Македонија
Груевски: Максимални напори и посветеност за остварување на евро и евроатланските интеграции
Привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места, потоа максимални напори и посветеност за остварување на евро и евроатланските интеграции и натамошно зајакнување на меѓуетничките односи во земјата – ова се приоритетите за премиерот Никола Груевски и неговата влада во новиот мандат, потенцира тој во интервју за МИА.
Груевски во интервјуто се осврнува и со ситуацијата со СДСМ и невлегувањето во парламентот, потенцирајќи дека тоа ќе биде лошо за целата земја.
„На пример, инатењето со невлегувањето во Парламентот не носи во губење на препораката од Европската Комисија, и тоа ќе биде лошо за сите, но изгледа Заев се уште верува дека на тој начин ќе го сврти јавното мислење кон него, и во него ќе видат спасител кој ќе не врати на висинскиот пат. Со тоа уште еднаш покажува колку многу го потценува капацитетот на граѓаните, што пак најмногу говори за него лично. Од друга страна, неговите постапки толку многу со радост ги дочекуваат оние кои несакаат да ја видат земјата да напредува, што понекогаш човек на се помислува. Но тоа е друга тема. Она што е важно е дека народот покажа вистинска зрелост. Не само што не подлегна на манипулациите на клеветите на Заев, туку го казни со еден од најсилните порази на СДСМ со над 200 илјади гласа разлика. Македонија не е истата од деведесеттите”, вели Груевски.
Во однос на обвинувањата за криминал од страна на СДСМ за продажбата на Македонска банка, Груевски дециден дека обвинувањата се невистинити.
„Јас никогаш не сум земал еден и пол милион евра кеш, ниту на било кој друг начин, ниту пак помала или поголема сума за продажбата на Македонска банка. Од тука сите други обвинувања кои произлегуваат од тоа се невистинити. Иако клеветата од Заев е за непостоечки акт постар од 10 години, јас за секој случај одлучив да поднесам тужба за клевета за да со сигурност се расчисти оваа валкана манипулација и да добие судска разврска, а човекот кој видовме како во минатото се заборавил во делење тендери и јавни пари на сите роднини и партиски функционери, и кој пред 5 години се согласи за спас од обвинение за криминал тежок 8 милиони евра преку аболиција од неговиот ментор, тој истиот ќе треба да се соочи со вистината кога ќе треба да докаже дека јас сум ги земал тие еден и пол милион евра пред повеќе од 10 години за кои тој ме клевети”, вели македонскиот премиер.
„Самиот факт што сега пред да заврши судската разврска, СДСМ и нивните контролирани медиуми нервозно секој ден се трудат да ја експонираат темата, покажува колку е ниска нивната самодоверба во овој случај. Тој што е сигурен во себе не џавка, туку мирно го чека крајот на судската разврска. Но ќе дојде и тој ден, кога правдата и вистината ќе излезат на површина. Јасно е дека Заев негирајќи го судскиот систем уште отсега спрема терен и судската одлука да не ја признае. Мислам дека се работи за недоволно зрел човек, во најмала рака политички недоволно зрел. Некои негови постапки наликуваат на детско лутење кога ќе загуби во некоја детска игра. Но политиката не е детска игра и не е место каде некој треба да го чекаме да досозрее, пред се политички. Неговите постапки иако од позиција на претседател на најголемата опозициска партија и носат сериозна штета на државата, но и на сите нејзини граѓани вклучувајќи ги и членовите на СДСМ”, додава Груевски.
Запрашан за тврдењата на СДСМ дека изборите беа нерегуларни и недемократски и бојкотот на СДСМ, Груевски вели дека фактот што најголемата опозициска партија загубила со 200 илјади гласа разлика, и немало ниту една формална жалба до Државната изборна комисија, говори сам за себе.
„Прво, ќе повторам и потсетам дека СДСМ загуби со над 200 илјади гласа на овие избори и немаше ниту една формална жалба до ДИК за овие избори од причина што реално немаше материјал на кој би се жалеле. Најавуваа и некакви докази дека ќе приложеле во јавноста за наводни нерегуларности, но ниту докази, ниту снимки, ништо конкретно не видовме. Политиката на бојкот е продолжување на политиката на Црвенковски, тоа е старо и веќе видено. Со таа тврдоглавост се прави штета врз угледот на државата, се прави штета врз работата на Собранието, но најголем губитник е самиот СДСМ кој наместо да се помири со размислувањето на граѓаните, тие решија да одат наспроти нивната волја. За тоа дали овие избори се регуларни и демократски не мора да ја слушнете мојата оценка, туку пред се оценката на ЕУ, САД и ОБСЕ/ОДИХР кој рекоа дека изборите се ефикасно спроведени. Истиот СДСМ кога во 2004-та година победи Бранко на претседателските избори, иако ОБСЕ/ОДИХР излегоа со извештај во кој беа нотирани масовни полнења на гласачки кутии, замислете во извештај да ви пишува масовни полнења кутии на изборите, понатаму вооружени лица во близина на гласачки места, физички инциденти, непрочистен избирачки список, семејно гласање и ред други тешки пропусти и недостатоци, нешто што на овие избори ништо од ова не се случи, тогаш СДСМ излезе и ги призна за фер овие избори. Тоа е двојниот стандард и аршин на СДСМ. А што се однесува до медиумите, паметам тогаш во тие времиња честопати имавме проблем да воопшто некоја тв камера ни дојде на организирана прес-конференција”, изјави Груевски.
Груевски исто така потсетува дека пред овие избори заеднички со СДСМ биле усогласени измените и подобрувањата на изборниот закон, а заеднички биле изгласани и во Парламентот, а најголем дел од измените се базирале и на препораките на ОБСЕ/ОДИХР./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

