Македонија
Груевски: Проектот Скопје 2014 ја стимулираше економијата во градежништвото
Проектот Скопје 2014-та беше почнат заради други идеи, за подобрување на туризмот, разубавување на метрополата, нашиот идентитет, меѓутоа одлучивме да не го прекинеме за да ја стимулираме економијата во градежништвото и другите гранки, истакна премирот Никола Груевски во новогодишното интервју за МРТ додавајќи дека за разлика од другите земји, Македонија имаше најмали падови во периодот на финансиската криза.
Премиерот Груевски рече дека дека проектот Скопје 2014 година кој наиде на критики на опозицијата, кој започнал во 2007 година, веќе следната година се соочил со сменети услови, бидејќи шокот глобалната криза се преслика и во земјата.
„Имаше дебата дали треба да се тргне во силно штедење и имаше повици за тоа. Нашата одлука беше дека ќе се штеди, но не во инвестициите. Во делот на градба на патишта, реконструкции на железници, хидроцентрали и градби на објекти кои ги намалуваат кириите и рентите и имаат долгорочни дејства, таму не треба да се штеди. Најголем дел од средствата од проектот отидоа во објекти, помал во споменици. Мислам дека не згрешивме и тоа ни помогна. Се видов со директори на градежните компании, чии фирми учествуваа во проектот, ги прашав дали Скопје 2014 им било од помош. Еден директор на најголема градежна фирма рече ‘Не да ни беше од помош, туку ни помогна да преживееме во овој тежок период, ако го немаше најверојатно ќе пропадневме’. Се согласија сите. Проектот ни беше од голема помош’, потенцираше премиерот Груевски во новогодишното интервју во саботата навечер./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Фероинвест“ донираше медицински мебел произведен во „Брако“ на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ реализираше донација на медицински мебел и опрема произведени во фабриката БРАКО од Велес, наменета за Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Донацијата е реализирана по официјално барање на Клиниката, која се обрати со молба за поддршка при обнова на медицинскиот мебел и асортимантот во неколку оддели, со цел подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги.
Во рамки на донацијата, ФЕРОИНВЕСТ донираше медицински ормари, отомани, паравани, скали, колички и статични држачи за инфузија, сите дизајнирани и произведени во БРАКО, фабрика која е долгогодишен партнер на здравствените установи во земјата и регионот.
Со оваа донација, одделот на д-р Игор Џиковски при Клиниката доби современо уредени простории, целосно подготвени за започнување со работа и интеграција на новата медицинска опрема.
Со новата опрема, обезбедени се модерни, функционални и безбедни услови за работа, што ќе придонесе за поефикасно лекување и подобра грижа за пациентите.
ПР
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.

