Свет
Таен совет во САД составува списоци на луѓе „за отстрел“
Исламските милитанти со американско потекло, како неодамна убиениот Анвар ал-Авлаки, се наоѓаат на листа за убивање или заробување подготвувана од страна на таен совет составен од високи владини функционери, кои потоа го известуваат претседателот.
Исламските милитанти со американско потекло, како неодамна убиениот Анвар ал-Авлаки, се наоѓаат на листа за убивање или заробување подготвувана од страна на таен совет составен од високи владини функционери, кои потоа го известуваат претседателот.
Нема јавни записи за постоењето, за неговите операции и за одлуките кои ги носи овој совет, кој е пододдел на Советот за национална безбедност (НЦС), ниту, пак, постои закон според кој е регулирана неговата работа, тврдат повеќе американски функционери за агенцијата Reuters, но одбиваат да бидат именувани.
Советот стои зад и одлуката да биде елиминиран Авлаки, проповедник на исламскиот милитантизам со блиски врски со ал Каеда, роден во САД. Тој беше убиен во Јемен минатиот месец со беспилотно летало.
Улогата на претседателот на САД во наредувањето и ратификувањето на одлуките да елиминира одреден американски државјанин е многу маглива. Портпаролот на Белата куќа, Томи Виетор, одби да дискутира за што и да било поврзано со овој совет и неговите одлуки.
Овој ироничен пресврт посочува дека претседателот Обама, кој ја водеше кампањата за претседател напаѓајќи ја претераната употреба на извршната власт од страна на неговиот претходник Џорџ Буш во неговата „војна со тероризмот“, сега е под обвинение дека користи слични тактики. Овие тактики вклучуваат тајни законски оправдувања за операциите и недостапни за јавноста проценки на разузнавачките служби.
Американските либерали го осудија нападот врз Авлаки како вонсудско убиство. Конзервативците, пак, го критикуваат Обама поради тоа што одбил во јавноста да биде објавено мислењето на Одделот за правда на САД, кој, наводно, го одобрува убиството. Тие го обвинуваат Обама за дволичност, затоа што инсистирал да се објават документите од ерата на Буш поврзани со техниките за испрашување кои многумина ги поистоветија со мачење, но одбил да се објави оправдувањето за тоа што дозволил да се убие американски жител без неопходниот легален процес.
Мала светлина на работата на овој таен совет фрли демократскиот сенатор, член на Комисијата за разузнавање на американскиот конгрес, Дач Руперсбергер, кога бил запрашан од новинарите за убиството.
„Процесот на носење на одлуката вклучува тоа првин да мине низ НСЦ, потоа, можеби, доаѓа и до претседателот, но НСЦ ја спроведува целата истрага, тие имаат адвокати, средства да спроведат истрага, имаат достава на информации од армијата, а ние сме тука да се осигураме дека се почитуваат меѓународните закони“, вели Руперсбергер.
Информациите за тоа колку е претседателот вклучен во овој процес се различни, едни тврдат дека воопшто не е известен, наводно, со цел да биде заштитен од одговорност, а други дека е информиран за секој одделен случај и ако одбие, целата операција се прекинува.
Други функционери, пак, тврдат дека улогата на претседателот е многу позамрачена отколку што тврди сенаторот. Тие велат дека препораките за тоа кој да се стави на „листата за отстрел“ги носи комисија составена од службеници на НСЦ од среден ранг. Нивната одлука потоа се испраќаат до советот на „првенци“ на НСЦ, кој го одобрува. Советот е составен од различни луѓе од различни области, во зависност од видот на планираната операција.
Советот своите одлуки ги оправдува со тврдењето дека истите се веќе одобрени кога Конгресот ја авторизираше употребата на воена сила против милитантите по нападите од 11 септември 2001 година, а исто така и според меѓународниот закон, ако една зеја се бидува да се одбрани.
Кога треба да се елиминира странски државјанин кој е вмешан во милитантните операции на исламистите, тогаш не се бара посебна одлука ниту од тајниот совет, туку одлуките ги носат самите разузнавачи. /крај/reuters/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

