Свет
На Владата баш и е гајле
Владата, што е сопственик на паднатиот "кингер", не знае кој треба да даде дозвола за увид во остатоците од авионот и допрва ќе ја проверува правната процедура
СКАНДАЛ: АМЕРИКАНСКИТЕ АДВОКАТИ БАРААТ УВИД ВО ОСТАТОЦИТЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ АВИОН
Владата, што е сопственик на паднатиот "кингер", не знае кој треба да даде дозвола за увид во остатоците од авионот и допрва ќе ја проверува правната процедура
Несреќата на претседателскиот авион кај Мостар е влезена во судска процедура во САД, американските адвокати бараат увид во остатоците на кингерот, а македонските власти се спокојни – дел не знаат за процесот а другите се прогласуваат за ненадлежни.
"Вест" во два наврати, и во петокот и вчера се обрати до Владата, што е сопственик на паднатиот авион, за коментар дали ќе дозволи увид во остатоците на кингерот. Но, прецизен одговор не добивме. Портпаролот Сашо Чолаковски изјави дека досега на Владина седница не било разговарано за таква работа. "Треба да се види кој треба да даде таква дозвола, дали Владата или обвинителството. Ќе треба да се провери правната процедура", ни рече вчера Чолаковски.
Дејвид Л.Фиол, претставник американската адвокатска фирма "Лив Кабрасер, Хајман и Бернштајн" од Сан Франциско, која ги застапува семејствата на загинатите пред американскиот суд, во петокот изјави за "Вест" дека нивните претходни контакти со владините службеници во Македонија останале без одговор за тоа дали ќе им биде дозволен пристап до остатоците од "кингерот".
"Ќе бараме дозвола да ги видиме и евентуално да тестираме делови од остатоците од авионот", најавија американските адвокати.
Раководителот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Горан Минчев нема информации за било каков процес поврзан со несреќата на "кингерот".
"Откако се донесени остатоците на "кингерот" во Македонија, никој од нас не побарал да изврши увид. Не можам да ви посочам до кого треба да се достави барањето, но ако некој го достави до нас, ќе го проследиме до Владата. Владата најверојатно ќе одобри, но не би сакал да прејудицирам, зашто не знам дали е тоа во надлежност на Владата, или можеби на Судот", изјави Минчев.
И Управата за цивилна воздушна пловидба вели дека не е надлежна за натамошната истрага на несреќата.
"До УЦВП нема доставено такво барање ниту пак може да се достави, затоа што за остатоците од ‘кингерот’ е надлежна владината Служба за општи и заеднички работи", тврди воздухопловната власт.
Деловите од претседателскиот авион кои беа најдени по несреќата кај Ротимље, година и половина прележаа во хангар на Мостарскиот аеродром. Дури откако "Вест" ги пренесе изјавите на повеќемина воздухопловни експерти оти тие се неопходни за било која следна истрага за несреќата и по неколкуте потсетувања од сараевските власти дека ќе ги уништи остатоците доколку Македонија не си ги земе, во јули 2005 тие дојдоа во земјава. Тие се сместени во хангар на АРМ на Скопскиот аеродром. Владините претставници тогаш изјавуваа оти остатоците од "кингерот" во секое време ќе бидат достапни во случај да се обнови истрагата за падот на авионот. Сега за нив се заинтересираа американските адвокати од фирмата "Лив Кабрасер, Хајман и Бернштајн", кои го тужат америиканскиот производител на авионот – "Рејтион еркрафт компани".
"Во САД, генерално на сите заинтересирани страни им е дозволен пристап до остатоци од авион за испитување и тестирање откако е завршена официјалната истрага, и тоа или на доброволна основа или со судска одлука. Се надеваме дека истите права се признаени и во Македонија и дека идеално, Владата доброволно ќе им дозволи на страните да ги испитаат и тестираат остатоците на нивно оправдано барање", изјави претставникот на американската адвокатска фирма, Фиол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Свет
Трамп вели дека ќе разговара со Маск за враќање на интернетот во Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека планира да разговара со милијардерот Илон Маск за враќање на интернетот во Иран, каде што властите го прекинаа интернетот поради антивладините протести.
„Тој е многу добар во тоа, има многу добра компанија“, им рече Трамп на новинарите кога го прашаа дали би ја ангажирал компанијата на Маск, SpaceX, која нуди сателитска интернет услуга наречена Starlink.
Откако милијардерот помогна во финансирањето на успешната претседателска кампања на Трамп, а подоцна иницираше големи намалувања на буџетот за федералната влада, пријателскиот пар се скара минатата година кога Маск се спротивстави на клучниот закон за даноци на Трамп.
Но, се чини дека ги поправија своите врски, вечерајќи заедно во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп овој месец.

