Македонија
Облачно и врнежливо време, локално можна појава на невреме со град
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/dee362d4-ac81-47a3-9d1f-7444ad525f56.jpeg)
Метеоролозите за среда предвидуваат променливо облачно и нестабилно време, локално со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, како и услов за изолирана појава на невреме со град.
Дневните температури ќе се движат од 8 до 18 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината облачно и нестабилно време со врнежи од дожд и можна појава на грмежи. Највисоката дневна температура ќе достигне 16 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Со извикување „Правда за Фросина“, „Секој еден може да е следен“ огромна колона граѓани маршираше за Фросина во Неготино
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/negotino3.jpg)
Огромна колона револтирани граѓани денес во Неготино излегоа на протестен марш за смртно прегазената Фросина Кулакова. Извикуваа „Правда за Фросина“, „Секој еден може да е следен“ и мирно протестираа.
Многумина носеа маички со лого „Правда за Фросина“, имаше нејзини фотографии, а во првите редови беше нејзиното семејство.
Нејзината сестра, Росица, и денес кажа дека ако убиецот на нејзината сестра бил соодветно казнет, Фросина денес ќе била жива.
„Доколку судијката му го продолжила притворот сè до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација, тој само ќе беше спроведен во затвор, а мојата сестра ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска – Стојановска“, рече Росица, сестрата на Фросина.
Другарките на Фросина испратија порака дека мора да се казни неодговорноста на возачот без возачка дозвола за да се поттикне одговорноста кај секој возач. Тие кажаа дека маршот во Неготино е поддршка на сите семејства што изгубиле некого и кои мора да продолжат со товарот на загубата.
„Стоп за сообраќајното насилство“ беше мотото на денешниот протест во родниот град на Фросина, а дојдоа луѓе и од други градови. Во колоната револтирани граѓани од македонското судство, беа и роднини и пријатели на други загинати кои бараа повторно да се разгледаат судските случаи.
За да излезе на виделина правдата за Фросина се протестира втора недела. Таа загина во сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди во Скопје, кога во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој го управувал возилото без возачка дозвола, пијан и на црвено светло.
Македонија
Акција за чистење на шест локации во Центар, Герасимовски повика граѓаните да пријавуваат диви депонии во Општината
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Deponija-Centar4.jpeg)
Општина Центар денес спроведува голема акција за чистење и подигање на сметот, во која истовремено се чистат шест различни локации низ општината. Во рамки на акцијата „Центар не чека, Центар чисти“, јавните површини во централното градско подрачје добиваат нов сјај, со помош на тимската работа на општинските служби и поддршката од граѓаните.
Чистењето денес опфаќа:
– Паркот кај Домот на АРМ, позади споменикот „Мајка Тереза“;
– Реонот околу Зелено Пазарче;
– Плочникот и клупите кај Градски ѕид;
– Паркингот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“
– Паркингот кај Министерството за внатрешни работи
– Депонијата позади трговскиот центар „Буњаковец“
Со ангажман на механизација и рачна работа, се отстрануваат отпадоци, се санираат оштетени површини и се враќа чистиот изглед на овие фреквентни јавни простори.
„Денес покажуваме дека Центар е синоним за акција и грижа за заедницата. Шест локации во еден ден значат шест големи чекори напред кон чиста, уредна и здрава средина. Акцијата ќе трае и ќе се проширува во текот на пролетта со генерални акции за чистење во училиштата, градинките и секое ќоше на општината. Верувам дека граѓаните ги препознаваат напорите и помагаат пред се’ со тоа што внимаваат на животната средина и не фрлаат ѓубре. За чист Центар потребно е сите да дадат поддршка“, рече градоначалникот на Центар Горан Гераисмовски.
Центар не само што чисти, туку поставува стандарди за другите општини кои во изминатите денови започнаа со слични акции.
Општината ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на Центар со цел брза интервенција. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693. Од Општината уверуваат дека службите веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во општината.
Македонија
СДСМ бара промени обвинувајќи го Мицкоски дека Македонија е претворена во приватна компанија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/08/sdsm-stab-6-Custom-1-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски ја претвори Македонија во приватна компанија за семејни и партиски вработувања, реагираат од СДСМ. Државните институции се полнат со кадри чии главни квалификации се фамилијарните и партиските врски, додека младите и способните луѓе ја напуштаат земјата.
„Семејството Андоновски е само врвот на ледениот брег. Тате Љупчо советник, бате Игор началник, синот Стефан министер – сè во владините институции кои служат на интересите на ДПМНЕ. Ова е дрзок непотистички систем кој покажува дека способноста и квалификациите се неважни во Македонија под нивна власт. И додека партиските функционери си ги вдомуваат семејствата, младите и образованите луѓе се оставени на милост и немилост – со минимални можности за работа и достоинствен живот. Наместо да ја користат својата енергија и потенцијал за напредок на земјата, тие се принудени да заминуваат во странство, бидејќи тука има место само за роднините на функционерите од ДПМНЕ. Не нуди правда, ни еднакви шанси, туку создава систем кој ја убива надежта. Непотизмот и судирот на интереси кои ги практикуваат директно ги удираат граѓаните – од институциите, од економијата, од безбедноста. Владата не работи за народот, туку за ‘своите’. Младите во Македонија заслужуваат правда, еднаквост и можности, а не партиска диктатура. Доста е од овој трул систем кој гуши таленти и го поттикнува иселувањето. Време е за промени!“, се вели во реакцијата на СДСМ.