Македонија
Стојановски: Оставката ја поднесов вчера од лични причини
Министерот за образование Перо Стојановски оставката до премиерот Никола Груевски ја почнел уште во средата и тоа од лични причини
Министерот за образование Перо Стојановски оставката до премиерот Никола Груевски ја поднел уште во средата и тоа од лични причини.
„За жал и покрај силната и искрена желба не успеав во залагањата за деполитизација на образовните институции, како и во отстранување на политиката од училиштата.
Ваквите тенденции секогаш се кршеа врз грбот на учениците и нивните родители, па така често пати Министерството за образование, а и јас како ресорен министер, морав да решавам проблеми кои немаат допир со образованието“, ги образложи попладнево Стојановски причините за оставката преку официјално соопштение.
Стојановски во оставката наведува и низа успешни проекти за време на неговиот мандат, како имплементација на деветгодишното основно образование, воведување на изучување англиски јазик од прво одделение, бесплатни учебници, зголемувањето на фондот на часовите по физичко образование, реконструкција на санитарни јазли во училиштата и слично.
За време на мандатот на министерот Стојановски имаше и неколку неуспешни реформи кои што Министерството за образование и наука се обиде од оваа година да ги воведе во македонскиот образовен систем.
Уставниот суд ги оцени како неуставни двете најголеми новини што се воведоа од учебната 2008/2009 година – веронауката и екстерното тестирање.
Веронауката падна на уставен суд во средината на месец април. Судот донесе одлука за укинување на членот 26 од Законот за основно и средно образование, со образложение дека одредбата е спротивна на Уставот.
Вероучителите, кои беа вработени во училиштата одржаа протести во Скопје против таквата одлука, а јавноста остана поделена по тоа прашање.
Уставниот суд на почетокот од овој месец донесе одлука и за укинување на екстерното тестирање на учениците од четврто до осмо одделение и за средношколците, кое што беше прекинато во истиот момент кога почна да се спроведува.
Таквото тестирање имаше за цел да ја процени објективноста при оценувањето од страна на наставниците.
Ваквата контрола на знаењето – според уставните судии, не може да ја вршат ресорното Министерство и Државниот просветен инспекторат – тоа треба да го прави некоја образовна институција.
Наставниците кои членуваат во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во ноември, минатата година штрајкуваа десеттина работни денови со барање да им се зголемат примањата и трајно да се вработат просветните работници кои работат со договор на дело.
Тогаш наставата беше прекината неколку седмици во поголемиот дел од училиштата низ Македонија.
Оваа година не успеа ниту проектот – компјутер за секое дете.
Компјутерите беа доставени во најголемиот дел од училиштата, но поради необученоста на наставниот кадар да врши настава на тој начин, тие останаа неупотребени на училишните клупи.
Коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ во последно време искажа отворено незадоволство од работата на министерот Стојановски./крај/амп/мс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

