Македонија
До разбирање преку градење култура на дијалог во Струга
Во салата на Општина Струга, денеска среднoшколците дебатираа на јавна трибина на тема „Ограничувањето на слободата на изразување во средните училишта треба да биде дозволено“
Учесници на дебатата беа ученици од двете струшки средни училишта „Д. Ибрахим Темо” и „Нико Нестор”, кои се сместени во иста зграда и кои во домашната јавност се познати по нивните меѓуетнички закачки и тепачки. Средношколците беа поделени во два тима со мешан етнички состав, тим кој ја поддржува темата и тим кој не се согласува со истата. На дебата присуствуваа високи претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на Министерството за образовение, на Општина Струга, на училиштата, претставници на медиумите итн. Во текот на дебатата, учениците разменуваа аргументи против и во полза на ограничувањата на слободата на говор. Така тие го поддржаа ограничувањето како еден од механизимите на спречување на говорот на омраза, одржување на образовната мисија и подобрување на реномето на училиштето. Од друга страна, негацискиот тим сметаше дека отворената дискусија е круцијална за решавање на проблемите и дека училиштето треба да ги воспитува и едуцира младите во дукот на демократските вредности. Дополнително тие сметаа дека правото да се ограничи слободата секогаш може да биде злоупотребено. Оваа дебата беше завршеток на проектот „Промоција на разбирање преку култура на дијалог“ кој во рамките на Дебатната програма, Младински oбразовен форум го спроведува во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Истиот работи на полето на промоција на меѓуетничка соработка. Проектот е наменет за учениците од струшките училишта „Др. Ибрахим Темо” и „Нико Нестор”. Истиот се имплементира како одговор на насилствата помеѓу учениците и нивните барања за поделба во јазични смени. Имено, МОФ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје сметаат дека е потребно да се создат можности за комуникација и соработка помеѓу учениците од различна етничка припадност преку креирање интерактивни воннаставни содржини. Дополнително сметаме дека учениците треба да добијат простор каде отворено ќе дискутираат за прашања кои директно ги засегаат како група со заеднички интереси. Оттука, почнувајќи од мај 2008 г. МОФ во соработка со двете училишта успеа да организира 9 обуки за Јавна дебата и аргументирано говорење низ кои до денес поминаа 270 ученици од двете училишта со мешан етнички состав. Како резултат на обуките, учениците организираа 9 јавни дебати (на македонски, албански и турски јазик) во своите училишта на кои преку културна и организирана дебата се расправаше за суштествените проблеми на учениците кои се релевантни за образовниот процес, како на пр. задолжителното носење униформи, ефектот на видеокамерите во училиштата, демократијата во средношколското организирање итн. Проектот беше заокружен со напредна обука за интеркултурна комуникација и дебата по која следува дебатен турнир кој се одржа во просториите на училиштата на 6 јуни. Финалната дебата од турнирот каде дебатираа двата најдобри тимови беше отворена за јавноста и истата се одржа во просториите на Општина Стурга. Победи тимот составен од Мики Апостолски, Беџет Роци и Мавља Јахја. На овој начин 40-тина ученици ја заокружија учебната година со отворена дискусија преку соработка и тимска работа, наспроти конфликтите кои ја обележаа минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

