Свет
Шпанско село нема кој да го урне
Министерството за транспорт и врски заборави дека треба да ја урне дивата населба од луксузни куќи на Водно која скопјани ја нарекоа Шпанско село.
ДРЖАВАТА ГИ ЗАБОРАВИ СВОИТЕ ОБВРСКИ
Две години по узурпацијата на парк – шумата Водно за да се изградат луксузните вили, Министерството нема конкретен план за уривање, велат дека Шпанско село ќе се урива годинава, но се уште не знаат кога ќе биде а
Министерството за транспорт и врски заборави дека треба да ја урне дивата населба од луксузни куќи на Водно која скопјани ја нарекоа Шпанско село. Две години по актуализирањето на узурпацијата на парк – шумата Водно за да се изградат луксузните вили, Министерството нема конкретен план за уривање. Од таму велат дека Шпанско село ќе се урне, но не знаат точно кога би почнала една таква акција.
“Шпанско село ќе се урива и тоа оваа година, но не сме определиле кога точно ќе се случи тоа. За оваа година на градежната инспекција и се одобрени 15 милиони денари за уривање, исто како лани. Треба да се направи проценка колку би чинело уривањето и изнесувањето на сметот за да се утврди дали овие пари би стигнале и за уривање на Шпанско село и за сите останати уривања низ Македонија оваа година”, рече Лидија Станчевска, портпарол на Министерството за транспорт и врски.
Станчевска вели дека елаборатот за уривање на Шпанско село е подготвен и во него има детаљен опис со дигитална фотографија за секој објект поединечно. Утврдено е и дека треба да се урнат вкупно 78 објекти кои се надвор од границите на Генерланиот урбанистички план и немаат можност за легализација.
Според грубите проценки на урбанистите, Шпанско село ја оштети државата за најмалку 1,5 милиони евра, доколку се земе предвид дека комуналиите за еден квадратен метар во Карпош на чија територија се луксузните зданија чинат 100 евра. Трајна штета е направена и на парк – шумата Водно. Куќите се во заштитниот појас и за да се изградат се сечеше шумата и се срамнуваше брдото. Државата молчи и не презема мерки за дивиот водовод изграден за потребите на Шпанско село. Единствен изговор е дека и тој ќе се урива кога ќе се уриваат куќите, а никој не презема мерки и против ЕСМ кое им пушти струја и повеќе од две години ги третира куќите како легални градби.
Државата најавува дека ќе го урне Шпанско село уште од 2003 година. Откако се актуализираше во јавноста узурпирањето на Водно и почнаа да се изготвуваат решенија за уривање, Градежната инспекција немаше доволно пари за една таква обемна акција. Министерството неколку месеци подоцна одобри средства, но тамам да почне уривањето, падна снег. Потоа се изготвуваше елаборат, па се најавуваше дека Шпанско село ќе ја чека пролетта, но и пролетта не можеше да се урива, бидејќи загина Претседателот па имаше избори, а за време на избори за да не се бранува јавноста, не се уривало. Изборите завршија, фати лето и на ред за уривање дојде Трпејца, а на Шпанско село се заборави. Портпаролката Станчевска даде ново објаснување за доцнењето на уривањето.
“Лани поради акцијата во Трпејца не останаа пари за Шпанско село. Оваа година не можевме да почнеме, бидејќи не се урива во зима, а околу Нова година имавме и смена на министерот. Потоа се распиша нов тендер за избор на фирма која ќе урива. Тука ни се појавија некои проблеми, бидејќи претседателот на комисијата за тендерот се откажа од таа функција, па се избираше нов и тендерот се уште не е завршен”, објасни Станчевска. М.Илиевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

