Свет
Американскиот суд го отфрли случајот против Строс-Кан
Американскиот судија Мајкл Обас го отфрли случајот против поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Строс-Кан, кој беше обвинет за сексуален напад.
Американскиот судија Мајкл Обас го отфрли случајот против поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Строс-Кан, кој беше обвинет за сексуален напад. Судијата го отфрли случајот на барање на обвинителот, кој се откажа од тужбата поради утврдени лаги во исказите на собарката во њујоршкиот хотел Софител, 32-годишната Нафисату Диало. На овој начин заврши три месечната судска сапуница, поради која Строс-Кан го загуби местото директор на ММФ, и која тешко му наштети на неговиот углед. Поранешниот шеф на ММФ беше обвинет по седум точки, меѓу кои и за силување и сексуален напад. Државниот обвинител на Њујорк, Сајрус Ванс појасни дека собарката Диало, која го обвини Строс-Кан дека ја принудил на орален секс во апартманот во хотелот Софител, на 14.мај, во повеќе наврати на истражителите им зборувала невистини. Таа според обвинителот дала „три контрадикторни верзии“ на она што се случувало. Таквите изјави „сериозно и наштетиле на нејзината веродостојност“ и во тој случај, како што додаде обвинителот, не сакал да го прифати ризикот да го загуби процесот. Претходно, судот во Менхетн, го одби барањето на хотелската собарка, де се именува специјален обвинител за случајот. Се уште е непознато дали поранешниот директор на ММФ веднаш ќе го добие назад својот пасош и дали ќе може да ги напушти САД. крај/х/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рутe: НАТО мора да ја зајакне безбедноста на Арктикот
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека рамковниот договор за Гренланд што го договорил со американскиот претседател Доналд Трамп имплицира дека сојузниците на НАТО ќе мора да ја зајакнат безбедноста во арктичкиот регион.
Руте на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос изјави дека првите резултати од зголемената безбедност на Арктикот ќе бидат видливи оваа година, пренесува Ројтерс.
„Ќе се собереме во НАТО со нашите високи команданти за да разработиме што е потребно. Не се сомневам дека можеме да го направиме тоа доста брзо. Секако се надевам за 2026 година, се надевам дури и на почетокот на 2026 година“, рече Руте.
Тој истакна дека сега е до командантите на НАТО да ги разработат деталите за дополнителните безбедносни барања и дека е сигурен дека членките на НАТО, кои не се блиску до Арктикот, исто така ќе сакаат да придонесат.
Руте рече дека за време на разговорот со Трамп, темата за експлоатација на критични минерали во Гренланд не била покрената.
Според него, напорите за зајакнување на безбедноста на Арктикот нема да влијаат на ресурсите за поддршка на Украина во нејзината војна со Русија.
Тој истакна дека конкретните преговори за Гренланд ќе продолжат меѓу Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, кој е автономна данска територија.
Руте рече дека разговарал со Трамп и за тоа како да се обезбеди безбедноста на седумте арктички земји и како може да се осигура НАТО да го обезбедува Арктикот.
„Разговаравме како да се осигураме дека Русите и Кинезите нема да добијат пристап до економијата на Гренланд или во воена смисла“, додаде Руте, објави Танјуг.
Свет
Ова се земјите што дојдоа да го формираат Одборот за мир на Трамп
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го претстави својот Одбор за мир. На церемонијата присуствуваа помалку од 20 земји, а меѓу нив не беше ниту еден од традиционалните западноевропски сојузници на Соединетите Американски Држави.
Меѓу земјите чии претставници учествуваа на сцената, доминираа земјите од Блискиот Исток и Јужна Америка, заедно со помал број европски и азиски земји, вклучувајќи ги Бахреин, Мароко, Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Унгарија, Индонезија, Јордан, Косово, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Монголија.
Ниедна западноевропска нација не учествуваше, а некои изразија загриженост во врска со идејата за комитет кој би можел да вклучи противници како Русија.
Трамп објави дека Одборот за мир веќе започнал со работа и „работи прекрасно“. „Имаме одлична група луѓе и неверојатни млади луѓе кои го водат одвнатре“, рече тој.
На присутните лидери, кои ги нарече „во повеќето случаи многу популарни лидери, во некои случаи не толку популарни“, Трамп рече: „Навистина ни е чест што ве имаме тука денес“.
Иако меѓу членовите немаше европски сојузници, Трамп рече за собраната група: „Всушност, ми се допаѓа оваа група. Ми се допаѓа секој од нив. Можете ли да верувате?“
Тој додаде: „Обично имам двајца или тројца кои не ми се допаѓаат. Сега не гледам такви“.
Што е Одборот за мир?
Првично замислен како мала група за надгледување на прекинот на огнот во Газа, проектот оттогаш прерасна во нешто многу поамбициозно. Околу 60 земји се поканети да се приклучат на одборот, по цена од 1 милијарда долари по земја доколку сакаат трајно членство.
Трамп треба да биде првиот претседател на одборот, а плановите предвидуваат тој да служи доживотно.
Новото тело се оформува по американските воени напади врз Венецуела и заканите на Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд и да интервенира во Иран.
Трамп првпат ја изнесе идејата во септември, кога објави план за прекин на војната во Газа. Подоцна рече дека мандатот на одборот ќе се прошири надвор од Газа за да вклучи решавање на други глобални конфликти и промовирање мир низ целиот свет.
Статутот на одборот наводно наведува дека неговиот претседател, Трамп, ќе има широки извршни овластувања, вклучувајќи го правото на вето на одлуките и можноста за отпуштање членови.
Белата куќа ги избра државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, како и поранешниот британски премиер Тони Блер, за членови на основачкиот извршен комитет на иницијативата.
Сè уште има многу прашања за тоа каков ќе биде мандатот на Мировниот комитет и како ќе функционира, поради што некои земји се двоумат да одговорат на поканите. Други се прашуваат зошто рускиот претседател Владимир Путин и други авторитарни лидери воопшти беа поканети.
фото/епа
Свет
СЗО: Заминувањето на САД ги загрозува глобалните здравствени напори
Светската здравствена организација жали за повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Организацијата, изјави денес генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Според договорот меѓу САД и СЗО, повлекувањето стапува на сила денес, по истекот на задолжителниот едногодишен рок за известување.
Тедрос напиша на платформата „Икс“ дека СЗО има клучна улога во заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето ширум светот, вклучително и на Американците, преку справување со причините за болести, зајакнување на здравствените системи и откривање, спречување и реагирање на здравствени вонредни состојби, вклучително и епидемии на болести, честопати на опасни места каде што другите не можат да дејствуваат.
„Соединетите Американски Држави беа основачи на СЗО во 1948 година и оттогаш учествуваа во обликувањето и управувањето со работата на Организацијата, заедно со 193 други земји-членки, вклучително и активно учество во Светското здравствено собрание и Извршниот одбор“, рече Тедрос.
Како што истакна, повеќе од седум децении СЗО и САД спасија безброј животи и ги заштитија луѓето од закани по здравјето.
„Заедно ги искоренуваме сипаниците и заедно ја доведовме детската парализа до работ на искоренување. Американските институции придонесоа за работата на СЗО и имаа корист од нејзиното членство“, нагласи Тедрос.
Според него, со учество на Соединетите Американски Држави и другите земји-членки, во последните седум години, СЗО го спроведе најголемиот бран реформи во својата историја, со цел да се подобри одговорноста, економичноста и влијанието на терен.
„Оваа работа продолжува. Се надеваме дека Соединетите Американски Држави ќе ја преиспитаат својата одлука и со нетрпение очекуваме конструктивен дијалог за да се зачува партнерството меѓу САД и СЗО, во корист на здравјето и благосостојбата на милиони луѓе низ целиот свет“, заклучи генералниот директор на СЗО.
Соединетите Американски Држави денес престануваат да бидат членка на Светската здравствена организација.
Денешниот датум го означува крајот на едногодишниот рок за известување предвиден со меѓународните правила и процедури за повлекување од Организацијата.
Според медиумите, САД со години се најголем донатор на оваа организација, па затоа СЗО сега е принудена да спроведе строга програма за штедење, со намалување на бројот на вработени и буџетот за околу една петтина.

