Македонија
Македонска иницијатива за расправа за состојбите на Ромите во Европа

Состојбата на Ромите во Европа ќе биде темата на конференцијата што денеска ќе се одржи во Стразбур по иницијатива на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски како претседавач со Комитетот на министри на СЕ и Генералниот Секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд
Конференцијата доаѓа во време кога Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун пред Советот на Европа во Стразбур изрази жалење поради тоа што развиените земји ја користат загриженоста за имиграцијата и рецесијата како изговор за примена на политика на дискриминацијата и исклучувањето. „Во многу од развиените земји, имиграцијата и економската рецесија предизвикуваат растечка загриженост која се повеќе им служи како изговор за политичката дискриминација и исклучувањето,“ рече Бан на церемонијата на одбележувањето на 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права. На конференцијата покрај Милошоски, свое обраќање ќе има и Неждет Мустафа – министер без ресор во Владата на РМ и национален координатор за Декадата на Ромите, ќе бидат дискутирани главните прашања кои ја тангираат положбата на Ромите во европските земји и се очекува да биде изразена цврста политичка волја на државите-членки на СЕ во борбата против дискриминацијата и предрасудите кон Ромите, соопштија од Министерството за надворешни работи.Предвидено е на конференцијата да се усвои Стразбуршка Декларација што содржи листа на приоритети кои треба да служат како насоки за земјите-членки за поинтензивни активности во повеќе значајни областа за унапредување на состојбата на Ромите во Европа. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун вчера на Советот на Европа во Стразбур рече дека остварувањето на човековите права за сите, не е невозможен сон, но дека претстојат бројни предизвици по ова прашање и демократските земји треба да дадат пример. „Кога говориме за човековите права не треба да бидеме селективни. Човековите права не се мени од кое може да бираш што ќе земеш,“ рече Бан Ки Мун. Ромите од многу европски држави отворено ја обвинија Франција како и Европската Унија за расизам и дискриминација, откако францускиот претседател Николас Саркози во јули годинава реши да протера околу 400 Роми во Романија и Бугарија, под изговор дека тоа е дел од борбата против криминалот во земјата. Многу од експертите и борците за човекови права низ светот, ваквите постапки ги осудија и ги нарекоа „расистички потези на Саркози и неговата влада“ и уште еднаш потсетија за лошата социјална положба и сиромаштија во која се наоѓаат повеќето Роми низ Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски во Брисел ја предводи македонската делегација на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана

Денеска (15 октомври), во Седиштето на НАТО во Брисел, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО на кој присуствуваа министрите за одбрана на сите 32 сојузници.
На состанокот министрите за одбрана се осврнаа на повеќе теми поврзани со безбедноста. Тие заеднички ја потврдија определбата за имплементација на обврските преземени на Самитот во Хаг во јуни оваа година, особено во контекст на интензивниот развој на способностите и капацитетите, како и во однос на инвестирањето во одбраната. Воедно, министрите се согласија дека Алијансата и земјите-членки се целосно посветени на одбраната и одвраќањето, како и на заштитата на секоја педа сојузничка територија.
Министерот Мисајловски даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на способностите на Алијансата, истакнувајќи ја важноста регионот на Западниот Балкан да остане мирен, стабилен и безбеден. Мисајловски порача дека нашата земја останува целосно посветена на придонесот кон колективната безбедност, имајќи го предвид придонесот во мисијата КФОР на Косово и учеството во рамките на мултинационалните сили на Алијансата во Бугарија, Романија и Латвија. Министерот пред колегите од земјите-членки порача дека македонската Армија засилено се опремува и модернизира, како и дека земјата има јасен план за раст на инвестициите во одбраната и безбедноста, согласно одлуките од Самитот на НАТО во Хаг.
На состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој учествува и Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас земјите членки на НАТО ќе ја потврдат определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина.
Во рамки на денешните активности во Седиштето на НАТО, министерот Мисајловски ќе учествува и на состанок на Контакт Групата за Украина.
Македонија
Грозданов: Ќе се реконструира кочанската болница, ќе изградиме затворен базен, а ќе инвестираме и во нови патишта и водоводни системи

Владко Грозданов, натпартиски кандидат за градоначалник на Општина Кочани поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, денес одржа прес-конференција на која најави голем инвестициски план за развој на Кочани.
„Ветуваме 100 милиони евра капитални инвестиции за Кочани – инвестиции за иднината на нашите деца, за подобар живот и посилен регион,“ истакна Грозданов, во присуство на координаторот на Владата за Кочани, Марија Митева.
Средствата, како што нагласи, ќе бидат насочени исклучиво во инфраструктура и капитални проекти, во соработка со меѓународни партнери, а не станува збор за редовни буџетски трансфери.
Грозданов најави реконструкција и модернизација на кочанската болница со нова медицинска опрема, нови одделенија и подобри услови за вработените.
Во делот на спортот, културата и младите, тој најави изградба на затворен базен, како и нови спортски сали достапни за сите граѓани и спортски клубови, со цел поттикнување на здрав и активен начин на живот.
„Крупните капитални проекти ќе се реализираат во патна, комунална и урбана инфраструктура – нови патишта, канализациони и водоводни системи, уредување на градскиот простор. Со тоа ќе се отворат нови работни места и ќе се поттикне локалната економија,“ рече Грозданов.
Тој порача дека со овие инвестиции Кочани ќе стане центар на источниот регион:
„Кочани веќе нема да биде на маргините. Со овој план, градот ќе биде во фокусот на државните и меѓународните инвестиции – пример за тоа како една општина може да се развива со чесност, визија, стратегија и партнерство.“
Македонија
Андоновски: Владата се посветува на дигиталната инфраструктура во Прилеп

На денешната промоција на Националниот портал за електронски услуги во Прилеп, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со пратеникот Дејан Проданоски, присуствуваше на настанот. Министерот истакна дека, како ресорно министерство и како Влада, се посветуваат на дигиталната инфраструктура во Прилеп, но и низ цела Македонија.
„Токму тука, на плоштадот во Прилеп, ќе биде поставена бесплатна Wi-Fi зона со интернет достапен за сите граѓани на општина Прилеп. Ова е еден голем европски проект кој го реализираме низ општините во Македонија, а Прилеп е еден од приоритетните градови“, истакна Андоновски.
Тој најави дека во наредниот период ќе биде пуштен и новиот Центар за услуги во Прилеп, преку кој граѓаните ќе можат брзо, лесно и ефикасно да ги добијат потребните услуги.
„Ја користам оваа прилика да најавам дека и Прилеп, по примерот на другите општини, ќе добие нов Центар за услуги (ЕТУ Прилеп), кој ќе ги доближи сите електронски услуги достапни на Националниот портал – uslugi.gov.mk – до граѓаните на општина Прилеп. Овој центар ќе биде воспоставен во соработка со локалната самоуправа, и очекуваме дека ќе го отвориме во наредните 3 до 6 месеци“, најави Андоновски.