Македонија
Истражниот судија има обврска да ја преиспитува одлуката за притворот на Кежаровски
Истражниот судија во случајот „Ликвидација“ во текот на постапката има обврска по службена должност да ја преиспитува одлуката за притворот на новинарот Томислав Кежаровски од весникот Нова Македонија, кој беше приведен за откривање на идентитетот на заштиетниот сведок во случајот Ореше.
Ова го изјави истражниот судија задолжен за односи со јавност на Основниот суд Скопје 1, Владимир Туфегџиќ по средбата на тројца членови на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски со претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски , Туфегџиќ и уште еден судија.
Притворот на Кежаровски му бил одреден заради опасност од бегство и влијание на сведоците кои во овој дел од истражната постапка сé уште не се сослушани. Адвокатот на Кежаровски кој му бил доделен по службена должност не поднел жалба на решението за притвор што го одредил истражниот судија.
Туфегџиќ вели дека во 2008 година, кога Кежаровски го отркил идентитетот на заштитениот сведок од случајот Ореше во весникот „Репортер92“, сведокот формално правно имал статус на заштитен сведок.
„Лицето се стекнало со статус на заштитен сведок на 5-ти ноември 2008 година и неговиот натамошен статус бил под псевдоним ’Бреза’. Како таков, бил на распит пред истражен судија со псевдоним ’Бреза’ и во таа смисла значи по дваесетина дена, на 28-ми ноември објавен е напис во весникот ’Репортер’ во кој е откриен идентитетот на заштитениот сведок. По овој напис во истиот весник по 20-тина дена Кежаровски го објави и записникот за распит на заштитениот сведок и во таа смисла стана јасно дека новинарот знае дека лицето има таков статус. Сево ова е од описот и доказите кои се доставени од јавниот обвинител до истражниот судија и можам да истакнам дека во понатамошниот тек на постапката треба да бидат преземени и други дејствија меѓу кои и сослушување на сведоци“, изјави Туфегџиќ.
Новинарите побарале од судот да се има предвид дека се работи за новинар и побарале да им се одговори на прашањата дали пред објавувањето на текстот лицето имало статус на заштитен сведок и дали е измислен и лажен заштитен сведок, имајќи предвид дека во февруари годинава заштитениот сведок го откри идентитетот и рече дека полицијата го присилила да биде заштитен сведок.
Судиите одговориле дека формално правно тој бил заштитен сведок, но дека натаму ќе се утврдува дали е измислен и лажен сведок.
„Една од причините поради кои можеби ја открил оваа приказна, го разоткрил својот идентитет и кажал дека полицијата го гони, е неговото поранешно сведочење пред судот дека доколку му биде откриен идентоитет на заштитен сведок тој ќе ја негира приказната. Тоа значи дека имаме една правна заврзлама во приказната, ние не знаеме што ќе се изроди од случајот Ореше“ изјави главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски.
На почетокот на оваа година се случи пресврт во судскиот процес Ореше, кога заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза“, кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство во село Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски.
Браќата беа ослободени по третпат од обвинението дека во 2005 година по нарачка на Ѓоре Петровски го убиле 74-годишниот Лазар Милошевски./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

