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
„Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад како во урбаните, така и во руралните средини“, рече премиерот Мицкоски.
Со возилата, контејнерите и кантите за отпад кои Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги доделува на јавните комунални претпријатија, ќе се олесни и ќе се подобри работата на комуналните служби во општините од двата региони.
На паркингот пред спортската сала беше изложен дел од опремата – 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони со капацитет од 12 кубни метри, еден кипер камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека станува збор за исклучително значаен проект за животната средина, кој бара системски пристап на локално, регионално и централно ниво за да се постигнат трајни решенија за проблем кој со децении ги засега граѓаните, особено во големите урбани средини.
„Регионалниот проект за управување со цврст отпад не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери. Тој претставува нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди, одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на Европската Унија. За Битола, како најголема општина во Пелагонискиот регион и еден од најголемите генератори на комунален отпад, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“, рече Коњановски.
Тој потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, како резултат на регионална солидарност и заемна доверба меѓу општините, додавајќи дека Битола ја поддржува оваа одлука бидејќи само преку заеднички решенија може да се обезбеди чист регион и здрава животна средина.
„Со реализацијата на планираните активности ќе се овозможи затворање и санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставување нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево. Ова ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на почвата и подземните води и подобри услови за граѓаните“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека конкретните придобивки за Битола веќе се видливи преку испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за собирање отпад, што создава услови за поголема покриеност со услугата во урбани и рурални средини, поефикасно собирање и воведување селекција уште на местото на создавање на отпадот.
Коњановски потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека успехот на системот ќе зависи од тоа колку општините, јавните претпријатија, институциите и граѓаните ќе ја прифатат новата култура на одговорно постапување со отпадот.
„Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се грижиме за иднината на нашите граѓани“, рече градоначалникот на Битола.
На настанот се обратија и министерот за животна средина и просторно планирање, како и градоначалникот на Општина Новаци.

