Црна хроника
Хаџиски: Јас сум најголемиот грешник, го молам Господ да ми ги прости гревовите
Миле Хаџиски, Македонецот кој 20 години се бараше со потерница седна на обвинителна клупа за да одговара за убиството на скопјанката Мери Јошеска, но рече дека не се сеќава на убиството. Се сеќава единствено како се нашол кај Мери, дека почнале да се расправаат и после тоа одеднаш се нашол дома.
И покрај неговото тврдење дека ништо не се сеќава на чинот на убиството, Хаџиски во својот исказ кажа детали за настанот, како тоа дека со сигурност не ја удрил Јошеска со пепелник по главата и дека по убиството се сеќава дека се нашол дома и дека на своите алишта имал крв.Тој во судницата раскажа низ што сè поминал изминативе 22 години додека бегал од правдата во Македонија и рече: „Јас сум најголемиот грешник што влегол во оваа судница, го молам Господ да ми ги прости гревовите. Јас долго време бев убеден дека можеби сум го направил тоа, а сега сè повеќе гледам дека имало друга позадина“.„Поминаа веќе 22 години, немам што да кажам, што и да кажам сè ќе се сфати против мене, кога сум однапред осуден во јавноста. Жалам за тоа што се случи. Сакам сето ова еднаш да заврши. Иако мојата мајка секогаш ме бодреше да се борам во животот, јас оставам судот да одлучи во однос на мојата вина“, рече Хаџиски во излагањето пред судот и додаде дека сите записници во полицијата ги потпишувал под присила без да ги прочита.Хаџиски тврдеше дека се сеќава само на секвенци од она што се случило. На денот на убиството, во 1993 година, отишол дома кај Мери Јошеска за да му даде пари за да купи цигари, коишто ги разнесувал по кафулињата низ Скопје. Но, Мери му дала само прстен кој требало да го заложи. Со себе често носел кујнски нож, за да се одбрани во случај да не го ограбат и да не му ги земат парите кои ги добивал од разнесувањето на цигарите.Тој ден, на 18 јуни 1993 година, за првпат побарал пари од Мери. Тврдеше дека биле во одлични, другарски однос, но не кажа дали Мери имала симпатии кон него или кон некој негов близок. Ножот го зел со себе бидејќи Мери го замолила да и направи дупки на некоја нејзина чанта. Кога отишол кај неа, пиеле кафе и вотка, но не се сеќава колку вотка испиле. Почнале да се расправаат, како што рече, за глупости.Според него, Мери му рекла дека ќе каже дека е бремена од него, потоа дека има чичко кој работи во полиција и ќе го обвини за силување, а Хаџиски во тоа време имал друга девојка и врска. После ова не се сеќава што се случило, се сеќава дека се нашол дома, дека облеката му била крвава, но не знаел што точно се случило. Излегол со другар во кафуле, каде полицијата и го уапсила.Според обвинението, Хаџиски ја удрил Јошеска со пепелник во главата и вратот и со кујнски нож и нанел 40 убоди во пределот на црниот дроб и градите. Потоа украл златен накит и избегал.Хаџиски една година подоцна бил осуден на 15 години затвор и тогаш во судницата изјавил „Ничии раце во судницава не се окрвавени како моиве. Им изразувам сочувство на семејството Јошевски сакам да знаат, дека тоа го сторија моите раце, но не и мојата совест“. Но поради пропусти во постапката судењето било вратено на повторно судење, а Хаџиски по 90 дена поминати во притвор бил ослободен. На повтореното судење доаѓал на неколку рочишта, но потоа избегал од земјава. На тоа судење бил осуден на 20 години затвор, но исто толку години македонската полиција не можеше да го најде.Откако избегал од земјава, се приклучил на Легија на странците во Франција, каде служел 15 години, под друго име Зоран Томовиќ. Тој ги негираше информациите објавени во медиумите дека бил член на криминални банди и тврдеше дека учествувал во подрачја каде имало воени конфликти и бил дел од голем број хуманитарни организации. Во 2002 добил француско државјанство, се оженил за Португалка со која имаат две деца. Добивал воена пензија од Франција, но продолжил да работи во Лозана, Швајцарија како обезбедување. Таму бил обвинет дека бил дел на кражба со криминална група. Успеал да избега од затворот во Лозана и да се врати во Франција, бидејќи сметал дека Франција како нејзин државјанин нема да го екстрадира во Македонија.„Многу сум разочаран од француските власти бидејќи ме екстрадираа во Македонија и покрај моите воени заслуги“, рече Хаџиски. Две години го држеле во Франција, но потоа го екстрадирале. Во тие две години во затворот во Франција го посетил романски свештеник кој му подарил бројаница и во последните две години започнало неговото преобразување, односно чистење од гревовите, од страстите што ги имал во изминатиот период.Од судот побара во затворот во Шутка да го посети скопски свештеник. Во судницата беше присутна мајката на Хаџиски која плачеше додека го слушаше неговиот исказ во судот, и други членови на неговото семејство. Не беа присутни родителите на Мери Јошеска кои пред осум години се иселиле од станот кај што живееле. Судечки судија во овој процес е Татјана Михајловска, која беше истражен судија во случајот со новинарот Томислав Кежаровски, а вториот судија е Душан Јосифовски, кој беше истражен судија во сообраќајката со новинарот Никола Младенов. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Без таблички и со 2,21 промила: пијан возач удрил во паркиран автомобил во Ораовица
На 21 декември 2025 година, во ОВР Радовиш било пријавено дека околу 21:30 часот, во селото Ораовица, патничко возило „опел корса“ без регистарски ознаки, управувано од И.В. (46) од истото село, удрило во паркирано патничко возило „форд фокус“ со радовишки регистарски ознаки, сопственост на Ц.Л.
Во сообраќајната незгода, возачот И.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Радовиш.
За настанот бил запознаен јавен обвинител, а при преземање мерки во врска со незгодата било констатирано дека возачот го управувал возилото под дејство на алкохол, односно дека имал 2,21 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Насилство зад затворени врати: закани, туркање и физички напад кај две скопски семејства
Два одделни случаи на семејно насилство биле пријавени во Скопје, информираат од полицијата.
На 21 декември 2025 година, 51-годишна жена пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на Центар, нејзиниот сопруг З.А. (66) ѝ се заканувал со остар предмет, по што го турнал нивниот 22-годишен син и му упатувал закани.
Во вториот случај, денеска (22 декември 2025 година) во 09:50 часот, во Полициска станица Кисела Вода бил извршен службен разговор со Б.К. (41) од Скопје. Се постапувало по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Драчево физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случаите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.
Фото: Depositphotos
Црна хроника
Сообраќајна кавга завршила со тепачки и оштетени возила во Скопје
Два одделни случаи на физички напади биле пријавени вчера во СВР Скопје, информира МВР.
Првиот случај бил пријавен околу 10 часот, кога на С.М. (47) од Скопје кој се движел со патничко возило од Јурумлери кон населбата Драчево, две возила му го попречиле патот. Според пријавата, од возилата излегле М.С. и уште неколку лица, кои физички го нападнале, при што употребиле и тврди предмети, а било оштетено и неговото возило.
Вториот случај бил пријавен истиот ден во 16:15 часот. Х.Т. (31) од Скопје пријавил дека околу 12:40 часот, на Средно Водно, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице.
Од МВР информираат дека во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните.

